Првата фудбалска топка според една верзија, донесена е уште во текот на Првата светска војна од германските војници. Дури се спомнува и името на германскиот војник Јуп, кој топката ја донесол во месноста Табана, на самиот влез на Ореовечка река во градот.
По верзијата според учителот Благоја Стојаноски-Жабата, кој тврдел дека првата топка во Прилеп ја донесле француските војници. Ветеринарниот лекар Димитар Москоски тврдел дека првата топка ја донесол младиот Александар Колароски, и тоа по завршувањето на Првата светска војна, откако неговото семејство се вратило од емиграција во Франција.
Постои и верзија дека првата фудбалска топка е купена во книжарницата „Зора“. Покојниот наставник по ликовна уметност, Кирил Миноски, тврдел дека фудбалската топка на овие простори ја донесле германските војници. Првото „чалгање“ на топката било во месноста Табана. Тогаш, на тоа место, имало работилница за штавување на кожи, а на спротивната страна од левиот брег на Ореовечка река, пред куќата на Бумбаровци, децата играле фудбал.
Рампо Топчиоски тврдел дека првата топка во Прилеп е донесена пролетта 1918 година, и тоа од германските авијатичари од ескадронот JASTA 25, стациониран во Канатларци, а првпат во градот топката се затркалала во Старо корзо.
Со точност е утврдено дека во задниот дел на дворното место од црквата „Свето Благовештение“, каде што се сега куќите на Цапевци и Самарџиовци, најпрво почнало да се игра фудбал. Во рамките на она што постои како материјална вистина, веродостојно е да се каже тоа дека, топката во Прилеп е донесена или во 1917, или во 1918 година.
_______________________________________________________________
Март 1962 година
„Победа“ бр.1
Од почетоците на фудбалот во Прилеп
1918 ГОДИНА: НАМЕСТО „БИШКА“ – ФУДБАЛ
1918 година се споменува како година кога во Прилеп е донесена првата фудбалска топка. До тогаш најпопуларна била играта „бишка“.
Некои прилепски ученици, откако се вратиле од Англија и Франција, каде што се сретнале со ваквата игра, покренале иницијатива за набавување на фудбалска топка.
Меѓу овие ученици се споменуваат Душан и Урош Теодосиќ, Илија Коларевиќ и Никола Небреклија. Учениците собирале прилози од по пет динари и, кога се собрала сумата од 60 динари, е набавена една топка, а со тоа е означен почетокот на оваа игра што последниве години зема силен замав.
Истата година е формиран и првиот фудбалски клуб во Прилеп. Тоа бил клубот „Македонија“ чиј прв претседател бил Сотир Кепески, а за благајник бил избран Трајан Мајата. Благајникот ја собирал членарината и помошта од прилепските еснафи.
Меѓу првите фудбалери се споменуваат: Илија Коларевиќ, Душан и Урош Теодосиќ, Никола Небреклија, Васа Трендафиловиќ, Трајан Мајата, Ѓорѓија Елимов, Даре и Кочо Бомболоски, Миха Киселоски, Јоска Сугаре, Гиго Стојковски, Ице Зерде, Андон Шапчевски и др.
Првата фудбалска средба прилепските фудбалери ја одиграле во Битола против тамошниот гимназиски тим.
„Македонија“ била убедливо поразена со 3:0. Прилепчаните играле сини дресови со шарени гакички, а се знае и тоа дека еден од прилепските фудбалери промашил пенал.
Првиот фудбалски натпревар во Прилеп „Македонија“ го одриграла против битолски „Граѓански“. Резултатот бил катастрофален за прилепскиот фудбал – 7:0 за „Граѓански“. Натпреварот бил рекламиран со барабанче, а го судел Јаков Античевиќ, професор по историја. Бил облечен во долги пантолони и носел бел, сламен шешир.
Еве една анегдота: Кога судијата се згорештил шеширот му го дал на аут-судијата Сотир Смичкоски што го употребил наместо бајраче, за рекламирање. Во еден момент топката налетала на него и тој ја дочекал во шеширот. За несреќа топката го пробила шеширот. На игралиштето настанала смеа, а подоцна несреќниот аут-судија морал да го плаќа шеширот.
Најдобар играч на „Македонија“ во тие години бил капитенот на тимот, Илија Коларевиќ.
Први судии биле Јаков Античевиќ и Мишко Стефановски. Меѓу најстарите навивачи биле Спиро Спасовски и некој си Богдановски.
Игралиштето се наоѓало на исто место каде е и денешниот стадион. Игралиштето не било заградено, па на помош евикана и војската, со тоа што правен е жив зид од војска и жандарми, така што ни еден навивач не можел да влезе на игралиштето додека не плати карта.
Г. Е.
Коментирај