Прв дел

Прилепскиот Остап Бендер

Прилепскиот Остап Бендер

Прелистувајќи низ архивите на судовите во повеќе градови во Републиката, често го сретнуваме името на измамникот ПАВЛЕ АЛИМАСКОВСКИ. Нашите обиди да го прибереме сиот материјал што се однесуваше за измамничката активност на најголемиот повоен измамник во земјата, останаа попусти.

Во битолскиот ОВР ни рекоа дека Алимасковски по излегувањето од затвор, отпатувал во Загреб, каде што ce „запослил“ како техничар во некое градежно претпријатие. Таму се оженил, но, не со цел да го измени својот дотогашен живот, туку да ја продолжи почнатата „кариера“. Подоцна бил повторно осуден за извршени измами и сега се наоѓа на издржување на казната во загрепскиот затвор.

ОД ЗАТВОР ВО ЗАТВОР

Ни рекоа: досието на Алимасковски не може да биде никогаш комплетно! Тоа е расфрлено на секаде низ Југославија, постојано ce проширува и станува секогаш актуелно по неговото излегување од затворот.

Малку необично звучи но, Алимасковски е човек со единствена професија во животот. Тој е класичен измамник, кој што непоправливо се посветил на измамите! Тие се содржани на неговиот живот: живее за нив и од нив. Неговото „работно“ секојдневие, неговото гесло било: ниту час без измама, и тоа итра, дрска, духовита измама.

- Алимасковски – ни рекоа истражните судии е познат на органите на СВР ширум земјата. Bo периодот од десетина години сторил неброени кривични дела, исклучиво измами. Повеќе пати бил осудуван. Предметот што се наоѓа во битолскиот Окружен суд ја опфаќа неговата активност само на подрачјето на нашата Република.

Забележивме само дел од пресудите: Окружниот суд на Скопје го осудил на 1 година затвор, во Крагуевац 6 месеци, Прилеп 6 месеци, во Битола 1 година и 9 месеци и други казни.

ИЗМАМЕНИ ПСИХИЈАТРИ

Досието на прилепскиот Остап Бендер всушност е голем пакет документи кои ја илустрираат дејноста на осудениот измамник. Тука се собрани десетици изјави на измамени граѓани, судски вештачења, лекарски наоди, жалби, приговори, фотографии, потврди…

За ликот на измамникот Алимасковски слушнавме необични искажувања. Тој бил мошне интелигентен човек, со извонредна способност да се приспособи на секоја средина во која се движи, да ги открие слабостите на луѓето со кои контактира. Добар психолог, слаткоречив соговорник, кој своите „жртви“ ги маѓепсувал со приказните за својот голем авторитет и положба.

- Алимасковски спаѓа во категоријата на оние личности, на кои мора да им се верува – велат психолозите кои работеле со него. – Тој е во состојба да ги измами дури и оние што добро ја познаваат неговата „болест“. Поседува специфичен измамнички „интелект“, кој ретко може да се сретне и кај најголемите европски измамници. Голема среќа е што тој живее во наша средина, оперира во мали градови, меѓу обични работници, трговци, од кои не може (а и несака) да извлече поголеми вредности. Bo таква средина неговите подвизи биле брзо откриени и можело за кусо време да се преземат ефикасни мерки за неговото изолирање.

Постои една констатација, која најдобро зборува за каков човек се работи. Алимасковски е неизлечив измамник. Тој го покажува и следниот пример: по притворањето бил подложен на повеќе лекарски контроли, психијатриски посматрања. Способен во секоја прилика да го измени својот лик и однесување, симулирал личност во тешка, психопатска состојба, на што поверувале и некои познати психијатри.

Дури по долготрајно психичко посматрање било констатирано дека тој е нормална личност со стабилна психо-физичка конструкција.

НА ИЗМАМА И СЕ ОЖЕНИЛ

Павле Алимасковски, ни раскажаа, толку се соживеал со својата измамничка улога, што и во моментот кога требало да си одбере животна сопатничка се послужил со измама! Претставувајќи се судија на Окружниот суд од Скопје се запознал со М. М. од Битола и ѝ предложил да стане негова сопруга. Потоа ја донел во Прилеп и тука почнал нивниот заеднички живот.

Кога родителите на девојката допатувале во Прилеп на своите роднини радосни им раскажувале дека нивната ќерка се омажила за судија.
Измамата се открила, но, сѐ било доцна. Павле Алимасковски, ја оставил својата сопруга (со две мали деца) и продолжил со измамничкиот живот. Последен пат се оженил во Загреб. Меѓутоа, неколку месеци подоцна бил притворен и осуден за нови кривични дела.

ИСТРАЖНИОТ СУДИЈА БАРА СОСЛУШУВАЊЕ

Дознавме некои поединости од првата средба на Алимасковски со својата прва сопруга.

Еден ден дошол во претпријатието „Социјален борец“ во Битола и барал да разговара со директорот. Се претставил како истражен судија од Скопје, кој што треба да разговара „доверливо“, со работничката М. М. Директорот наредил да се ослободи работничката од работното место и во една канцеларија почнал разговорот.

Павле Алимасковски се обрнал кон младата жена:

- Јас сум истражен судија од Скопје. Пред извесно време предизвикав сообраќајна несреќа во која настрада еден човек. Судот беше принуден да ме осуди на 6 месеци затвор. На издржувањето на казната се запознав со вашиот брат. Ме замоли да му помогнам. Јас имам добри врски во Скопје и во затворот…

Алимасковски ѝ објаснил дека со директорот „ја средил работата“ таа да биде ослободена неколку дена, и ѝ предложил заедно да отпатуваат во Прилеп.

Младата жена подолго време била убедена дека човекот на кого му ја дарувала својата среќа навистина бил истражен судија.

