2008: Podarcis erhardii (Македонска гуштерица) сликана во околината на Трескавец

Podarcis erhardii (Македонска гуштерица)

Podarcis erhardii (Македонска гуштерица, Ерхардов ѕиден гуштер) е Балкански ендемит и живее на јужниот дел од Балканскиот Полуостров на каменести или карпести терени, со ниска и густа џбунеста вегетација. Македонската гуштерица е главно низински вид кој живее во области до 1000 метри надморска височина.

Подвидот „riveti” е присутен на целата територија на Македонија, каде што е најчестиот вид на гуштер, во низинскиот и ридскиот регион. Должината на телото (без опашка) му изнесува околу 7 сантиметри, а опашката му е два пати подолга. Главата му е поширока, а кожата е мазна. Бојата и шарите му варираат зависно од подвидот. Основната боја најчесто е сива или кафеава, а понекогаш и зелена.

Женките имаат по страните две бели линии на црна основа, а по средината на грбот имаат една темна линија. Машките примероци на Македонската гуштерица имат мрежести шари од надолжни и попречни линии. Бојата на стомакот и гушата им варира од бела, жолта, портокалова до црвена.

Македонската гуштерица е одличен качувач по карпи и дрвја. Активна е преку целиот ден кога и лови, главно безрбетници и инсекти.
Женката снесува 2 до 4 јајца кон крајот на мај или во почетокот на јуни, а понекогаш повторно снесува по еден месец. Малите излегуваат во почетокот на септември. Почетната должина им е 3 сантиметри, а бојата им е како и на возрасните. Хибернацијата (зимскиот сон) им трае од ноември до февруари.

Нема Коментари

Коментирај