Патописот на Васил Иванов К‘нчов.

Патописот на Васил Иванов К‘нчов

Патописот на Васил Иванов К‘нчов од 1900 година

Васил Иванов К‘нчов (26 јули 1862 – 6 февруари 1902) бил научник, географ, историчар и политичар од Бугарија, автор на многубројни географски истражувања на Македонија. Сомисленик на Прогресивно-либералната партија, во период од еден месец бил министер за образование и наука во првата влада на Стојан Данев (1902). Бил член на Бугарската академиja на науките.

Тој бил типичен претставник на бугарската пропаганда во Македонија. Бил учител по хемиja во Солунската машка гимназиja (1888-1891), директор на егзархиски училишта во серско (1891-1892), директор и на Солунската гимназиja (1892-1893), главен училишен егзархиски инспектор во Македониja (1894-1897). Автор е на научниот труд „Македонија: Етнографија и статистика“.

„Македонија: Етнографија и статистика“ била отпечатена на бугарски јазик во 1900 година во Пловдив и претставува прва целосна статистика на населението на Македонија објавена во Бугарија. Издавач е Бугарската академија на науките. Книгата е преведена и на француски јазик од Леон Ламуш.

Васил К’нчов долги години работел и предавал во Солунската машка гимназија „Свети Кирил и Методиј“ во Солун и во Серес, а од 1894 до 1897 година бил главен училишен инспектор на егзархиските училишта во Македонија. Патувајќи како инспектор, собирал информации на терен за населените места, за етничкиот и религиозен состав на населението, па користејќи и други дотогаш објавени студии и патеписи за Македонија, ги објавил во оваа книга.

Во првиот дел од книгата, К’нчов дава општи белешки за населението на Балканскиот полуостров, историски осврт на етничката состојба и промените во етничкиот состав на Македонија во текот на историјата. Потоа пренесува неколку карти со негови коментари во врска со етнографските карти и описи на Франсоа Пуквил, Ами Буе, Август Гризебах, Павел Шафарик, Јосиф Милер, Виктор Григорович, Јохан Георг фон Хан, Гиом Лежан, Џорџина Макензи и Аделина Урби, Густав Вајганд, Хајнрих Киперт и други.

Во вториот дел наречен „Статистика“ дава подробен опис на сите населени места во Македонија по кази, на нивното население, етничкиот состав и религиозната припадност. Сите Македонци ги именува како Бугари. Во неговата книга „Орохидрографија на Македонија“ признава дека славоговорните и романоговорните Македонци самите себе се нарекуваат Македонци, а така ги нарекуваат и околните народи.

Во „Македонија: Етнографија и статистика“ за Прилеп се дадени следниве статистички податоци:

Христијани: 16900
Турци: 6200
Власи: 480
Цигани: 960
Вкупно: 24520

Нема Коментари

Коментирај