ПРУГАТА ГРАДСКО – ПРИЛЕП
За време на Првата светска војна во периодот меѓу 1915 и 1918 година, се појавила потреба од побрз пренос на стоки и материјали посебно за воени цели, па на просторите на Македонија биле иградени две железнички линии со тесен колосек (теснолинејка) со ширина на колосек од 600 мм, и тоа на правците:
Градско – Прилеп – Битола
Скопје – Гостивар – Кичево – Охрид – Ташморуниште
На 26 февруари 1916 година, започнала изградбата на пругата со тесен колосек, Градско – Дреново во должина од 20,1 километар за потребите на Македонскиот фронт.
Пругата е завршена во почетокот на април истата година.
Пругата Градско – Прилеп е градена во две фази.
Поради непристапниот терен и што побрзо да се реши проблемот со обезбедување на залихи на фронтот, односно на просторот каде што пругата не била сеуште изградена е изградена жичара која се спојувала со транспортниот центар во Прилеп од каде што по железнички пат се транспортирала до фронтот.
Напоредно со изградбата на жичарата се градела и пруга во повеќе фази но со поголемо каснење.
Бугарската од германската команда бара континуирана линија од Градско до Прилеп и Битола но повтореното снимање го покажува крајно тешкиот и стрмен терен за трасата така да на 15 ноември 1916 година издадена е заповед за градење само на железничката линија Плетвар – Прилеп поради надолнината и ефикасната товарна искористеност во тој правец, со почеток на градба од 21 декември 1916 година.
Изградбата на трасата Плетвар – Прилеп им е доделена на I, III и X-та инжинериска чета.
Делот од меѓутрасата на железничката линија Плетвар – Прилеп во должина од 22,9 км. и качување од 30% (воздушна должина од само 9,6 км.) почнува со изградба на 3 декември 1916 година.
Извршени се земјени и камени ископи во количество од 54,000 м3 и премостувања со дрвени мостови во долзжина од 670 метри.
Првата локомотива во Прилеп е монтирана во транспортниот центар „Гара Бојаџиев“ на 19 јули 1916 година.
Меѓу 25 јули и 9 август е изградена пругата Прилеп-Тополчани (до големиот мост на Црна река).
Имало план во иднина да се изгради пруга се до Лерин, но по заземањето на Битола од страна на Антантата и поместувањето на фронтот на север, пругата е изградена само до Беранци (26 км.).
Во близина на Алинци била раскрсница Мајхснер (Abzweigung Meichsner) каде што еден крак (8 км.) се делел до транспортниот центар Канатларци од каде што по земјен пат се носеле залихи на фронтот, вториот крак кој поминувал преку селата Веселчани, Обршани, Воѓани, Бучин, Мургашево (Демир Хисар), Свињиште, Лера и крајна станица транспортниот центар во Кажани и третиот крак до Беранци преку Црна река кај Тополчани.
Поради потребите на фронтот во секое време во близина имало складирано достапна муниција за 4 „Верденски денови на пукање“. Залихи на муниција за два дена војување имало на трасата и исто толку на крајот од теренската пруга. Дневниот капацитет на жичарите и пругите бил од 100 до 300 тони муниција и опрема, со што во целост биле исполнети побарувањата на фронтот.
По Првата светска војна во Македонија се затекнати 23 локомотиви „близначки“ односно 11 парови и еден распар.
Предноста кај локомотивите „близначки“ е тоа што биле едноставни за маневрирање со тоа што лесно можеле да се разделат во две посебни локомотиви.
Меѓутоа после војната никогаш повеќе не се употребени како парови и сите работеле поединечно. Бидејќи по војната во СХС се запленети голем број на локомотиви, некои никогаш не биле поправени, па така на почетокот од 30те години повеќето се уништени. Две се пратени во Црна Гора, некои се изнајмени во рудниците и ложилниците во македонија и Србија.
По војната се обновени дел од пругите и истите се оспособени за превоз на патници и стоки:
- Пругата бр. 231 Прилеп – Битола (64,7 км) пуштена е во употреба на 5 јуни 1919 година
- Пругата бр. 231 Градско – Прилеп (70 км) пуштена е во употреба на 6 август 1919 година
Станиците од Прилеп до Битола биле следните: Алинци, Тополчани, Лознани, Вашерејца, Беранци, Света Недела кај Битола и крајна станица Битола.
Меѓу станиците Тополчани и Лознани пругата преку дрвен мост ја преминувала реката Црна.
Пругата Прилеп – Битола е затворена во 1931 година поради изградба на пруга со нормален колосек
Пругата Градско – Прилеп е затворена во 1949 година по што е демонтирана.
Коментирај