ОДМАЗДА КОН ОКОЛИНАТА?

За осудениот Алимасковски: се знае дека е роден 1934 година во Прилеп; татко на две деца; разведен од жената (според податоците со кои располагаше судот во 1960 година). Војска не служел – успеал да докаже дека е неспособен. За голем број измами бил 5 пати осуден на повеќе години затвор. (По излегувањето од затвор се преселил во Хрватска и таму продолжил со измамите. Сега повторно се наоѓа на издржување на казна).

Неговите пријатели со кои разговаравме во Прилеп тврдат дека и покрај тоа што знаеле дека Павле имал само основно образование, не можеле да сфатат дали навистина тој бил она за што се претставувал.

- Тој многу патуваше – рече еден од нив – и повеќе години го немаше во Прилеп. Кога ќе дојдеше, отседнуваше во хотел. Зборуваше дека допатувал службено од Скопје, како инспектор, како службеник на РСВР, истражен судија или комерцијален директор, во зависност од неговото моментно расположение.

Што точно работел Алимасковски никој никогаш не можел да утврди. Неговиот татко неодамна изјави:

- Мојот син Павле долго време беше без работа. Луѓето како да немаа доверба во неговата способност. Секаде каде што ќе поднесеше молба за запослување, добиваше негативен одговор. Овој однос Павле го чувствуваше како потценување, омаловажување. Патеше заради тоа. Зарем тие луѓе вредат повеќе од мене? – знаеше често да рече. Ми се чини дека подоцна се преориентира на измами само од желба да ѝ докаже на околината дека оние кои не веруваат во него, не се ништо поспособни од него. Многу лица, службеници, лекари, правници, со своите измами ги исмеа, ги навреди. Никој не можеше да си објасни зошто Павле при измамите не барал многу пари и покрај тоа што можел лесно да дојде до милионски суми. Тоа е само доказ дека Павле измамите ги вршел од забава, да се пошегува и да се одмазди.

ИЗМАМНИК ОД РАНГОТ НА ОСТАП БЕНДЕР

Навистина е чудно однесувањето на измамникот Алимасковски! По своите „подвизи“, начинот на кој што ги вршел измамите, тој е престапник од највисок ранг. Но, по вредноста на измамите, тој не се разликува од ситните чаршиски надмудрувачи. Се добива впечаток дека со извршените измами бил во состојба да оштети претпријатија и стопански организации преку нивните раководители со десетици и десетици милиони динари, а земал само симболични суми, онолку колку што му било потребно да плати хотел или пак да извади возен билет.

Во изјавите дадени пред истражните органи, оштетените граѓани беа искрени:

- Измамникот така вешто нѐ завитка во својата „мрежа“ што бевме во состојба да му дадеме толку пари, колку што ќе ни побараше. Голема среќа е што неговите побарувања секогаш се движеа до 5.000 стари динари.

Се обидовме да издвоиме неколку најголеми измами од досието на Алимасковски. Тоа не беше нималку лесно. Неговите измамнички потези се толку итро испланирани што човек тешко може да одговори која измама била подрска и посензационална. Во тоа ќе можат да се убедат и самите читатели кога ќе прочитаат само дел од неговите измамнички авантури.

МЛАДИОТ „КОМЕРЦИЈАЛИСТ“

На 22 август 1962 година Павле Алимасковски наминал во бутката за цигари што се наоѓа спроти домот на ЈНА во Битола.

- Јас сум новиот комерцијален директор на „Тутун“ – му се претставил на продавачот Тодор Нунев, кој токму во тоа време бил известен дека во градот ќе дојде човек од Скопје да изврши попис на робата во продавниците за цигари. Задолжен сум да извршам контрола на твојата работа, а во истовреме треба да ја забрзам изградбата на становите што нашиот колектив ги гради за своите работници. Подготви ги документите да извршам ревизија. Штом завршам со прегледот на становите, ќе наминам кај тебе…

Продавачот Нунев рекол дека е подготвен за ревизија и веднаш почнал да ги покажува документите.

(продолжува)

- Не сега – рекол „комерцијалистот“ – Ќе го оставиме тоа за подоцна. Сега треба да извршиме откуп на штици за изградба на становите. Најпосле, јас верувам во твојата способност и можеби нема да те вознемирувам со пописот.

- Извадил китија цигари и откако го послужил продавачот, доверливо му рекол:

- Зошто сме пријатели? Треба да имаме доверба еден во друг. Меѓутоа, јас имам мала незгода. При себе не носам пари, а банката е затворена. Позајми ми 5.200 стари динари да го платам хотелот.

Продавачот Нунев, без да се посомнева, извадил од портмонето 6.000 динари и му ги подал на „инспекторот“.

- Сигурен сум дека и ти имаш тешкотии со станбениот проблем – му рекол на продавачот. Сите се мачиме со тоа. Ќе гледам да ти помогнам да дојдеш до стан…

Алимасковски заминал, а продавачот Нунев останал да верува дека „комерцијалистот“ од Скопје ќе му помогне да дојде до стан.

ТРГОВЕЦОТ КУПУВА ЦРВЕНА ПИПЕР

Во селото Бистрица, Битолско, пристигнал некој трговски патник, кој што се интересирал за откуп на земјоделски производи. Во разговор со Коле Николовски, непознатиот напомиња:

- Јас сум претставник на студентската менза од Ниш. Вршам откуп на земјоделски производи, во прв ред на црвен пипер, грав, компир. Доколку имате во магацинот таква стока, можеме да се спогодиме…

Неделковски одговорил дека тој при себе има извесно количество земјоделски производи, но, доколку треба уште, ќе се дополни со магацинот со производи од магацинот на некој друг земјоделец.

