ПРИЛЕП „ОСТАНА“ БЕЗ СТРУЈА
Се одржа првата Републичка гитаријада ма висок напон
ДЕСЕТ ДЕНА градот под Марковите кули живее во исчекување за да ги види следбениците на својот „бог“, непостриженнот Крале Марко. Десет дена младите Прилепчани „молеа“ да им пораснат и косите и брадите малку повеке за да им приредат подостоен дочек на своите другари. (Ако не во музички, тогаш барем со други и својствени „реквизити!“). И на крајот, десет дена во Прилеп „тема на денот” беше гитаријадата што ја организира планинарскоте друштво „Златоврв“ за која картите по 5 и 6 нови динари беа распродадени десет дена пред одржувањето на приредбата.
И најпосле дојде денот, долго очекуван, долго сонуван, долго планиран. Први август веројатно ќе остане (не)запишан како најпродуктивен ден на младите прилепчани. И не само младите! На тутунот сите заборавија. Преку целиот ден низ градот со секавична брзина се разнесуваа вестите за доаѓањето на вокално-инструменталните ансамбли од републиката. И гостите се потрудија да бидат поинтересни. Од Титов Велес, Битола и Кавадарци допатуваа три специјални автобуси со непотстрижени младичи и девојки со мини-сукњи и задолжително растурени коси преку раменици. Во текот на денот голем број млади прилепчани, оние што неколку години по ред упорно и не без плод го озеленуваат градот под паролата „Црвени лалиња“, сега пак организирано, откако таквата акција се дезорганизира, пак по младинска линија потрудија да соберат стотина букети цвеќиња за да ги поздрават своите љубимци. Тутуновиот комбинат од својот магазин оддели седум килограми цигари за да имаат гостите „разонода“ во слободните часови. Фабриката за алкохолни пијалоци „Црвени стени“ се потруди и времето предвидено за јадење да им го направи поинтересно, па на гостите и учесниците таа им додели пијалоци за „освежување“.
И кога беше сѐ готово за почеток, домаќините, дали од радост или од преголема возбуда, потклекнаа: како по обичај, претставата започна со триесет минути задоцнување. Во салата на киното (по приредбата тоа веќе не беше кино сала) наместо седумстотини сопственици на билети влегоа илјада и седумстотини!
Сепак, кога веќе немаше место каде да влезат повеќе гости, со свиреж од илјада надуени усни и тенекеџијски звуци од четири изштимувани гитари на 220 волти и еден тапан и петнаесет гитари што истовремено се штимаа на отворената сцена со учесниците претставата почна!
„Изотопи“ се растопија
Без најава (во салата ништо не се слушаше), без да знаат на кого имаат чест да му аплаудираат, посетителите уште на почетокот веќе станаа на нозе. Композициите што ги изведоа ансамблите „Младост“ и „Анонимни“ од Кавадарци малку возбудуваа на тоа, но музиката во салата веќе малкумина имаа и можност да ја слушнат. „Демони“ од Штип исполнија две свои композиции. Салата врие! „Црни фантоми“ од Скопје со исполнувањето на двете композиции „Алин“ и „Хит“ у ште повеќе ја раздвижија публиката. Најпасионираните поклоници на бит-музиката веќе ги манифестираа своите страсти: на бината паѓа запалена петарда! Се чувствува мирис на запален кабел. Опасно. Се исклучуваат приклучоците на гитарите, во салата нема струја. Неподносливо!
