„Самовилите од Прилеп“ е патепис од 2009 година на германскиот новинар Norbert Mappes-Niediek.
„Тоа е празник на радоста, своевиден аџилак, на кој Ромите одат на ридот Самовилец во близина на Прилеп, на церемонијата во која елементи од исламот и христијанството се измешани со локалните суеверија.“ – Norbert Mappes-Niediek
„Ајде!“, – како низ плач вика старецот Нури, кој уште во ноќта пристигнал тука, додека неколку момчиња го придржуваат да застане на своите нозе. Наеднаш запреа мрморењата кај луѓето и од мракот, осветлено од месечината, се појави бронзеното лице на Нури. Луѓето се заглавени на малото мовче меѓу масивни карпи, стегнати еден до друг во долги и тесни редови. Повеќето од нив се млади момчиња од кои само неколку се девојки, а во редот може да се забележи и по некој постар човек.
Екранот на еден мобилен телефон трепка: Две минути до еден часот. А потоа ќе се случи чудо кое го чекаат Ромите од Прилеп, кои овде се собирале, исто како и секоја година пред оваа. Додека Нури чекори напред во придружба на двајца силни мажи со нарамени пушки, погледот му е фокусиран кон метална врата, која го блокира влезот во процепот помеѓу карпите. Тогаш Нури, господарот на церемониите, го дава знакот…
Човекот до него ја вади пушката од неговото рамо, нишани кон црното небо и пука двапати, по што засветкаа вистинските пиштоли извадени од џебовите на присутните луѓе. По кусо време, насекаде почнаа да се слушаат истрели, наликувајќи на пукање пуканки.
Поради тесниот простор меѓу високите карпи почуствував болка во ушите. Набрзо потоа, по дадениот знак, наеднаш настапи потполна тишина. По неколку минути поминува Нури, стариот човек со очила и беретка, кој ставајќи го клучот во бравата ја отвора вратата. Пред нас се појавува карпа обоена во бело. Во еден агол горат десетици свеќи, а пред нив во вдлабнатина на карпата, се наоѓа локва вода. Сите кои чекаа овде ги промрмореа зборовите: „Чудо се случило“…
Прилеп, град од 70.000 жители, секоја година во мај е центарот на македонските Роми, кои масовно го посетуваат овој настан, за разлика од нивните сонародници од Косово, за кои овој празник нема никакво значење. Еднаш годишно, на пладне на 5 мај, младите Роми од Прилеп ставаат во џебовите пари или по некој пиштол, земаат ќебиња, овца за колење и, секако, магаре натоварено со дрва и со сето тоа заедно убаво расположени се упатуваат кон правливиот пат за село Дабница. Потоа по тесното патче се упатуваат кон местото Самовилец, каде што во ноќта спроти 6 мај се „појавуваат“ трите самовили, кои ја осветуваат оваа вода, која се полни за здравје.
- „И Вие би можеле да го видите самовилите“ вели Сејдие, една од неколкуте постари жени кои ја поминуваат студената ноќ во планината со мажите.
- „Но, тие се појавуваат многу ретко и затоа присутните мораат да гледаат внимателно.“
Кога ќе се отвори вратата на обоениот ѕид во бело, забележувам една плоча, на која е преставена жаба. На прашањето, од каде е оваа плоча, никој не знаеше да каже. Самовилец во себе има некаква мистичност, која ги привлекува и самите неверници. Можеби вистинското чудо е во тоа што овде се мешаат исламот и христијанството со старите пагански ритуали, без да се судрат меѓу себе.
СПОЈ НА КУЛТУРИ:
Ние, во некоја друга прилика, со она што мислиме дека го знаеме за Балканот, ќе претпоставевме дека овде, во осамените планините на Македонија, всушност ќе дојде до кобниот „Судир на цивилизациите”. Но, тоа овде не се случува… Овде луѓето се зближуваат еден со друг, а тоа што ги спојува, тоа се самовилите.
44 годишната Индиран вели дека патувала специјално од Манхајм за овој ноќен спектакл. Таа веќе 25 години живее во Германија, каде што пораснала три деца, додека нејзиниот сопруг Сејдо, работел во подземното метро во Манхајм. Самовилите, за кои дошле од Германија, се насекаде во балканскиот фолклор, вели Индиран. Две од самовилите се споменуваат и во легендите на православниот манастирот Трескавец, кој е сместен тука, високо во карпите. Во легендите едната самовила го чува манастирот, додека другата ја чува манастирската црква посветена на Света Богородица. Третата самовила, вели Индиран не е познато каде се наоѓа, што им остава доволен простор на оние кои сакаат да ја сместат во некоја друга религија.
