ПРИЛЕП И МАРКОВ ГРАД
Туристичка брошура од 1938 година од минатиот век во издание на „Друштво за унапређење туризма „ЈУГ“ – Скопље и „Путник“ – Београд“
„Прилеп е еден од градовите во пространата Битолско – Прилепска котлина или Пелагонија, како што се викала некогаш.
Тој е средиште на северниот дел од оваа котлина, за Прилепско поле, бидејќи котлината е со ниска преграда поделена на две полиња, Битолско и Прилепско.
Денешниот град Прилеп лежи на источниот крај од Прилепското поле, повлечен во пошироката долина на спојот на две рекички, околу најниските падини на планината Бабуна од север и Селечка планина од југ и исток.
Над градот доминираат кристалестите грамади на Марковите кули со рушевините од средниот век.
Пред неколку години низ Прилеп е изградена железничката пруга со нормален колосек Велес-Прилеп-Битола, која сега ја спојува Пелагонија и соседните краеви со Вардарската долина (со Скопје и Белград), а која преку Битола продолжува на другата страна, низ Грција до Солун.
Инаку Прилеп уште во дамнешни времиња е крстосница на многу важни патишта.
Познатиот балкански попречен пат (старата Виа Егнација) се дели во Битола, еден дел кон Лерин и понатаму во Грција, другиот дел кон Ресен и Охрид и последниот крак сечејќи ја Пелагонија се движи кон Прилеп од каде што понатаму се протега до Вардар во два правци: едниот преко превојот Присад оди во Велес а другиот преку превојот Плетвар оди во Градско.
Потоа, од Прилеп водат патиштата: За Крушево (30 км), преку превојот Барбарас и Јужен Брод (Македонски Брод), во Кичево (66 км) кое што е важна крстосница на патиштата за Дебар, Битола и Скопје.
Во Правците на Кичево и Крушево секојдневно се врши автобуски превоз на патници, а на железничката пруга Битола-Прилеп-Велес дневно сообрајќаат 4 парови на возови.
На патниците во Прилеп им стојат на расополагање повеќе хотели и гостилници: главни се најдобро уредениот хотел „Балкан“ и хотелот „Југославија“.
ИСТОРИЈА
Градот Прилеп на денешното место се развил за време на турското владеење, најверојатно од другата половина од XV век. Инаку оној стар и славен Прилеп се наоѓал на околу 2 километри од денешниот град, ко северо-запад, на крајот од сртот кој доаѓа од Златоврв.
На крајот од тој срт, се издигаат блокови од карпи со разновидни облици, на кои сеуште стојата остатоците од моќните ѕидови и кули на некогашната престолнина на кралот Волкашин и неговиот син Марко, истиот онај Марко кој толку е опеан и чие што име народните песни нераздвојно го поврзуваат со Прилеп, така што Прилеп станал најпознат град меѓу Србите.
На една стрмнина од Марковите кули се наоѓа манастирот „Свети Архангел Михаил“ со црквата која е задужбина на кралевите Волкашин и Марко. Зачувани се (иако оштетени) нивните ктиторски ликови, насликани лево и десно, надвор на влезот од црквата.
Под манастирот, на патот Прилеп-Кичево се наоѓа некогашното подградие на стариот Прилеп, сега селото Марков град или Варош.
Прилеп е многу стара населба. Во Марков град и во непосредната околина има многу траги од праисториското и Грчко-Римското време.
Како град Прилеп првпат се споменува во почетокот на XXI век: 1014 и 1018 година, во XIII век (1240) се споменуваат трговските врски на Прилеп со Дубровник, во XIII и XIV век се споменува Прилепската тврдина (кастрон), денешните Маркови кули.
Во текот на средниот век, Прилеп често ги менувал господарите: кон крајот на X век бил под власта на Византијците, Цар Самоил, Бугарите и Србите (некое време бил под власт на кралот Милутин).
Во 1335 година Цар Душан го освојува, „Великославни град Прилеп“, во кој подоцна имал свој двор во кој што радо престојувал.
Прилеп во тоа време бил доста жив трговски град а на празникот Митровден се одржувал голем панаѓур.
Кога царствот за време на Душановиот син и наследник Цар Урош почнало да се распаѓа, Прилеп станува престолнина на кралот Волкашин (1366 – 1371) и неговиот син Марко (1371 – 1394).
Во Марков град или Варош, освен споменатите рушевини од тврдината има уште многу други остатоци од средниот век.
Покрај споменатата црква на манастирот „Свети Архангел Михаил“, која што е изградена во средниот век, стојат манастирските конаци кои се изградени во XIX век. Во тој стар Прилеп, сегашното село Варош, во средниот век имало повеќе цркви, од кои некои се доста сочувани а некои се во рушевини, така: црквата „Свети Димитрија“ (се споменува во 1335 година), црквата „Свети Никола“ (изградена во 1298 година) со интересен живопис од XIV век, црквата „Света Богородица Пречиста“ изградена во 1416 година, рушевините од црквата „Свети Атанасиј“ од XIV век и црквата „Свети Петар“ од XV век.