„Трговскиот претставник“ притоа стапил во контакт со земјоделецот Јонче Геров од истото село.

- Овие 100 килограми црвен пипер ќе ги купам по 350 динари килограм – рекол трговецот – за другата стока ќе се спогодиме. Меѓутоа секам вреќите со црвен пипер и компир најитно да бидат пренесени во железничката станица во Битола. Ние ќе го пресметаме превозот само од Битола до Ниш. Доколку имате некое превозно средство, пренесете ја стоката во Битола. Од таму је ќе ја преземам. Парите телеграфски ќе ги добиете преку пошта. Фактурите треба да ги потпише мојот директор.

Притоа, сите заедно наминале во кафеаната да ја прослават спогодбата. Непознатиот „трговец“ во разговорот, често ги спомнувал имињата на некои функционери од Битола, за кои рекол дека му се добри пријатели и дека тие го поканиле на ручек…

„Трговскиот патник“, кој всушност не бил друг туку измамникот Алимасковски, следниот ден на пазарот во Ниш за половични цени ги продал земјоделските производи и материјално обезбеден, трнал во нови авантури.

РИБИ ЗА ГОСТИТЕ ОД БЕЛГРАД

Директорот на претпријатието „Месо-риба“ од Охрид Перо Рупев се запознал со Алимасковски сосем случајно. Алимасковски се претставил дека е службеник на РСВР од Скопје.

- Задоволен сум да извршам ревизија на работата на органите за внатрешни работи во Охрид и околината – се „доверил“ Алимасковски. Во Скопје пристигнаа поплаки дека овде не се работи како што треба. Имав мошне напорен ден во Битола. Доколку свршам до утре, ќе се обидам да откупам неколку гајби со свежа риба. Републичкиот секретар за внатрешни работи ме задолжи да донесам риби од Охрид. Очекуваме гости од Белград.

Директорот Рупев рекол дека тој ке се погрижи да се најде свежа риба.

- Моментално кај нас во магацинот нема риби. Ќе јавам на соседната задруга да се обезбеди извесно количество.

Павле Тодоровски, шеф на задругата во селото Трпеица – Oxридско, бил известен за доаѓањето на „високиот“ гостин од Скопје. Кога влегле
во магацинот управникот покажал на сандаците со риба:

- Одделивме неколку гајби за Вас – рекол. – Имаме околу 26 килограми свежа риба. Деновиве очекуваме нов улов и доколку имате време да причекате, ќе ви испратиме поголеми количества.

Алимасковски добро ја толкувал својата улога:

- Рибата е добра – му рекол на управникот Тодоровски. – Но мене ми треба уште риба. Барем да добијам 40 килограми. Ова количество веднаш испратете го на следнава адреса. Ако сакате платете ги и трошоците за транспортот.

- Потоа заминале на разговор во кафеаната. Долго, долго Алимасковски зборувал за својата служба на која ѝ го посветил целиот живот, спомнувал имиња на членови на ЦК, началници на СВР, судии. Со еден збор неговите соговорници биле убедени дека човекот што седи пред нив е мошне познат во општествено-политичкиот живот во Републиката.

ЈАС СУМ ОБВИНИТЕЛОТ

Живоин Томиќ, чевлар од Лесковац во истражната постапка рече:

- Обвинетиот Алимасковски, влезе во мојот дуќан и ме праша дали неговата сопруга наминала во дуќанот. Изненаден го прашав која е неговата сопруга.

- Јас сум јавниот обвинител – ми рече. – Жена ми ми рече дека кај тебе ги носи чевлите на поправка. Затоа наминав да видам дали е овде. Но, изгледа вие не сте нејзиниот мајстор.

- Јавниот обвинител не го познавав – изјави чевларот Томиќ.

- Но, неговата сопруга често доаѓаше кај мене да побара услуга. Му одговорив дека неговата сопруга утринава не дошла, меѓутоа можеби ќе пристигне подоцна.

- Не можам да чекам – рече тој, – кај нејзе се парите а треба да доплатам за покуќнината што ја нарачав во продавницата. Ех, таа жена, секогаш парите ги носи со себе. Ми требаат 7.000 стари динари, а нејзе не можам никаде да надам…

Чевларот Томиќ го извадил портмонето и без размислување му дал 7.000 динари.

- Бев среќен што можам да му услужам на јавниот обвинител – го завршил својот исказ наивниот чевлар.

КОМЕРЦИЈАЛИСТОТ МИЛЕ СТОЈАНОВСКИ

Името Миле Стојановски го прочитавме на неколку места во доставените изјави до СВР. Под тоа име Алимасковски се претставил во неколку земјоделски задруги како комерцијалист на трговското претпријатие „Јаболко“ од Скопје.

Така, во една земјоделска задруга во Струмица, заклучил со управникот договор за откуп на поголеми количества земјоделски производи, во прв ред кикирики, компири, црвен пипер и др.

Во чест на комерцијалистот од Скопје управникот приредил ручек! Потоа од магацинот биле одделени 400 килограми кикирики, стотина килограми компири, неколку вреќи со црвен пипер. Стоката била експедирана на автобуската станица а „комерцијалистот“ ги потпишал фактурите.

Во моментот кога требало да се разделат, „комерцијалистот“ Миле Стојановски побарал од управникот на задругата 4.000 динари на заем. Управникот се обратил до благајникот и му наредил да исплати 5.000 динари на гостинот од Скопје.

Алимасковски под истото име наминал и во Куманово, во трговското претпријатие „Агроснабдител“. Таму откупил за потребите на претпријатието „Јаболка“ од Скопје стотина килограми ореви и друг вид земјоделски производи.

И овој пат при разделбата Алимасковски побарал од управникот 2.000 стари динари на заем.

