25 Август 1930: Благоја Антоски

Првите автомобили во Прилеп

Првите автомобили во Прилеп

ЛУЃЕ ДОЈДЕТЕ ДА ВИДЕТЕ ЧУДО… КОЛА БЕЗ ВОЛОВИ

„Знаете, потрагата по стари фотографии е исто толку возбудлива како копањето по рудници за дијаманти, оти секогаш ќе наидеш дијамант од убав по убав… Кога кај Владо Данаилоски-Шиптарот ја откривме фотографијата од најстарото „Фиќо“ во Прилеп, никој не веруваше дека во албумот на мајсторот Милан Дроња ќе откриеме фотографии на можеби најстариот Ford на Балканот, со еден фар, со комбинирани гуми и со менувач кој има само две брзини и нема рикверц.

Синот на Милан, Стефан Дроња беше категоричен, ова е првата лимузина во Прилеп од 1918 година. Потоа кога помисливме дека нема што да нуркаме подлабоко, Милан Дурло, главниот уредник на монографијата за Прилеп, која сега е во печат, ни понуди фотографија на уште постар автомобил во Прилеп, Mercedes од 1917 година.

Фотографијата на првото „Фиќо“ во Прилеп ја снимил Стефан Десо, додека Mercedes-от е снимен од Христо Димкар. Христо е син на Диме Димкар, првиот женски терзија во Прилеп и личен пријател на Марко Цепенков. Тој долго време бил на печалба во Америка, а во 1912 година се вратил во родниот Прилеп и се оженил со 16-годишната Љуба од Десовци. Христо Димкар бил првиот прилепски фотограф и затоа луѓето го викале за сликање насекаде, каде што имало поголеми собири. Така Христо, за Илинден 1917 година се затекнал на патот Прилеп-Велес преку превојот Бабуна и во близина на денешните воени магацини ја направил историската фотографија на првата лимузина во Прилеп“

Милан Дроња е со потекло од Бјеловар. Првата светска војна го затекнала во Прилеп каде што останал и набрзо се оженил со Васка од Абрашовци. Милан набрзо се вклопил во прилепскиот амбиент, карактеристичен по ведрината на духот и мајтапот. По занимање автомеханичар, Дроња бил еден од најталентираните во поширокиот регион.

Кога немал бензин, колата ја возел на „Сав-гас, бидејќи во неа имал монтирано генератор – печка во која се ложеле дрва. Цане, синот на Дроња се сеќава на лимузината од татко му: „Тркалата на Ford-от беа полни со гуми и дрвени шици. Го чувавме до 1942 година а потоа се распарчи. Кај нас идеа Германци и си вадеа делови од Ford-от, а на крај јас и брат ми го распарчивме, така што од него остана само менувачот.

Лимузината развивала 12 километри на час и кога татко ми ќе ја изнесел на Старо корзо, околу него се собирале 100-200 луѓе и со чудење викале: „Дојдете луѓе да видите кола без волови“. Татко ми возеше трговци од Прилеп за Битола и им беше голема конкуренција на пајтонџиите. Еднаш му се скинала гума, но се досетил и ја наполнал со сено и така стасал до Битола. Цената за превоз до Битола била еден златен наполеон. Подоцна Милан Дроња поседувал и Fiat од 1934 година.“

Автор: Тачко Локвенец

Нема Коментари

Коментирај