„Соколска застава“

Соколското друштво

Соколското друштво во Прилеп е формирано во 1924 година. Во него членувале младинци-ученици, раководени од професорите и наставниците, занаетчиски работници, учители, а имало зачленети и младинки. Управата ја раководеле чиновници, режимски лица и неколку локални трговци. Најдолго време на чело на управата бил трговецот Тоде Ношпал, а имало и професори, учители и судии. Извесно време началник бил Димитрија Најдоски , кој бил стручен учител по фискултура во Гимназијата.
Во 1924 година започнала и градбата на Соколскиот дом, а градбата завршила во 1927 година.
Соколски чети биле формирани речиси во сите поголеми села во околината на Прилеп. Соколското друштво броело 300-400 членови со околината. Тоа приредувало настапи од јавен карактер во градот. Во зимно време изведувале академии со вежби на сцената во Соколскиот дом, на справи и на обични вежби, како и игранки. Во летно време јавните часови се изведувале на спортското игралиште.

Во 1937 година бил организиран и градски соколски слет. Освен тоа, соколите учествувале на слетови и во други градови: Крушево, Скопје, Битола, Куманово и др. Соколите учествувале и на сесојузни слетови во Љубљана (1932), Загреб (1934), Суботица (1936), Сараево (1937) и во Белград. Забечежителен е и настапот во Прага, Чехословачка (1932) и двапати во Софија.

Соколска жупа „Краљевић Марко“

Прилепското соколско друштво било член на Соколската жупа „Краљевић Марко“ од Скопје. Соколската жупа е формирана во 1924 година во Скопје. Во 1927 година Соколарската жупа прераснала од седиште во Скопје во центар на соколарството на  „Јужна Србија“.  Во  1928 година  бројот на членовите и активностите на жупата битно се зголемиле.  Активноста на жупата особено дошла до израз на жупанскиот слет одржан на Духовден во 1933 година. Покрај 41 друштво на соколари по градовите,  во жупата имало и 72 постојани и 34 привремени чети, а вкупниот број на соколарите изнесувал 17.000 членови. Соколите имале посебна парадна и вежбовна облека, значки и легитимации. Добивале и државна помош во пари.
Соколската жупа од Скопје редовно го издавала „Соколски гласник’, печателе книги, брошури и прирачници за пропагирање на соколството. Соколите имале привилегии за патување со воз и служеле воен рок помалку за три месеци од редовната војска.

Соколското друштво, всушност, било големосрпска режимска организација. И покрај тоа, тука учествувала и напредната работничка, како и средношколската младина. Непосредно пред Втората светска војна, со почетокот на фашизацијата на земјата, почна да се фашизира и Соколското друштво, поради што напредните младинци го напуштија. Членовите дури на двапати и штрајкувале, бидејќи друштвото потпаднало во рацете на злогласната „Црна рака“.

Нема Коментари

Коментирај