Ромите во Прилеп се мнозинство муслимани, но тоа очигледно не им пречи на самовилите. Секоја година на 6 мај, кога во православниот свет се слави денот на христијанскиот светец Свети Ѓорѓи (Ѓурѓовден), тие одат на своевиден аџилак на местото Самовилец. Веќе трета година овде во планините доаѓа и 55 годишниот оџа Исо.
Иако, како што вели дека се „држи“ на одредена далечина од паганските и христијанските суеверија за Самовилец, тој, сепак, во попладневните часови со мирна совест кажуваше молитви над закланите овци, кои овде беа принесени како жртва на церемонијата, во која беше главен Узероски Нури и неговите роднини. Тој додава: „Свети Ѓорѓи, убиецот на змејот кај христијаните, за нас муслиманите, не значи ништо“.
Пријателски расположениот човек, со големи и силни раце вели дека 20 години работел на градилиштата во Германија, Австрија и Белгија, по што решил да се врати во Македонија за да и служи на ромската заедница. Во реалноста, денот на Свети Ѓорѓи (Ѓурѓовден) е причина повеќе за славење на големиот пролетен фестивал „Едерлези“, кој го слават Ромите во цел Балкански полуостров. Но тука секогаш има и по некоја различна варијанта…
Некои го поврзуваат празникот со старозаветниот пророк Свети Илија, односно со неговиот брат Ел-Кадир (арапското име на Свети Ѓорѓи), чиј празник кај муслиманите (особено во арапскиот свет) се слави на 5 мај. Култот кон Ел-Кадир е раширен и кај Алевиите, религиска група во Анадолија, од која потекнуваат и Бектешите, кои овој светец го нарекуваат Хизир или „Зелениот човек“, кој се почитува како заштитник на патниците. Оџата Исо има и друго толкување за Ел-Кадир. Според него, тој е всушност Буда, кој според приказната бил царски син и седум години седел под едно дрво и се хранел со неговите зелени гранки и лисја…
Еврејскиот Илија и самовилите, христијанскиот Свети Ѓорѓи и Буда – за мене премногу екуменизам (верско помирување, соработка и единство)… Како и да е, еден од нив мора будно да внимава на светот уште долго време.
НА ПЛАНИНА НА ВОЗРАСТ ОД 95 ГОДИНИ:
На Самовилец за прв пат се случило чудо пред повеќе од 200 години, вели Нури, чувар на светата вода, по дремката во еден од шаторите, кои беа кренати овде. „Ангелот Гаврил му се прикажал во сон на мојот пра-пра дедо и му го покажал ова место“. Кога точно било тоа, Нури не знае, нема евиденција… Овде повеќе од половината возрасни Роми не можат да читаат и пишуваат. Неговиот дедо, се сеќава Нури, живеел повеќе од 100 години, а пешачел по планината до неговата 95-та година, се до селото Дабница, до кое има еден час пешачење. Сега 60 годишниот Нури е во улогата на својот дедо. Внукот сериозно ги зема своите должности. Овде, кај изворот, кој се наоѓа на 700 метри надморска височина, сеуште е ладно навечер. Пред изгрејсонце, Нури се наведнува над изворот и полни света вода во пластични шишиња, кои се чуваат за поклониците кои ќе дојдат тука.
Самовилите мудро ја одбрале локација за нивното чудо. Карпите на Самовилец се убави, со тркалезна форма, како џиновски камчиња, кои од постојаниот проток на вода се полирани, додека дождовницата се собира во вдлабнатини во карпата, кои наликуваат на идеални садови за светата вода, а во пештерата има доволно простор за верниците да се засолнат од студот. На големата забава, која ќе се одржи следниот ден на убавите планински ливади со прекрасен поглед, ќе присуствуваат повеќе од 1000 луѓе. Иако Ромите го слават Едерлези насекаде на Балканот, за повеќето христијански и муслимански свештеници тоа е празник со сомнителен карактер. Дури и овде, во македонска култура на толеранција, не видов ништо, со што би се симболизирале христијанскиот Свети Ѓорѓи или муслиманскиот Хизир.
