Прво народно училиште Свети Кирил и Методиј...

Прво народно училиште „Свети Кирил и Методиј“

Прво народно училиште „Свети Кирил и Методиј“
_____________________________________________________________________
„Како најсредена и најдотерана мома за на седенки што го издига гордо челото пред сите други околу неа, така и Прилеп во Македонија може да се пофали за неговите големи достигнувања“

„Училиштето не изненади со одличните успеси. Оставајќи ги настрана исклучителните и благотворителни одговори на учениците од главното училиште, ми оставија впечаток врвните успеси на малечките деца од основното училиште каде што е воведена усната настава.
Дечиња од седум до десет години одговараа на нашите прашања јасно, чисто и најразбрано.
Мојата радост се удвои во моментот кога го посетив женското училиште.
Нашиот народ со овие ученички ќе се здобие со вистинско богаство, така што кога тие ќе станат членови на ова опшество ќе бидат добро воспитани развиени мајки и вистински воспитувачки за своите деца…“

Проф. Стефан Савов Бобчев
„Патни впечатоци“, Весник „Право“ бр.16, 1973 година

_____________________________________________________________________

Прво народно училиште „Свети Кирил и Методиј“ е отворено во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во 1843 година, кога била и изградена и првата училишна зграда.

За училиштето се грижела Црковно-училишната општина и нејзиниот орган – училишното настојателство. Црковно-училишната општина ја сочинувале претставници на градските првенци и броела 12 членови: аџи Ристо Логотет, аџи Илија, Јовче Јосиф – векил, Константин Малјо, Илија Стојан, Мојсо Крапче, Мирче Мојсо, Димо Аризан, Здраве Христов, Илија Пазо, Мојсо Пазо и Димо Малјо.

По настојување на грчкиот владика од Битола, во јужното крило на зградата било сместено и грчкото училиште, кое во 1867 година било укинато и споено со народното училиште.

Општината, покрај тоа што се грижела за егзистенцијата на учителите, водела грижа и за квалитетот на учителскиот кадар. Така, во Прилеп, во времето на преродбенското движење и подоцна, кога започнале да се разгоруваат црковните борби против грчкото духовно ропство, учителствувале голем број од најпознатите македонски преродбеници: Григор Прличев, Димитар Миладинов, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Кузман Шапкарев, Јосиф Ковачев. Оттогаш Прилеп станал важен просветенцентар и зазел едно од првите места во културниот развој на Македонија.

Во периодот од 1860-1865 година, главен учител во народното училиште бил Васил Алексиев Курдалев од Маврово, кој извршил извесни реформи, внесол нови предмети, отворил горен курс на основното училиште, со што ги поставил основите на машкото класно училиште во Прилеп.

Нов чекор направил Никола Ганчев Еничерев од Пловдив, Бугарија, кој во 1866 година бил назначен за главен учител. Еничерев во Прилеп престојувал до 1877 година. Тој прв ја вовел програмата од тогашната Пловдивска гимназија, со што прилепското училиште го издигнал на завидна висина. Во 1867 година отворил и забавиште за мали деца, неделно училиште за возрасни и читалиште „Надежда“, а истата година за првпат свечено е прославен и патрониот празник на училиштето. Во 1871 година во Прилеп бил организиран првиот учителски собир на учителите од Македонија.

Во 1865 година во Прилеп било отворено и првото женско училиште. За учителка била назначена Недела Петкова Караиванова од Сопот, Бугарија. Училиштето во почетокот работело во куќата на Тошев. Во 1880 година била изградена нова зграда, во која било сместено женското училиште, во дворот на црквата. Во 1904/05 година бил отворен и ракотворен курс или стопанско училиште. Прилепчанки, кои извесен период биле учителки или директорки во училиштето, се: Ташка Мартинова, Захарија Мојсомирчева, Евгенија Ракиџиева, Евгенија Јанчулева, Цветанка Сенокозлиева и Сава Алексиева.

Најголем напредок училиштето постигнало со доаѓањето на штипскиот учител Јосиф Ковачев. Тој бил професор и директор на училиштето од 1874-1877 година. Тогаш училиштето за првпат постанало полнокласно и се изучувале предметите: бугарска граматика и словенски превод, аритметика и бугхалтерија, цртање и практична геометрија, географија и природознание, популарна физика, историја, општа црковна историја со богослужба, простран катихизис со световно писмо, методика на основно образование, турски јазик, грчки јазик и пеење.

Во 1880/81 година училиштето потпаѓа под егзархиско влијание. Познати учители од тој период се: Јордан Кусев, Атанас Бадев, Ордан Јанчулев, аџи Илија Јарамзерде, Никола Смичков и Битолчанецот Атанас Наумов.

Во 1894 година, со доброволни прилози на граѓаните и еснафите, во дворот на црквата „Свето Благовештение“, била изградена новата зграда на Гимназијата, која изгорела во пожар во 1939 година.

Со формирањето на првиот револуционерен комитет на ТМОРО во 1894 година од Даме Груев, голем дел од учителите станале членови на организацијата. Од шестмината основачи на ТМОРО, тројца биле учители од Прилеп: Даме Груев, Петар поп Арсов и Антон Димитров.

Во 1901 година, при својата обиколка на Македонија, за првпат во Прилеп дошол Гоце Делчев, кој во училиштето имал состанок со Прилепскиот реонски комитет.

Во 1911/12 година вкупниот број на ученици во прилепските училишта изнесувал 2172, од кои 1183 биле машки, а 989 женски деца. Наставата ја изведувале 18 учители и 22 учителки. Последните часови биле одржани на 15 октомври 1912 година, кога прилепските училишта биле затворени поради почетокот на Првата балканска војна.

Во 1943 година, по повод 100 годишниот јубилеј на училиштето, присуствувале видни гости во Прилеп, меѓу кои: поранешниот директор на училиштето д-р Јордан Бомболов, свештеникот Јордан Ангелов, поранешниот директор на училиштето Христо Шалдев, Харалампие Перев, прилепскиот градоначалник инж. Методија Ночев, Тодор Попадамов (деец на ВМРО), директорот на весникот „Целокупна България“ Никола Коларов, министерот за правда д-р Константин Ицов Партов, генералот Иван Маринов (командант на XV-та бугарска дивизија во Битола), областниот директор Христо Миладинов, пратеникот на министерот за просвета Петар Енев, областниот училишен инспектор Коста Црнушанов, Битолскиот митрополит Филарет, Данаил Крапчев…

Нема Коментари

Коментирај