24 април 1924: Званичното отворање на Прилепската пиварница

Прилепската пиварница

Прилепската пиварница е основана од браќата Милан, Спиро и Ѓорѓи Грданови, трговци со чевли, кои откако ликвидирале како трговци во 1924 година, во заедница со Домле Иваноски изградиле пивара. Нивни ортаци уште биле Тодор Ванде, Илија и Крсте Арсови, Перо Ковилов, Димитар и Рампо Крстески, Цветан Костадинов Дворчанец, Никола Калпак и Борис Ношпал. Инвестираниот капитал изнесувал 1.600.000 динари, од кои само браќата Грданови и Домле инвестирале 1.000.000, а останатите ортаци 600.000 динари.

Капацитетот на Пиварницата бил 5.000 хектолитри пиво годишно и 1.200 кгр. мраз за 24 часа. Првиот мајстор-технолог бил Чех, а потоа бил ангажиран и еден Хрват. Просечно се произведувале по 2.000-2.500 хектолитри пиво годишно. Пиварницата со слад се снабдувала од Белград и Загреб. Пивото најмногу се трошело во Македонија, а особено во Прилеп, Битола и Скопје.

Поради големата конкуренција, Прилепската пиварница секогаш пивото го продавала со 50% пониска цена од цената на пивото од другите пиварници и имала слаба добивка. Таа работела со обичен јачмен, кој се купувал од Прилепско и Велешко. Надниците во Пиварницата за 10 часа работно време изнесувале 15 динари, додека во занаетчиството работниците добивале по 10-12 динари.

За време на Втората светска војна проиводството во Пиварницата стагнирало. По ослободувањето, биле преземени сериозни напори за нејзино обновувавње, така што по инвестиционото вложување од 80.000.000 динари, пиварницата повторно е пуштена во погон во 1952 година, со годишен капацитет од 12.000 хектолитри пиво или преку 70.000.000 динари годишен бруто производ за 58 вработени лица.

Поради големата потрошувачка на пиво, како и поради економската дотраеност на дел од опремата, во 1958 година се отпочнало со реконструкција на истата, за што биле инвестирани 93.000.000 динари. Со тоа, бруто производството се зголемило на 25.000 хектолитри пиво годишно или преку 150.000.000 динари годишен бруто производ.Со таа технологија и 40 вработени во Пиварницата, во 1966 година производството скокна на 42.000 хектолитри пиво годишно. Во тој период најголемото производство беше на црно и на светло пиво, „Крали Марко“, што ферментираше во дрвени буриња, а се пакуваше во стаклени шишиња.

Поголема инвестиција во Пиварницата беше преземена во 1972 година, кога и производството се зголеми на 86.000 хектолитри пиво.

Со преземањето на раководството од страна на млади високообразовани кадри, во 1975 година почна и брзиот раст на „Прилепска пиварница“ и во наредните 3 години производството скокна на 250.000 хектолитри пиво годишно.

„Прилепска пиварница“ во 1980 година добива и лиценца за производство на светските брендови Pepsi и Mirinda, за да во 1991 година добие и признание за најголема продажба на Pepsi, во апсолутен волумен, во регионот на поранешна Југославија и во Албанија.

Во 2000 година го лансира пивото „Златен даб“, кое се карактеризира со висок и одличен вкус.

Својот асортиман го проширува во 2002 година со добивање лиценца за производство на овошни сокови – нектари Пригат.

Во јули 2010 година е извршена замена на лиценцниот бренд на овошни сокови Пригат со сопствен бренд Bloom.

„Прилепска пиварница“ создаде ново пиво во мај 2011 година – тогаш е лансиран брендот „Мајсторско“ со помал процент на алкохол.

Во август 2011 година уште еден член на Pepsi Cola International почна да се полни во „Прилепска пиварница“ – тоа е безалкохолниот освежителен пијалок Evervess.

Во мај 2013 година реализирана е новата инвестиција од 7,5 милиони евра, во форма на комплетно нова линија за точење на стаклени шишиња на сите производи – и пиво и сокови во „Прилепска пиварница“.

Денес „Прилепска пиварница“ е во приватна сопственост. Инвестициите во високата технологија ја направија и една од најмодерните пиварници на Балканот. Годишниот капацитет на варилницата е 582.000 хектолитри пиво годишно. Покрај тоа, сеуште ги полни лиценцните пијалаци Pepsi, Mirinda, 7UP, како и овошниот сок Bloom.

2 коментари

  • jovan April 17, 2015

    Со почит кон сите кои допринеле за развој на Пивраницата, само да го спомнам мајсторот Шаги , етнички Унгарец, кој го креираше Црното и Sветлото пиво кон крајот на ’60 и почетпкот на ’70 години.

    Respond
  • atanas April 18, 2015

    A so mu teknalo na naslednicite na osnovacite da ja prodadat…ili voopsto ne ja prodale?

    Respond

Коментирај