По доаѓањето на Турците и смртта на крал Марко, градот се преместува и развива на денешната местоположба, каде што во рамнината можел подобро да се шири и каде што имало вода, а стариот Прилеп станува село со христијанско население.
Во XVII век, Турците сеуште ја одржуваат тврдината над градот, а новиот Прилеп станал богат и голем трговски центар со мешовит состав на жители.
Во 1651 година Прилеп се споменува и како седиште на митрополит. Во XVIII и XIX век бил надалеку познат и посетуван прилепскиот годишен панаџур, кој траеl по 25 денови и на кој е носена роба (9000 товари) од далечни земји, а прилепските трговци имале трговски врски и со градови дури во Германија и Англија.
Пред крајот на XIX век, откако се изградени железнички пруги по долината на Вардар и од Солун до Битола, прилепскиот панаџур го изгубил своето значење по што е укинат.
Во Балканската војна, српската војска ја извојувала кај Прилеп една од своите најзначајни победи: На Алинските висови (Бакарно Гумно), југозападно од Прилеп, српската војска на 24 октомври 1912 година ја победила турската војска, после што е отворен патот кон Битола.
Сега на кота 717 е подигнат споменик на тогаш загинатите војници.
ЖИТЕЛИ
Кон крајот на 1937 година во Прилеп забележани се 22.267 жители, а во Прилепската општина која освен Прилеп ја сочинуваат и селата Варош и Дабница: 23.785 жители). Православните „Срби“ се во огромно мнозинство (19.139 жители).
СТОПАНСТВО
Некогаш Прилеп бил славен трговски град, во кој во средниот век и под Турците се до крајот на XIX век се одржувал годишен и многу посетен панаѓур. Денес Прилеп сеуште не го изгубил приматот трговски град и истиот како трговски град има локално значење: Тој својата околина ја снабдува со колонијална и манифактурна роба.
Од Прилеп во поголема количина се извезува жива стока (150 до 160 вагони ситна стока во Грција), потоа нешто жито во Арбанија и рж’ во Германија.
Со изградбата на железничката пруга со нормален колосек овозможено е поголемо искористување на мермерот во околината.
Единствено финансиско претпријатие во Прилеп е „Занатска кредитна задруга“. Денешниот Прилеп од стопанска гледна точка е занаетчиски и тутунски град. Во градот има околу 700 занаетчии, меѓу кои посебно се истакнуваат: влечкарите, казанџиите, калајџиите, кујунџиите (во исто време и препродавачи на стари пари) и ковачите.
Казанџиите произведуваат и за извоз и ги носат своите изработки на панаџурите во повеќе места, а додека меѓу ковачите се издвојуваат и кантарџиите.
Жителите на Прилеп и Марков град од дамнина се занимавале со одгледување на тутун, кој е со одличен квалитет и спаѓа во најквалитетните сорти во државава. Освен што сами го произведуваат тутунот (во 1937 година, производителите во Прилеп откупиле тутун во износ од 26 милиони динари, а цел Прилепски срез за 48 милиони), сиромашните граѓани се финансираат и со работа во монополското стовариште: Тутунската станица вработува околу 1000-1200 сезонски работници. Под влијание на градот, во 1918 година тутунот почнал да се произведува и по селата околу Прилеп, особено последните години откако пропадна одгледувањето на афионот поради нерентабилност.
Бидејќи Прилеп е толу значаен произведувач на тутун, државата овде подигна модерен Институт за тутун (на патот Прилеп-Кичево).
Индустријата во Прилеп е незначителна: една мала пивара, електрична централа на нафта и 4 моторни млинови за лебно брашно.
Во последно време почна обработка и извоз на гранит за градба и калдрмисување, а се извезува и мермер со кого околината е доста богата: на Плетвар се рудниците на црн мермер, во Зрзе црвен мермер а во Присат бел мермер (од Присатскиот мермер беа изработени столбовите на Југословенскиот павиљон на Изложбата во Париз во 1937 година), а над Зрзе исто така има и оникс.
Во Сабота во Прилеп е пазарен ден, на кој доаѓаат многубројни посетители, не само од блиската околина туку и од Мариово, Тиквеш, Порече, Железник (Демир Хисар) и др.
Жителите во околината на Прилеп се занимаваат главно со земјоделие (одгледување на жито: рж’, пченица, јачмен; во поново време тутун и маслена репка) и сточарство, а развиено е и одењето на печалба.