Треба да се спомене дека ceтa ова „претстава“, ова лажно претставување, Алимасковски го вршел смирено, без возбуда, авторитетно, и не со цел да ги присвои земјоделските производи што добивал од задругите. Напротив, тој стоката која била испорачувана преку железницата или автобусите, никогаш не ја ни примал! За него бил интересен самиот чин на измамата, сета таа церемонија што се одвивала околу претставувањето, заклучувањето на договорите, свечените ручеци. Дури на заминување тој сакал имотно да се поткрепи. И секогаш сумите што ги присвојувал, со добивање на заем, било симболични и изнесувале само толку колку што било потребно да плати за хотелска соба или пак да си купи возен билет.

НАЧАЛНИК НА ВОЕНИОТ ОТСЕК

Дека измамите на Алимасковски биле составен дел на неговиот живот и дека тој понекогаш од здодевност или пак да се пошегува, ги користел секој миг за измама, покажува и овој случај.

Алимасковски на поминување низ железничката станица „Даме Груев“ наминал до Барија Игоски, за кого претходно дознал дека има син во ЈНА. Божем сосем случајно, Алимасковски напомнал дека тој е началник на воениот отсек во Битола.

Барија не можел да издржи да не се пожали на „началникот“ дека неговиот син еве веќе една година како заминал во Армија, а сѐ уште не добил отсуство.

Алимасковски пријателски го потчукнал по рамениците:

- Велиш имаш син во ЈНА? Па, јас ке ти помогнам по тоа.

(продолжува)

Веднаш ќе испратам телеграма твојот син да се прогласи за неспособен и веднаш да се пушти дома! Слична услуга им направив на многумина мои пријатели…

Среќниот татко за военнот началник приготвил голем ручек. Алимасковски колку да не остане без никаква корист од овој „излет“, од Барија побарал барем 1.000 с. динари на заем.

Домаќинот, задоволен од оваа посета, му дал петпати повеке!

СМОТРА НА МИЛИЦИОНЕРИТЕ

Благодарејќи на својата интелигентна појава, ладнокрвност и сугестивна сила да ги потчини своите соговорници, во своето прика жување Алимасковски не се двоумел да ги наседне и луѓето од власта. Тој често влегувал во милиционерските станици и ги ставал во заблуда луѓето во униформа, кои претставувале негови животни непријатели.

Случајот кога Алимасковски се претставил на службениците на СВР од Титов Велес како виши инспектор од Скопје е само дел од неговата одисеја со измамите извршени во Секретаријатот за внатрешни работи.

Еднаш кога патувал низ селото Тополчани, Алимасковски по патот сретнал двајца милиционери. Се движеле по селскиот пат и гласно прикажувале.

- Дали сте на служба? – остро им дофрлил Алимасковски.

Малиционерите изненадени се скамениле.

- Јас сум К. О., началник на безбедноста од Скопје – им рекол Алимасковски, – доколку наминете во милиционерската станица речете му на вашиот командир дека сум дојден во селото и дека подоцна ќе наминам на разговор со него. Барам да бидат сите милиционери присутни!
Милиционерите го поздравиле високиот службеник на РСВР.

- Вие сте секогаш на служба – ги посоветувал Алимасковски – Треба да бидете внимателни и претпазливи. Непријателот демнее од сите страни. Затоа бидете достоинствени и сериозни. Јас ќе извршам преглед на теренот.

Милиционерите веднаш се упатиле во милиционерската станица и го известиле својот командир за разговорот со началникот на безбедноста.
Непосредно по разговорот со милиционерите, Алимасковски заминал во земјоделската задруга во селото. На управникот му се претставил дека е висок функционер на РСВР од Скопје и дека дошол да порача десетина гајби со јаболка.

- Попладнево ќе дојдат пашите милиционери со џипот и ќе ги префрлат во Скопје – му рекол на управникот. Вие одделете ги настрана и по можност одберете ги подобрите јаболка. Исто така би ве замолил да ми позајмите неколку илјади динари. Тие ќе ви бидат пресметани во фактурата.

Подоцна Алимасковски, убаво облечен, со сериозен поглед, се поздравил со командирот на милицијата и го запрашал:

- Мојата посета е ненадејна, но тоа мораше така да биде. На вашиот терен нешто не е во ред. Добивме известување дека на теренот се движат сомнителни лица. Милиционерите треба да бидат будни и готови во секое време да преземат акција.

Потоа Алимасковски звршил смотра на построените милиционери и ставил бројни забелешки за нивната униформа. На крајот се обратил до командирот на четата:

- Испратете го вашиот џип во задругата да пренесе неколку гајби со јаболка. Тие ќе бидат транспортирани со железница во Скопје.

Се разбира, Алимасковски никогаш не се ни обидел да ги присвои порачаните јаболка. Тој само ја извршил својата „задача“, се поиграл со милиционерите и луѓето од задругата, ги заплеткал во својата измамничка мрежа, и ги напуштил во уверување дека „високиот службеник“ на РСВР од Скопје издал наредба која треба да се спроведе.

ЗДОДЕВНИ ПАТУВАЊА

Нашиот јунак Алимасковски патувал многу. Тоа не била само негова пасија, туку и единствена можност, без тешкотии, да ги продолжи своите авантури. Доколку не ги менувал почесто местата на својот престој постоела опасност да би де брзо откриен и притворен.

Интерес побудува прашањето дали Алимасковски своите измами однапред ги планирал? Нормално е секоја измама за да успее, треба да се подготвува подолго време. Алимасковски немал такво мислење.

- Никогаш не ги планирав своите измами – изјави тој пред судот. Тие доаѓаа спонтано, случајно, онака како што доаѓаа средбите со поодделни лица во ресторанот, автобусот, возот или пак на улица. Бидејќи многу патував, често доаѓав во контакт со луѓе. Познанството со нив и разговорите што ги водевме подоцна ги користев за моите „операции“.

