Сушење на тутун во Сарандиново.

Сарандиново

Сарандиново е мало село, кое се наоѓа на патот Прилеп – Македонски Брод. Се наоѓа во близина на селата Пешталево и Долнени, на северната страна на Прилепското Поле. Селото е рамничарско, на надморска височина од 610 метри. Сарандиново е село од збиен тип и не е поделено на маала. Потесите по краевите на атарот ги имаат овие имиња: Мера, Мала Рада, Дрварски пат, Пречни пат, Јаширица, Орлоица, Дупка, Караорман (тука имало голема шума). Останатите делови од селскиот атар се: Врба, Шест круши, Завој, Ќортаница, Црна нива, Горни ливади, Тумба, Смрека, Криви слогови, Корија, Голема нива, Трлиште, Падарчица, Гробишта, Близначиња, Болиоч, Кинатица, Само дабче и Талеј дабја.

Ретки остатоци од старини има на местата Тумба (покрај патот за Браилово) и на Падарчица (јужно од селото). На овие места, селаните за време на орења најдувале камења од ѕидови и ѓерамиди. Во Сарандиново старите селани раскажувале: „Некогаш нашите дедовци живееле во село, кое се викало Бурилово, Кога се испустило Бурилово, дедовците дошле овде, направиле колиби и така се формирало Сарандиново. Во тоа време се бегало од болеста чума, која ги убивала и луѓето и стоката“.

Бурилово се наоѓало недалеку од Сарандиново, во атарот на денешното село Пешталево. Раселувањето на Бурилово се случило пред околу 200 години. Тогаш, од Бурилово во Сарандиново дошле претците на најстарите родови – Дашковци и Младеновци.

Како што сведочат селаните, „Во турско време земјата била агаларска“. Само Дашковци и Младеновци имале свои куќи и малку земја. Имало три чифлици: два прилепски и еден дебарски. Газдите на првите чифлици биле Турчинот Рушит и христијанинот Гиго Маламан. Дебарскиот чифлик им припаѓал на Ќуљафковци. По Првата светска војна, државната власт им ја поделила чифлик-сајбиската земја на затекнатите и доселените македонски родови. Околу една четвртина од атарот на Сарандиново тогаш ја купиле селаните од Долнени.
Во 1467/68 година Борилово (Сарандиново) е регистрирано како ненаселена мезра, а во 1568/69 тука живееле 10 христијански семејства и 7 неженети.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Борилово (Сарандиново) е запишано дека припаѓа на Прилеп. Вкупниот приход од Борилово (Сарандиново) изнесувал 3000 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од мешано жито, пченица, испенџе, шира и др.

Во XIX век Сарандиново било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, која е издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Сарандиново (Sarandinovo) е посочено како село со 22 домаќинства и 85 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Сарандиново е населено од 120 жители христијани.

Во почетокот на ХХ век населението од селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Сарандиново имало 128 егзархисти и функционирало бугарско училиште.

Селската слава е Ѓурѓовден. Гробиштата се наоѓаат „преку џадето“.

Родови од турско време во Сарандиново се: Дашковци (слават Пречиста) и Младеновци (слават Петковден), кои се дојденци од Бурилово. Симоновци (слават Пречиста) дошле во 1908 година од Големо Мраморани.

Понови доселени родови во Сарандиново се: Гиновци (слават Свети Меркуриј, дојдени во 1936 година) и Михајле (дојдени во 1954 година), кои дошле од поречкото село Љупште. Нешковци (слават Петковден), дојдени се во 1936 годин, а пред тоа живееле во околните села Бело Поле и Житоше. Стојчевци (слават Свети Никола), дојдени се во 1963 година од поречкото село Сушица. Настевци (слават Петковден), дојдени со во 1936 година од поречкото село Зркле. Ефремовци (слават Петковден) дојдени се во 1936 година од поречкото село Рамно. Силјановци (слават Свети Георгиј зимен) дојдени се во 1936 година од поречкото село Манастирец. Павлевци дојдени се во 1936 година од поречкото село Могилец.

Познато е дека од Сарандиново најпрво се иселиле Јакововци, кои живеат во Бело Поле; Мартиновци, кои живеат во Локвени. Со текот на миграцијата, многу семејства се иселиле во Прилеп, Скопје и Софија.

Во 2014/15 година во Сарандиново се формира иницијативен одбор за градба на црква. Со благослов на Митрополитот Петар, иницијативниот одбор го сочинуваат: Игор Стојоски, Мито Софкоски, Звонко Велкоски, Мирослав Аврамоски и Миле Јосифоски. Темелите за градба на црквата во чест на Светиот великомаченик Георгиј се осветени во месец октомври 2015 година.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 10 домаќинства; 1948 = 148 (27 домаќинства); 1953 = 191; 1961 = 219 (37 домаќинства); 1971 = 165 (34 домаќинства); 1981 = 125; 1991 = 106; 1994 = 99.

Според пописот од 2002 година, Сарандиново има 98 жители, сите Македонци.

Нема Коментари

Коментирај