Во селото Бонче се изработуваат воденички камења кои се продаваат во Прилеп на пазарот „Воденички камења“, каде се секогаш изложени и без чувари.
На планините околу Прилеп, преку летото доаѓаат номадски сточари Цинацари (Власи).
Прилеп во голема мера како ниту еден друг град во Јужна Србија го зачувал изгледот на еден балкански град: не регулирани улици и пазари, многу чикмаксокаци, лоша калдрма, повеќе махалски чешми (на кои во лето групи на жени чекаат на ред да наполнат вода).
Сразмерно има многу малку нови модерни згради, меѓу кои се истакнува Заетчискиот дом. Стопанското средиште во градот е околу Житниот пазар. Во Житниот пазар има околу 40 метри висока саат-кула подигната во 1858 година, која е малку искривена.
Тука е и главната џамија на чие високо минаре има два шерифети. Порано оваа џамија била покриена со оловен покрив. Од старото турско време останати се само уште еден амам и рушевините на Куршумли ан, некогаш убава и импозантна градба, со оловен покрив, денес со доста добро зачувани врати од мермер. Сега во овие ѕидини е сместено едно приватно стовариште за граѓа. Според едно предание, околу овој ан, во турско време е изграден денешен Прилеп.
Освен житниот пазар, во градот се важни и овие пазари: Ат-пазар (сточен пазар), порано се наоѓал на песокот крај Дабничка река а сега на периферијата од градот крај Ореовечка река, Женски пазар или Мас-пазар, Зерзевет-пазар и др.
Занаетчиите се групирани и имаат свои улици во чаршијата: ковачи, папуџии, казанџии и кујунџии (златарска улица).
Најголема црква во градот е соборната црква „Свето Благовештение“, со дрворезен иконостас, градена во 1838 година. во нејзина близина се наоѓа црквата „Свето Преображение“ а во градба е и монументалната црква „Свети Кирил и Методиј“, која се подигнува како спомен-црква на Крал Петар I и во чија крипта се наоѓа костурницата на српските војници загинати во околината на Прилеп 1912-1918 година.
Меѓу куќите во христијанскиот дел на градот се истакнува старата Бомболовска куќа (на ул. „Далматинска“), изградена во 1651 година.
Денешниот Прилеп кој е главно занаетчиски и земјоделски град е сиромашен со културни установи. Единствени виши школи во градот се Гимназијата и Женското занаетчиско училиште.
Во Занаетчискиот дом се наоѓа занаетчиската книжарница со читална и кино (во градот има две кина). Постои и едно Друштво на уметниците (сликари) и Туристичкото друштво „Златоврв“ (именувано по врвот Златоврв над манастирот Трескавец).
Омилени излетнички места на прилепчани и порано им биле манастирите во околината, а сега освен по манастири се оди и во Крушево и на други места во околината.
Почнува да се развива и скијачкиот спорт, за кој има добри терени на планината Бабуна.
ОКОЛИНАТА
Околината е полна со разновидни знаменитости. По висовите околу Прилеп насекаде се гледаат гранитни карпи со различни облици (една височинка се вика Баба, бидејќи на него има карпа која личи на баба), особено околу Марков град. Во Марков град често се наоѓаат праисториски и средновековни старини (освен споменатите, во конаците на манастирот „Свети Архангел Михаил“ се наоѓа и многу убав рељеф на Тракиски коњаник), а по Прилепското поле и римски и византиски остатоци на секој чекор.
Најзначајни се древните остатоци на рушевините од градот ШТУБРА-Е во село Чепигово, југозападно од Прилеп, а на левата страна на Црна река.
Во пошироката околина на Прилеп има многу манастири и стари цркви, меѓу кои особено се истакнуваат Трескавец, Слепче и Зрзе.
Прилепец, манастир „Свети Никола“ над истоименото село, југоисточно од Прилеп. Кај селото се пронајдени остатоци од римска градска населба.
Сегашната манастирска црква е подигната во 1870 година на старо црквиште.
Северно од Прилеп, под Златоврв (1422 метри) се наоѓа манастирот Трескавец (на висина од 1277 метри). До него може да се дојде само со коњ или пешки (2 часа одење). Манастирот посветен на „Успение на Пресвета Богородица“, е подигнат уште за време на Византија, но за време на српското средновековно владеење е обновуван и збогатен со многу дарови од Цар Душан.
Манастирската црква изградена за време на Византија е добро сочувана, а во незина близина се остатоците од манастирска пирга (кула), во чие приземје имало една капела, каде што се зачуваниживописаните ликови на ктиторите.
Освен живописот во манастирската црква, интересна е и манастирската трпезарија (во неа се зачувани стари камени маси).
На северозапад од Прилеп е селото Слепче и во негова близина истоимениот манастир, посветен на „Свети Никола“, изграден во 1672 година.“
Коментирај