За да стане појасна неговата измамичка активност, ќе го опишеме неговото патување во Битола.

Во преполнето купе, Алимасковски задлабен во раширениот весник не обрнувал речиси никакво внимание на веселите извици на учениците кои со песна го скусувале патувањето. Тоа биле ученици од Земјоделскиот техникум во Тетово, кои патувале на гости кај своите соученици во Битола. Учениците биле предводени од директорот на училиштето заедно со неколку професори. Во истото купе, со нив патувал и некој новинар, дописник од Тетово.

Алимасковски, загледан во весникот, го следел нивниот разговор. Во еден момент се вмешал во дискусијата:

- Наполно се согласувам со вашата дискусија, другар директор. На тој проблем досега многу малку внимание му беше посветено. Како јавен обвинител на Тетово пред поколку дена разговарав и со претседателот на општината. Тој има исто мислење како и јас.

Директорот, изненаден од присутноста на јавниот обвинител, кого на големо изненадување досега никогаш не го имал видено и покрај тоа што
постојано контактирал со луѓето во судот и обвинителството, збунето го поздравили го поканил да седне кај нив.

- Вие не ме познавате – објаснил Алимасковски. – Но, тоа е разбирливо. Од Скопје дојдов пред еден месец. Моите нешта сѐ уште се наоѓаат во станот во Скопје…

Врската веќе била воспоставена. Требало само да не се испушта иницијативата на разговорот и тој да биде постојано во центарот на вниманието.

- Патувам приватно во Битола – додал тој – Оваа посета ќе ја искористам да се видам и со моите пријатели во Комитетот и општината.

Алимасковски набргу воспоставил контакт со професорите и со тетовскиот дописник. Обрнувајќи се кон новинарот, рекол:

- Вие новинарите треба почесто да контактирате со обвинителството и судот. Кај нас има така интересни материјали што можете секојдневно да објавувате дописи.

Потоа Алимасковски им раскажал еден мошне возбудлив „случај“. Се работело за еден измамник познат на органите на СВР ширум Републиката. Тој „неранимајко“, како што го нарекол, лажно ce претставувал во разни средини и создавал збрки.

- Обвинението е мошне обемно – објаснил тој. – Го работев долго време. Овој случај мене ме заинтересира, бидејќи е необичен и несекојдневен. Обвинетиот извршил десетина кривични дела измама и присвоил поголеми суми пари. Дојдете кај мене во обвинителството, ќе ви го дадам тој предмет…

Заинтересирани, наставниците и новинарот барале да им раскаже нешто повеќе за дејноста на фатениот измамник. И Алимасковски всушнсот им ги раскажал своите „подвизи“.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА ШКОЛСТВОТО

По пристигнувањето во Битола, директорот на земјоделското училиште го поканил „јавниот обвинител“ да присуствува на свеченоста што учениците на земјоделскиот техникум од Битола треба да ја приредат во нивна чест.

Алимасковски, млад и привлечен, веќе воспоставил контакт со учениците, посебно со ученичките. На ручекот на ученичката Д. Г. која седела покрај него, ѝ шепнал:

- Причекај ме во дворот, имам со тебе важен разговор…

При прошетката низ улиците на градот Алимасковски ѝ рекол на ученичката:

- Вие ме привлековте со вашиот питом лик и јас морам на некој начин да ви помогнам. Разбрав дека имате две слаби оценки. Ќе ви се доверам: како јавен обвинител на Тетово избран сум за претседател на Советот за школство. Веднаш штом се вратиме назад, ќе интервенирам да ви се поправат слабите оценки.

Ученичката Д. Г. по овој разговор внимателно почнала да се однесува кон својот пријател, кој веќе забележливо, почнал да ѝ ги разува своите симпатии.

(продолжува)

Но, таков едноставен заплет за Алимасковски не претставувал некое големо задоволство. Тој чувствувал посебно доживување кога во една средина во кус временски период, на повеќе лица, различно им се претстави и потоа доведувајќи ги во заблуда, уживал во недоразбирањата кои потоа настанувале.

Така по разговорот и љубовната прошетка со ученичката Д. Г., Алимасковски ѝ пристапи на нејзината другарка од Битола на која ѝ предложи љубовна авантура.

- Вечерва сум поканет кај претседателот за школство на Битола – ѝ рекол тој – Hие сме добри пријатели. Минатата година јас му помогнав да се поправат оценките на еден негов роднина во Тетово. Сега тој ми е должник, треба да ми ја врати услугата. Дознав дека вие имате проблеми со учењето. Можам да ви помогнам начисто да го минете класот.

Крајот на ова двојно љубовно удворување не е познат. Познато е само тоа дека Алимасковски, утрото без глас, како да пропаднал во земјата се загубил во непознат правец.

Алимасковски не го напуштил градот. Напротив, тој одседнал во новиот хотел „Македонија“, навлекувајќи на себе нова маска, со која можел да изигрува нови ликови, со нови функции.

БОЗА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДОТ

Поминувајќи покрај една слаткарница во Битола, Алимасковски влегол да се напие боза.

- Бозата е одлична – му рекол на продавачот. – Таква боза долго време не сум пиел. Претседателот на судот ќе биде задоволен кога ќе му однесеш едно шише. Тој е голем мераклија на овој пијалок. Утринава ми порача да му купам еден литар. Ако му се бендиса тој ќе порача за цел месец по 1 литар дневно. А, да ти кажам право, верувам дека ќе му се бендиса. За мене бозата е одлична.

Потоа извадил хартија, напишал една потврда за купување на боза за период од 1 месец.

