Ропотово се наоѓа во северозападниот дел на територијата на општина Долнени, на магистралниот пат Прилеп – Македонски Брод, меѓу Дебреште на северозапад и Сарандиново на југоисток. Селото е рамничарско, на надморска височина од 610 метри. Од градот Прилеп селото е оддалечено 22 км. Ропотово е село од збиен тип и не е поделено на маала. Роднинските куќи се наоѓаат една покрај друга и така се групирани.
Потезите околу Ропотово ги имаат овие имиња: Раскрсниче, Меѓупатишта, Попова чука, Грамада, Заморек, Трајков дол, Врба, Пепелиште, Чаир, Капина, Блато, Лажански мост, Крс, Круши, Под гумно, Сургуница, Пив, Зад ливади, Меризи, Чуки, Реки, Бреслики, Голема нива, Стар рибник, Пајкарница, Падина, Голиње, Атановчица.
Местото, на кое денес се наоѓа Ропотово, отсекогаш било населено. Но, животот на мештаните често бил прекинуван. Од жителите, кои се менувале, има остатоци од старини, особено на потезите Заморани, Грамада, Чука и Падина.
Во 1467/68 година, во Ропотово имало 18 семејства, 2 неженети и 3 вдовици; во 1481/82 = 17 семејства и 2 вдовици; во1544/45 = 17 семејства, 2 неженети и 4 вдовици; во 1568/69 = 10 семејства, 12 неженети и 1 вдовица.
Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Ропотово е запишано дека припаѓа на Прилеп. Меѓу имињата на селаните, не се спомнува ниту еден свештеник. Вкупниот приход од Ропотово изнесувал 4600 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, мешано жито, испенџе, такса за вино, ушур од трева…
Во XIX век Ропотово било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Ропотово (Ropotovo) е посочено како село со 27 домаќинства, 109 жители христијани и 10 Цигани. Според статистиката на Васил К’нчов („Македониja: Етнографиja и статистика“) оd 1900 година, Ропотово имало 196 жители христијани и 10 Цигани. Во почетокот на XX век, Ропотово било егзархиско село. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Ропотово имало 128 христијани егзархисти.
Според етничката карта на Северозападна Македонија, според рускиот славист Атанасиј Селишчев (Афанасий Селищев) од 1929 година, Ропотово е посочено како мешано „Бугаро-циганско“ село.
Во 1912 година, во Ропотово биле затекнати 13 македонски куќи. Сите жители биле сопственици на чифлици и потекнувале од доселеници. Брз пораст на селото се случил во периодот од 1924-1927 година. Тогаш, на земјата добиена со аграрната реформа, се населиле многу родови од соседно Порече.
Во XIX век во Ропотово имало 2 чифлика: околу 90% од земјата им припаѓала на Амед-Зоговци, кои живееле во Албанија, а 10% од земјата ѝ припаѓал на некоја „Арапка“, на чиј чифлик ќаја бил некој Садул Франго од Битола. Во 1912 година, ќајата се побунил, па една половина од тој имот им припаднал на Амед-Зоговци, а втората половина останала во негова сопственост. По падот на турската власт, земјата била одземена од сопствениците на чифлиците и им била поделена на доселениците. Главната поделба на земјата е извршена во 1924 година.
Во Ропотово имало и еден Мехмед-зоговски ан. Него го поседувале Кавкалевци (Васил и други). Анот се наоѓал на местото наречено Кај Девите.
Во Ропотово живее македонско население, кое потекнува од доселеници. Родови, кои се населиле за време на турското ропство се: Тренковци, Пацовци, Кавкалевци и Нешковци, за кои не се знае со сигурност од каде се населени. Тренковци претходно ги викале Гајдовци. Трипуновци и Алексовци се доселени од прилепско Слепче, но и таму однекаде биле доселени. Журевци се доселени од околината на Охрид. Наумовци се дојдени од Нерези. Гостирашци се дојдени од Гостиражни. Таму припаѓале на некој стар род. Ристевци потекнуваат од некој домазет, кој бил доселен од Порече.
По ослободувањето од Турците, во Ропотово се населиле овие поречки родови: Трајковци, Дамјановци, Рујановци, Создановци, Шарковци, Дурдевци, Поповци, Димитриовци и Крстевци, кои дошле од Крапа. Вториот, третиот и четвртиот род слават Свети Георгиј зимен, а другите Свети Никола. Врсаковци, Ѓурчиновци и Марковци се дојдени од Тополница и слават Свети Мина. Митревци се дојдени од Манастирец и слават Голема Богородица. Мицковци и Ивановци се дојдени од Калуѓерец. Трајковци, Стојковци, Спирковци, Радевци, Наумовци, Цветановци, Билбиловци и Коруновци се дојдени од Слатина. Синадиновци, Силјановци и Јаневци се дојдени од Љупште. Бежовци, Михајловци, Симјановци, Димовци, Стојчевци, Велковци и Кочовци се дојдени од Могилец. Тримчевци и Илиевци се дојдени од Белица. Дамчевци и Несторовци се дојдени од Крушје. Огненовци се дојдени од Грешница. Мојсовци се дојдени од Рамно. Маџовци и Љубевци се дојдени од Ковач. Дојчиновци се дојдени од Могилец. Велковци се дојдени од Македонски Брод. Барбаровци се дојдени од сега испустеното село Барбарос.
Мијачки доселеници по ослободувањето од Турците се: Пејчиновци, кои се дојдени од Лазарополе; Тофиловци, дојдени од Гари; Кузмановци, дојдени од Селце кај Дебар.
Од Ропотово многу жители и се иселиле. Постари иселеници се: Мартиновци, кои се иселиле во Бело Поле; Николовци, Беличани и Мартиновци одамна живеат во Прилеп. Беличани по потекло се од Белица, поречко. Едно семејство од родот на Алексовци одамна се иселило во сега напуштеното Жабјани. Три семејства од Кавкалевци одамна се иселиле во Прилеп, а едно семејство од Тренковци се иселило во Дебреште.
Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниот: 1921 = 14 домаќинства; 1948 = 714 (130 домаќинства); 1953 = 850; 1961 = 824 (149 домаќинства); 1971 = 822 (190 домаќинства); 1981 = 780; 1991 = 617; 1994 = 597. Според пописот од 2002 година, во Ропотово живеат 546 жители, од кои еден се изјаснил како Србин, а останатите Македонци.
Над Ропотово се наоѓа црквата во чест на „Пресвета Троица“, која е подигната во 1859 година и осветена е од Пелагонискиот митрополит Бенедикт. Нејзината градба ја помогнал сопственикот на чифликот – Садула Франго. Црквата претставува еднокорабна градба, со полукружна апсида, која однадвор е расчленета на пет плитки ниши. Внатрешноста на црквата е живописана од браќата фрескописци Димитриј, Ефтим и Ѓорѓи од село Гари, Дебарско.
На излезот од селото, на десната страна од патот кон Македонски Брод, на 17.06.2008 година, осветени се темелите за градба на параклисот во чест на „Свети Архангел Михаил“.
На 10 октомври 2016 година, надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот Петар, ги освети темелите за градба на манастирот во чест на „Свети Атанасиј Велики“.
Коментирај