Планинарскиот дом „Дервен“ се наоѓа на планината Бабуна, над стариот пат Велес-Прилеп, на височина од која има извонреден поглед кон Прилеп и кон планините Мукос и Селечка. Местоположбата на домот е таква што тој е изложен на сонце, но истовремено и на ветрови кои постојано дуваат.
Со оддалеченост од Прилеп од околу 20 километри, лесно е пристапен, како со автомобил, така и пешки, што го прави идеална излетничка локација.
Изградбата на домот е започната во 1951 година, а завршена е во 1955 година, со доброволна работа на прилепските планинари и со помош на органите на власта. Во 1955 година предаден е на управување на Планинарското друштво „Козјак” од Прилеп, кое заедно со Планинарскиот сојуз на СРМ и најмногу учествувало во неговата изградба.
Граден е од цврст материјал: камен и малтер со приземје и кат. Имало две големи простории, во кои биле сместени околу 50 кревети. Кујната и трпезаријата биле опремени со нужна опрема, која им била ставена на располагање на посетителите, а по потреба во трпезаријата можело да се сместат околу 72 планинари. Исто така, имало и помошни простории со соба за домарот на домот.
Домот бил постојано отворен. Имало домар и домаќинка, кои се грижеле за редот и чистотата. Во домот имало телефон, радио и телевизор. Имало електрично осветлување, водоводна инсталација, умивалници и бања. Во домот можело да се добие храна, пијалак и други прехрамбени продукти, а можело да се подготвува и сопствена храна.
Околината на домот била уредена ливада со планинска трева, а имало и бавча која ја обработувале домарите. Омилени тури, кои се правеле од посетителите на домот, се тие до врвовите Мал Мукос и Голем Мукос, како и до Студеница, Кадиница и манастирот Степанци (пешачење 2-3 часа од домот).
Во 1997 година домот е опожарен и целосно руиниран, при што се останати само камените ѕидови.
Коментирај