- Јас сум економ на Окружниот суд – му рекол – Од денес во канцеларијата на претседателот на судот секое утро ќе носиш по 1 литар боза. На крајот на месецот ќе дојдеш кај мене да наплатам.

Какво било изненадувањето на претседателот на Окружниот суд кога во неговата канцеларија влегол слаткарот со шише боза само може да се претпостави. Но, велат, дека оваа весела досетка на Алимасковски ја прифатиле службениците на судот и многумина од нив почнале да купуват наутро боза од слаткарот што доаѓал во судот…

„ИНСПЕКТОР“ ВО ЗАДРУГАТА

Својата посета во Битола Алимасковски ја искористил да приреди „мала сцена“ во соседното село К. дошол во селската продавница и на продавачот му се претставил како пазаришен инспектор. Барал да изврши попис на стоките во продавницата. Продавачот, збунет од посетата на инспекторот, сакал да го одложи на некој начин пописот. Алимасковски го искористил моментот на неговата збунетост и остро се нафрлил на неговиот изглед.

- Зарем вака треба да изгледа еден трговец – рекол „инспекторот“, сакајќи да остави впечаток пред насобраните селани. – Погледни се како изгледаш. Личиш на земјоделец кој што обработува земја. Зошто не носиш работен мантил, вратоврска, бела кошула?

* При пописот на стоката, Алимасковски забележил дека во продавницата нема газије. Тоа мошне го отежнувал животот во селото, кое немало електрична енергија.

- Како е можно во продавницата да нема газије – викал Алимасковски. – Со вашата небрежност го отежнувате животот на селаните.

* Продавачот почнал да ce правда дека неколку пати барал од магацинот во градот да му испратат газије, но никој не сакал да го исполни неговото побарување.

- Тоа е невозможно – рекол Алимасковски. – За тоа треба некој да одговара. Веднаш ќе интервенирам кај директорот. Ќе барам од претседателот на општината да даде објаснување за ова.

* Селаните биле воодушевени од енергичниот став на „инспекторот“. Долго време се задржале во разговор со него, изнесувајќи ги пред него и другите проблеми во селото.

Алимасковски внимателно го сослушал и им ветил дека ќе ги исполни сите нивни барања.

АЛИМАСКОВСКИ СОБИРА ДАНОК

Како во приказните за Итер Пејо, Алимасковски постојано изведувал некоја пакосна шега. Доколку му се укажала прилика тој не пропуштал да позајми и некој динар, но, во поголем број случаи неговите измами биле извршени само заради „забава“.

* Во селото Кукуречани допатувал службеникот на даночната управа. На насобраните селани им најавил дека ќе изврши пресметка на нивните имоти, како би можел да им го намали данокот што досега го уплатувале. Даночникот, како што очекувате, бил измамникот Алимасковски.
- Новиот закон за данок оди на тоа да им ги олесни давачките на селаните – им рекол – Донесете ги документите, тапиите и ќе ја свршиме работата. Повеќе нема да плаќате така високи суми како доcera.

* Селаните радосни од она што им го кажал му приредиле голема веселба. На гозбата дошле и селските учители. Алимасковски и за нив имал убав збор.

- Деновиве расправавме во општината за примањата на просветните работници, посебно на оние што работат по селата. Донесовме одлука платите да се зголемат за 40 отсто!

* На сличен начин Алимасковски настапил и во селото Рапитово. Овој пат се претставил како службеник на Осигурителниот завод. Посетил неколку селани во нивните куќи и заклучил договори за осигурување на нивните имоти. Алимасковски бил снабден со некои блокчиња без печат. Ги терал селаните да се потпишуват на едното ќоше, а тој потписот го ставал преку целиот лист.

Постои изјава на оштетени земјоделци од селото Војвени дека Алимасковски со нив заклучил договор за „откуп“ на 770 килограми кромид, 20 тони ориз (!!) и друг вид земјоделски производи. Стоката ја порачувал во име на студентската задруга од Ниш, а самиот се претставувал за главен економ на мензата.

„ДАЈТЕ МИ ГО ПРЕДСЕДАТЕЛОТ…“

Павле Алимасковски извршил голем број измами и во нашиот град. Во Скопје тој го сменил методот на својата работа: измамите ги вршел исклучиво преку телефон.

Со помошта на телефонскиот именик, тој можел да повика личности потребни за изведување на неговите замисли, без да биде идентификуван. Анонимноста што ја овозможува телефонскиот разговор била најпогодна можност за лажно претставување. Еднаш се претставувал за доктор Трајков, друг пат за инжинер Јовановски, истражен судија, службеник на СВР, инспектор, одборник, директор на некое претпријатие, па дури и член на ЦК. Со овие измами Алимасковски не сакал имотно да се збогати, туку исклучиво да остави впечаток кај некој свој пријател дека тој е авторитетна и позната личност.

* Во ресторанот „Пелистер“ се запознал со некој постар човек, кој бил без работа и во тешка материјална состојба. Алимасковски се претставил дека е висок републички функционер и дека тој, веднаш ќе интервенира да му се помогне.

- Ќе ти дадаме извесна помош – му рекол. – Ќе разговарам со председателот на општината. Ти појди таму, а јас телефонски ќе им јавам да те чекаат.

* Потоа од јавната телефонска говорница Алимасковски навистина телефонирал во општинското собрание. Председателот бил отсутен, се јавил – секретарот.

- Овде кабинетот на А. Г. Ве молам пренесете му на претседателот дека кај него ќе дојде по половина час лицето Трајан К. Тој човек има некои проблеми и материјално е необезбеден. Ние ја разгледавме неговата молба и донесовме одлука да му се помогне. Доколку претседателот е зафатен, земете ја грижата вие, најитно да му помогнете. Изутрина, во 8 часот, јавете на кабинетот што презедовте за помош на ова лице.

