Смолани се наоѓа на источната страна на територијата на општина Прилеп, во горното сливно подрачје на реката Раец, на надморска височина од 650 метри. Атарот зафаќа површина од 9,7 км2.
Смолани лежи во присојот на врвот Четири Буки, од двете страни на Реката, која е лева притока на Царевиќка Река, а во тесната рамнина на кањонската пресечена долинка. Во селото има „кладенче“, кое во лето „намалува“, па по вода се одело во соседното Дрен. Селото отсекогаш било христијанско и од збиен тип, со праволиниска форма. Во почетокот на ХХ век имало 18 куќи, и тоа: Станоевци (10) и Данчевци (8).
Во годините кога било населено, сточарството било главна земјоделска стопанска одлика. Трговски гледано, Смолани „отсекогаш било слободно“. Нивите се наоѓале на рамнините над долинските пресеци околу селото. Земјата е црвеница и „не чини“, а градините биле во рамнините на Царевиќка Река. Во селото се одгледувале боболки (црници) за свилена буба. Кожурците се носеле во Прилеп на пазар. Четири Буки е селска планина, а пасиштата се на Тумбата преку Царевиќка Река.
Во XIX век Смолани се наоѓало во Прилепската каза на Османлиската империја.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Смолани имало 215 жители, сите христијани.
Во почетокот на ХХ век, населението во селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Смолани (Слулани) имало 200 жители и работело „бугарско“ училиште.
Најстарите жители на Смолани се населиле тука во средината на XVIII век, и тоа како доселеници од Старо Село под Тумба. Најстари фамилии се Данчевци-Буцаровци и Станоевци. Сите тие за домашна слава ја имаат Митровден. Други постари доселеници се: Петковци (некој Петко од Вепрчани дошол домазет кај Станоевци во почетокот на XIX век; слават Митровден); Стевковци (некој дедо Крсте бил донесен во пелени од селото Глоговица, „кога селото го испустиле Арнаутите“ во почетокот на XIX век; слават Митровден).
Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 62; 1953 = 45; 1961 = 20; 1971 = 2. Според пописот од 1981 година, Смолани е целосно исселено село.
Во Смолани се наоѓа црквата посветена во чест на „Свети великомаченик Димитриј“. Оваа црква почната е да се гради уште во 1905 година. Меѓутоа, по осветувањето на темелите, изградбата била запрена од турските власти, а дури по Уриетот од 1908 година, градбата продолжила, за истата да биде довршена во 1909 година. Бидејќи селото било со мал број на жители и осиромашено, тие не можеле веднаш да ја подготват црквата за осветување. За тоа влијаеле и историските настани од овој период (Балканските војни, Првата светска војна, поделбата на Македонија на три дела и разните окупации).
Благодарение на иницијативниот одбор и членовите Никола Насевски, Методија Илиевски, Методија Спирковски, Томе Трајковски, Ило Велкоски и Спасе Конески, на 21 мај 1972 година, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски господин Доситеј, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Американско-канадско-австралиски господин Кирил, како и повеќе свештенослужители од Прилепското архиерејско намесништво, благоизволи да го изврши чинот на осветување на оваа црква.
За Смолани треба да се знае дека тука е роден Димитар Насов, револуционер и прилепски селски војвода на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација. Тој бил војвода на селската чета во родното село од 1903 година.
Во близина на Смолани е убиен Ќуќук Сулејман, познат кај народот како Ќуќук Суљо, заедно со целата негова разбојничка банда, кој бил проклет и лош Турчин. Организатор на оваа ликвидација бил прота Аврам Петров, кој бил еден од претседателите на црковно-училишната општина во Прилеп, кога Ќуќук Сулејман, со својата разбојничка банда, го силувал свештеникот Цеко од прекуридските села и му ја наполнил свештеничката капа со измет. Поп Аврам тајно донел одлука да му се одмазди на Сулејман за ова невидено злосторство и понижување на свештеничката чест. Собрал 12 млади и храбри момчиња од Прилеп и околината. На чело на дружината биле Спиро Црне од Дабница и Ѓоргија Лажот. Разбојничката банда ја пронашле во Дренската планина, во близина на Смолани, па на Илинден, 1880 година, ги убиле сите. Поп Аврам Петров ги помагал семејствата на сите оние комити, кои оставиле незгрижени деца, вдовици и родители.
* * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * * *
„На планината Дрен се наоѓа селото Смолани, без човек, само со сликарот Колески. Поранешниот пилот во АРМ, кога се пензионирал, открил дека има талент за сликање. Уметноста на керамика му станала хоби. Ја обновил старата таткова куќа за да си создаде услови за сликање.
- Таму каде што ми е родното огниште, потеклото, корените, таму ми доаѓа инспирација. На некогашното гумно под двовековниот даб, лете се враќаат некои од староседелците. Сликам во сенките под стариот даб. Уметноста беше мој сон. И порано потцртував, но не толку како сега кога сум слободен и имам доволно време. Меѓу другото, уметноста не ја разбирам како лична сопственост. Таа треба да се сподели со некој друг – вели Колески.
Тој слика икони на ќерамиди и на вазни. Обработката на материјалот трае 20 часа. Има симболика и во ќерамидите, бидејќи се благословени од покривот на црквата „Св. Димитрија“ од Варош. Оттаму ги зел, откако се препокривал храмот.
- Најчесто сликам со темперни бои. Техниката е оригинална. Тоа ме исполнува, ми предизвикува чувство на задоволување на дотогашната духовна глад. Цртам за да оставам век зад мене – вели сликарот.
Неколкуте случајни минувачи и поранешни жители на селото велат дека Колевски им приредил пријатно и необично задоволство“.
(Извадок од „Дневник“, 2 август 2007 година)
Toni Koneski Monata February 7, 2012
smolani e seloto od kade se moite koreni fala na site sto ke dadat bilo kakvi informacii za rodnata grutka