Подвис е село во јужниот, рамничарски дел на Прилепско Поле. Селото е рамничарско, на надморска височина од 607 метри и има полјоделска функција.
Во XIX век Подвис било мало село во Прилепската каза на Османлиската империја и се викало Турско, иако во селото не живеел ниту еден Турчин. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника”, издадена во Константинопол во 1878 година, каде што е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Турско (Toursko) е посочено како село со 20 домаќинства и 84 жители.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Турско имало 140 жители, сите христијани.
Во почетокот на ХХ век, сите жители на селото биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Турско имало 80 егзархисти.
Според пописот од 1961 година, Подвис имало 271 жител, во 1994 – 152, а во 2002 година живееле 143 жители, сите Македонци.
Коментирај