* Имало случаи кога Алимасковски телефонирал на општински одбори на Црвениот крст и претставувајќи се за висок републички функционер барал да му се помогне на лицето Алимасковски. Потоа самиот одел во одборот и ја подигнувал помошта.

Не ретко тој предизвикувал недоразбирања меѓу колективите. Во името на едно претпријатие телефонски порачувал производи во друго претпријатие. Еднаш телефонирал во Погребално да се пренесе сандук во едно извозно претпријатие, за „покојниот секретар, кој несреќно загинал во сообраќајна неcpeќa“.

(продолжува)

ВО СТАРИОТ ХОТЕЛ „МАКЕДОНИЈА“

Во големата сала на стариот хотел „Македонија“ се случи настан кој подоцна служеше за шега на целиот град. Малумина знаат дека актерот на таа несекојдневна шега бил измамникот Алимасковски.

- Еднаш движејќи се покрај хотелот „Македонија“, Алимасковски, забележил во непосредна близина како се растоваруваат дрва од еден камион. Завртил околу плоштадот, нашол двајца носачи и им рекол:

- Оние дрва до хотелот погрешно се растоварени. Треба да се пренесат во кујната на ресторанот. Сега ќе ви покажам од каде ќе ги носите.
Им го покажал главниот влез на ресторанот и им објаснил дека дрвата треба да се носат низ салата за ручање, во барот.

Потоа влегол во ресторанот и седнал на една маса. Во салата имало полно гости. Во еден момент вратата се отворила и внатре влегле носачите натоварени со цепеници. Ја поминале целата сала и се упатиле кон скалите што водат за барот.

Бидејќи влезната врата во барот била затворена дрвата ги оставиле на скалите. Случајот се повторил неколку пати на големо чудење на гостите. Келнерите во прв момент, зафатени со својата работа, не забележиле ништо. Но, кога гостите се вознемириле, келнерите се обиделе да интервенираат. Носачите објаснувале дека тоа е наредба на директорот. Набргу пристигнал и самиот директор. Настанала расправија, потоа смеа.

На другиот агол од ресторанот, Алимасковски, мирно и без возбуда, ја сркал својата супа, задоволен од својот „духовит“ потег.

ИЗМАМЕН ПОТПОЛКОВНИК

Попладнето, во истиот ресторан, Алимасковски се запознал со потполковникот Р. Т. Овој пат се претставил дека е службеник на СВР од Прилеп. Потполковникот изјавил:

- Добро се познавам со вашиот началник. Бевме заедно на курс.

Алимасковски се жалел дека премногу е зафатен со службата но, дека примањата се мали. Раскажал како бил запоставен во службата и дека заменикот на началникот многу го малтретирал.

Потполковникот се обидел да го посоветува:

- Зошто не му објасните на началникот. Па тој е добар човек. Тој ќе ве сфати.

Навистина началникот е добар – рекол Алимасковски – но, неговиот заменик е препреден човек. Немам храброст да му се пожалам на началникот.

На крајот Алимасковски се обрнал кон потполковникот:

- Се случи нешто непредвидено, – му рекол – Секретарката требаше да ми испрати телеграфски пари. Бев по поштата а парите ги нема. Ми е незгодно, немам пари да го платам хотелот.

По една седмица, потполковникот се сретнал во Скопје со началникот од Прилеп. Спомнувајќи ce за неодамнешниот разговор што го водеше во хотелот со службеникот на СВР, потполковникот му раскажал на началникот за проблемите на неговиот службеник.

Началникот малку размислил и не можејќи да се досети кој негов службеник бил во Скопје на службен пат рекол:

- Да не беше тоа млад човек, убаво дотеран, со сини очи?

Потполковникот потврдил.

- Ах, па тоа е Алимасковски – извикнал началникот. – Само тој може да направи такво нешто. Сигурен сум дека ти зел и пари на заем…

Потполковникот вџашено гледал во својот прилепски пријател не можејќи да сфати како било можно така лесно да наседне на трикот на еден шарлатан.

ДРВА ЗА ЛЕКАРИТЕ

Според она што го изведувал Алимасковски, изгледа дека лажното претставување и измамите во нашата средина многу лесно „палат“. Нашите луѓе веруваат во секакви инспектори, началници, функционери. Доволно е само еден телефонски повик да ги стави во состојба на потчинетост.

Инаку како да се протолкува потегот на Алимасковски, кога претставувајќи се како секретар на „Југопетрол“ од Прилеп, го посетил главниот инженер на шумското стопанство и за потребите на својот колектив порачал 50 кубика дрва?

Луѓето од стопанството издале налог да се испорачаат бараните дрва. Меѓутоа се појавил проблем околу транспортот. Требало да се најдат камиони за пренос на дрвата. За Алимасковски тоа била само обична формалност. Преку телефон го побарал директорот на автотранспортното претпријатие од Прилеп и сосем другарски, како на свој стар пријател, му јавил:

- Здраво другар директор. Се наоѓам во шумското стопанство каде порачав дрва за моите службеници. Ако сакаш ќе ти одделам неколку кубика за тебе. Дрвата се одлични и ефтини. Само, те молам, ми требаат итно неколку камиони за превоз. Нека дојдат овде, после ние ќе се пресметнеме.

Веднаш потоа се обрнал кон луѓето од стопанството:

- Камионите ќе пристигнат по неколку часа. Јас ќе чекам во градот.

Алимасковски, кога изведувал некоја акција, бил енергичен и неуморен. Кога пристигнал во градот се упатил кај некои познати лекари. Овој пат претставувањето било: комерцијалист на шумското стопанство.

- Имаме извесно количество квалитетни дрва – им рекол – Ги даваме на медицинските работници од градот по намалени цени како благодарност за помошта што ја даваат на нашите работници.