Појавата на прилепските „Електрони“ ја наелектризира публиката како никогаш дотогаш (Чекајте, има и повозбудливи моменти до крајот). Во салата свеста ја губат неколку посетители! Програмата продолжува. Настапуваат „Барони“ од Битола, па „Изотопи“ од Титов Велес. За изведбите досега многу малку можеше да се рече, зашто и многу малку можеше да се чуе. „Изотопи“, очигледно, дека е најкомплетен и најединствен ансамбл. ВИС „Скромни„ од Битола како да се придржуваа на своето име: исполнија две нежни, тивки композиции. Публиката уште на почеток им даде на знаење дека многу сериозно пристапиле во својата работа, и во своето „крштевање“, и во изборот на композициите, барем за оваа публика…
Кога настапи „ВИС Кристали“ од Прилеп, настапи и пауза од десетина минути. Сите посетители беа качени на столовите. Неколку редици столови се веќе извадени од постољата. Салата личи на базен. Сите од половина нагоре се голи. На бината паѓа уште една запалена петарда. Во првите редови неколкумина наздравуваат со шишиња пиво! Едно шише долетува на бината, на ист начин е вратено меѓу публиката. Некој е повреден, уште неколкумина ја губат свеста, ова веќе почнува да личи на возбудлив криминален филм…
Сепак прилепските „Кристали” имаа во својата изведба нешто кристално, нешто јасно. Тие беа најпрактични: им докажаа на посетителите дека амбиентот од зоолошката градина (само не прилепската, зашто таа има малку животни!) може да се пренесе и на бина. Особено во тоа успеваше нивниот солист Драган Секулиќ.
„Фаворити“ од Титов Велес не се потврдија самите себеси. Но, по сѐ изгледа дека овој ансамбл ги освои симпатиите на публиката, барем по честитањата и подарените букети цвеќиња на симпатичната солистка Пандорка Левкова. И понудените бакнежи!
Со тоа сврши „првото полу време“! До два часот наутро сите ансамбли исполнија уште по две композиции, и дури потоа жири-комисијата составена од единаесет членови ги соопшти резултатите. Првото место, награда 50.000 стари динари и 1 кг. цигари му припадна на ВИС „Изотопи“ од Титов Велес. Второто место, 25.000 ст. д. „Кристали“ од Прилеп, а 5.000 стари динари и трето место освои „Младост“ од Кавадарци.
Сериозно за несериозното
Ова е прва републичка самоиницијативна гитаријада, и според тоа што се случи на истата, подобро ќе биде таа да биде и последна. Добрите намери на планинарското друштво „Златоврв“ да го одбележи празникот Илинден и да го подобри своето материјално салдо донесоа лоши резултати. За организаторите и финансиска – само два-триесет илјади стари динари, и морална – во не така мала мерка го изгуби угледот на една дисциплинирана организација, која ете, сакала или не, стана организатор и носител на една целосно несериозна и промашена манифестација. Организационите пропусти да не ги набројуваме. Ќе кажеме само дека на сцената доаѓаше секој што тоа ќе го посакаше од редовите на публиката, дека сцената беше преполна со посетители, десетпати повеќе отколку изведувачи… Ho, ако сето тоа може да се припише како почетнички „кикс“, тогаш што би рекле за публиката?
Ретко несериозна публика! На сцената, рековме, долетаа запалени петарди, метли, вистински метли, некои шишиња по исполнителите, од предните редови со шишиња в раце наздравуваа, фрлаа шишиња, ги препнуваа исполнителите, дофр луваа, групно и на цел глас зборови што се тешки за пишување, а особено за читање… Сé на сé, лоша услуга на градот. Доколку и до година се одржи гитаријада, предлагаме по секоја цена да не се одржи во Прилеп.
Вокално-инструменталните ансамбли беа под секакво ниво. Освен победникот ВИС „Изотопи“, сите други свиреа под просек. Без ритам и во музицирање и во играње, без увежбаност, без сé друго што може да ѝ биде својствено на една музичка група или состав. Веројатно и изборот не беше најдобар.
Ако се учиме на искуствата, да очекуваме втората републичка гитаријада (која ќе се организира!) да нѐ принуди поскоро да ги заборавиме впечатоците од Прилеп.
Сталин ЛОЗАНОВСКИ
(Прилог објавен во весникот „Млад борец“, август, 1967 година)

Коментирај