Иако кај претставниците на етничките групи и религии во Прилеп честа е појавата на меѓусебна посета за време на нивните празници, во име на добрососедството, тоа не е случај за време на Едерлези, денот на Ромите. Од целото православно мнозинство во Прилеп, денес заедно со неговите родители беше дојден само еден млад човек, кој маката го донела овде кај самовилите.
„Светата вода помага на жените да добијат деца, а и на мажите на најдат жена“, објаснува Индриган.
Во меѓувреме мајката на момчето клекна пред изворот и се прекрсти десетина пати, како да сакаше да се искупи за нешто.
СЕКОЈ ПО МАЛКУ ГЕРМАНСКИ:
Големите религии се држат на дистанца. – „”Градоначалникот не не посети на Курбан Бајрам, туку на Рамазан“, објаснуваше оџата Исо.
Како и другите муслимани, Ромите заедно со православните христијани го слават Божик, денот на раѓањето на Иса ибн Марјам, како што се нарекува Исус Христос во Куранот.
„Но, не и Велигден“, – вели Исо, – бидејќи муслиманите не веруваат во воскресението“.
Во вакви средини умешноста е во тоа да се избегне каков било насилен судир. Според последниот попис, во Прилеп живеат околу 70.000 жители од кои 4400 се Роми. Повеќето од нив се концентрирани во една населба во предградието на градот. Улиците се асфалтирани, куќите мали со огради од ковано железо, украсени со гипсени лавови. Прилепските Роми ги има низ целиот свет. Само 400 семејства одовде живеат во Бронкс. Таму има ромска населба наречена Пиндо, ми кажува еден Ром од Прилеп, додека седиме на ливадата за време на прославата.
Некои семејства дома зборуваат на ромски, некои на турски, што е наследено од Отоманскиот период, но повеќето зборуваат на македонски јазик. А, додека сите знаат по некој германски збор. Фамилијата „Арлије“, која е со потекло од Прилеп, е една од шестте номадски групи на Цигани кои живеат во Австрија, во околината на Виена.
„Welche Bezirk wohnst?“, – е вообичаеното прашање.
Иако македонските Роми живеат тука со векови, сиромаштијата и копнежот за подобар живот ги тера да си ја побараат среќата по целиот свет. Но, таму не заминуваат како „Цигани” – збор кој комбиниран со нивниот темен тен има ниво на одбивност во западниот свет. Тие едноставно во странство се декларираат како Македонци, како гастарбајтери или „имигранти”. Најчесто тоа се случува во Германија, Белгија и Австрија.
„За разлика од кај Вас, Македонија е релативно толерантна. Но, нашиот проблем е сиромаштијата”, вели Тахир Селимоски, кој со помош на европска поддршка формирал граѓанското здружение на Ромите од Прилеп, кое се бори против дискриминацијата, како што е во Унгарија или во Чешка. И покрај тоа што овде некои семејства преживуваат со 20 евра месечно, не постои никаква омраза, а за доживеаните лоши искуства похрабро да се премолчи. Пред осум години, кога конфликтот со албанското малцинство ја одведе земјата на работ на војната, насобраната толпа ја запали убавата стара џамија во центарот на Прилеп. Нападот беше инициран како револт против Албанците, кои исто така муслимани. Но, бидејќи во Прилеп не постојат Албанци, настрада верски објект, кој го користат Ромите.
По депортациите во концентрационите логори во Втората светска војна, тоа беше нивното прво поголемо искуство со насилство насочено кон нив. Но, да се вратиме овде и денес… Додека сонцето заоѓа, тензијата расте. Гледам две момчиња од кои постариот на помладиот му ги покажува своите револвери.
Инаку, ова е мирен фестивал. Без кавги и тепачки и пијани испади. Оџата Исо, изморен од одењето горе-долу, но и од целиот метеж и врева, седнува на клупата покрај распламтениот оган. Дали е така поради исламот, кој се празнува тука?
„Ох”, вели Исо и се насмевнува дека на лицето му се оцртуваат сенките од пламенот.
„Зошто поради Исламот?“, Куранот е едноставно чадор за многу од нас, исто како што Библијата е покривот за 66 различни книги. Куранот е последниот спрат од една зграда, бидејќи Мухамед е последниот од големите верски основачи. Можеби еден ден ќе дојде некој друг, кој ќе изгради покрив за сите религии.
Додека ние зборуваме, во светилиштето сеуште стои Нури и неуморно полни од светата вода во пластични шишиња…
Коментирај