Алимасковски наплатил на лице место.

Во центарот на градот ги пречекал возачите и им ги дал адресите каде да се растоварат дрвата.

Задоволен од играта, се повлекол во хотелот и на гостите во ресторанот доверливо им раскажал како лекарите се снабдиле со евтини дрва од шумското стопанство. Притоа повторувал:

- Денес без вреки нема ништо…

КУМАНОВСКИ РАЗГОВОРИ

Покрај измамата извршена во „Агроснабдител“, Алимасковски во Куманово предизвикал вистинска забуна со своите измислени приказни и претставувања.

Најнапред се запознал со граѓаните Раде Варџиски и Славко Пановски. Им се претставил како судија на Окружниот суд од Скопје. Зборлив и необично љубезен, тој веднаш ги придобил симпатиите на своите нови пријатели. Тие го повикале на ручек дома, го шетале низ градот, го запознале со свои пријатели.

И како секогаш, на крајот, им побарал по 5.000 динари на заем. Нивната разделба, обично изгледала вака:

- Драги мои пријатели, ви благодарам за гостопримството. Штом дојдете во Скопје по секоја цена морате да ми се јавите. Побарајте ме во канцеларијата број 6 во судската палата…

* * *

Берберот Тодор Ч. раскажувајќи за својата средба со измамникот Алимасковски, во својата изјава пред судот рекол:

- Во дуќанот имав повеќе муштерии. Водевме пазарџиски разговори и никој не обрна внимание кога влезе млад човек, убаво облечен. Ми падна в очи дека тој не е од нашиот град. Седна на столот и го отвори весникот. Наеднаш се обрна кон мене и ми рече:

- Мајсторе, ако може да побрзаш. Цела ноќ бев на служба. Јас сум истражен судија од Скопје. Во Кратово имаше тешка сообраќајна несреќа и морав да го вршам увидот.

Потоа веднаш замолкна. Контактот беше запоставен и јас сакав да дознам нешто повеќе за тоа што се случило во Кратово.

- Другар судија – му реков – Каква била таа несреќа што се случила во Кратово?

- Ништо посебно – рече тој. – Некој возач прегазил жена, млада жена на околу 28 години. Потоа ужаснат од она што го направил, се обидел да го запали камионот…

Случајот беше интересен и луѓeтo во дуќанот започнаа разговор околу тоа. Некои од муштериите го отворија весникот да видат дали е нешто објавено за несреќата.

- Тоа беше ноќеска – рече „судијата“. – Весниците ќе објават дури утре.

Кога разговорот се распламте, непознатиот ми рече:

Вечерва треба да ноќевам во Куманово. Утре во судот имам некое судење за убиство. Мажот ја отрул својата жена, сакал да живее со друга.
Коментарите се проширија и јас се повеќе го одолжував бричењето за да дознам нешто повеќе. Пред да си оди, ме праша дали има некоја куќа каде издаваат легло за ноќевање.

- Хотелите ми се омрзнати и одбегнувам да ноќевам во нив – ми рече. Би сакал приватна соба за една ноќ. Му предложив да ноќева во станот на една моја пријателка. И тоа бесплатно. Вечерта го честев во ресторанот.

Меѓутоа утредента се распрашав за судењето. Во судот ми рекоа дека немало никакво убиство. Зборував и со некои судии за случајот во Кратово. Тие без изненадени од она што им го раскажав. Од тогаш човекот што се претставуваше за истражен судија повеќе никогаш не го видов. Разбрав дека позајмил пари од станарите каде што го однесов да ноќева.

* * *

Ова е само дел од обемното досие за измамникот Павле Алимасковски.

Читателите, веруваме се изненадени од постапките на овој несекојдневен измамник. Многумина ќе се прашаат како тоа Алимасковски да не бил осуден за толку измами на повеќе години строг затвор?

Одговорот е едноставен. Алимасковски вршел бројни измами, но тој, како што нагласивме, ретко прибавувал противзаконска корист. Измамите ги вршел само да ја задоволи својата страст, да создава бркотници и недоразбирања во средините каде што се движел. Често бил притворуван и осудуван. Но, судиите не можеле да му изречат построга казна бидејќи со своите измами тој никого оштетувал. Доколку присвоил некоја сума, тоа биле незначителни износи за кои тој кривично и одговарал. Бил осудуван речиси десетина пати. Но, секогаш по пуштањето од затвор продолжувал со својата „кариера“.

Досието на Алимасковски, и покрај тоа што е на издржување во казната во загрепскиот затвор, не е затворено. Во овој момент е мошне тешко да се верува дали казната ќе влијае на осудениот измамник воспитно, и тој по излегувањето да го промени досегашниот начин на живот. Луѓето што добро го познаваат, искрено речено и покрај тоа што не ја губат вербата дека може да се поправи, велат дека Алимасковски без измами тешко ќе може да го продолжи својот живот…

(Текстот за прилепчанеот Павле Алимаскоски е објавен како фељтон во пет продолженија во дневниот весник „Вечер“ во 1967 година. Автори на текстот се Ѓорѓи Ајановски и Петар Невеновски. Иако во почетокот Павле е прикажан во црно светло, читајќи го текстот заклучуваме дека Павле е авантурист, шегаџија, човек кој никому не направил зло, туку со еден карактеристичен начин на шегување, типично за прилепчани, оставил траен белег за историјата на градот, а за неговите авантури, досетки, шеги и итроштини, прилепчани и денес си спомнуваат, нагласувајќи дека Павле Алимаска не бил лош и злобен човек, туку човек со големо срце и уште поголема душа, но со немирен и нескротлив дух, жеден за секојдневни предизвици и докажувања. Слава му!)

Нема Коментари

Коментирај