Протоерејот Павле Наумоски е роден во 1885 година во село Локвица – Македонски Брод, во православно благочестиво семејство. По завршувањето на малата матура се запишал во богословско-учителското училиште во Призрен, кое со успех го завршил во 1905 година. Веднаш по завршувањето се вратил во својот роден крај и бил назначен за учител во село Црешнево – Бродска општина. Во 1910 година е ракоположен во свештенички чин од тогашниот Велешко-дебарски епископ Варнава и бил поставен за парохиски свештеник во своето родно место. Во 1913 година бил преместен и бил поставен за старешина на манастирот „Света Пречиста“ во Кичево. На таа должност го затекнала и Првата светска војна, па поради тоа бил принуден да го напушти манастирот и да пребега во Солун, Егејска Македонија. Во 1918 година се вратил на старата должност во кичевскиот манастир, каде што останал се до 1919 година, кога бил преместен и поставен за архиерејски намесник во Крушево. На оваа должност останал до 1921 година, кога по потреба на служба бил преместен и поставен за архиерејски намесник во Прилеп.
Како архиерејски намесник на прилепското архиерејско намесништво, педантно и со огромна љубов кон свештеничкиот повик ја извршувал својата должност, а неговата административна работа и денес може на многумина да им користи за пример на елеганција и трудољубивост во работењето. Сите акти, кои се сочувани до денес, се пишувани и заведувани крајно професионално, со прекрасен ракопис, според кои можеме да заклучиме за каква вонредна личност станува збор. Со почетокот на Втората светска војна, заради притисокот на бугарскиот окупатор, бил принуден да ја напушти својата должност и да емигрира во Белград. По ослободувањето на Македонија во 1945 година, протоерејот Павле Наумоски се вратил во Прилеп и бил поставен за парохиски свештеник на I парохија при храмот „Свето Благовештение“, на која должност останал се до своето пензионирање во 1952 година. Иако пензионер, длабоко во себе чувствувал дека и понатаму има сили ревносно да ги извршува светите богослужби, па доброволно се согласил секој празник и секоја недела да богослужи во храмот „Свето Преображение“. Цели осум години со љубов богослужел и проповедал, се до 1960 година, кога тешко се поболил и бил принуден да прекине со богослужбите и да се посвети на чувањето на своето кревко здравје. На неговата болест тешко се одразиле и предвремените загуби на своите две возрасни чеда: ќерката Крстана и синот Мирко, кои умреле во цутот на својата младост и во негова грижа и воспитување му оставиле две незгрижени сирачиња.
Протоерејот Павле Наумоски починал на 14 септември 1961 година. Опелото над покојниот е извршено на 15 септември во храмот „Свето Благовештение“, каде што ги поминал најубавите години од својот работен век и каде што до израз дошле неговите пастирски одлики, кои го краселе во текот на целиот негов живот.
Коментирај