Патописот на Едмунд Спенсер од 1850 година
Едмунд Спенсер бил Англичанец и воено лице со чин капетан. Патувал во разузнавачки цели. Во 1850 година ја посетил Македонија, влегувајќи од Призрен, преку Шар Планина. На оваа тура го посетил и градот Прилеп. Во своето дело ни оставил опис на шест македонски градови, како и многу важни податоци за македонската стара топонимија.
Интересно е да се подвлече дека во Битола и Охрид се сретнал со Робевци, а во Струга со Димитар Миладинов.
Своите впечатоци од ова патување ги запишал во делото „Патување во европска Турција во 1850, по Босна, Србија, Бугарија, Македонија, Тракија, Албанија и Епир, со посета на Грција и Јонските острови и враќање преку Унгарија и славонските провинции на Австрија, во долниот тек на Дунав“. Делото е печатено во Лондон, во 1851 година.
Оригиналниот наслов на делото гласи: „Travels in european Turkey in 1850, through Bosnia, Serbia, Bulgaria, Macedonia, Thrace, Albania and Epirus, with a visit to Greece and the Jonian Isles and a homeward tour through Hungary and the slavonian provinces of Austria on the lower Danube“. Овој редок патопис е пронајден во Конгресната библиотека во Вашингтон, каде што се чува и денес со сигнатура DR 14. S74 I-II.
Еве како е опишан нашиот Прилеп во ова дело:
„Го следевме текот на Карасу, или како што ја нарече Ѓорѓи, Црна (Црната Река) сè до Перлип или Прилип, древниот Паремболе, еден значен град, кој што се состоеше од пет до шест илјади жители. Најинтересните остатоци од српската империја во Македонија можеа да се сретнат на едно кратко растојание од градот – навистина величествените остатоци на тврдината на српскиот јунак, Марко Кралевиќ, што беше изградена на врвот од една карпа, речиси 400 фити во височина, каде што можеше единствено да се пријде преку едни скали, вдлабнати во стрмната карпа.
Го напуштивме древниот Паремболе, откако ја преминавме реката Кандри, што течеше низ градот, преку еден дрвен мост, наједноставно конструиран. Од двата брега, и во средината, се издигаа масивни камени столбови од старите времиња; преку нив беа поставени дрвени греди, поставени лонготудијално, поврзани помеѓу себе со ремени од кора од дрво; а со оглед на тоа дека поврзувањето на некои дрва на овие места беше разлабавено, беше потребна голема внимателност за да не паднеме заедно со коњите во бучната река, а покрај тоа самиот мост беше тесен и на него немаше ограда. Како и да е, нашите маки штотуку започнуваа, зашто на спротивниот брег моравме да се искачуваме по стрмнината на оголена планина; патеката беше издлабена во карпите, при што со секој наш чекор се зголемуваше нашата опасност , а над сето тоа беше страшна клисура под нас; зашто таму не постоеше ниту некој гребен, ниту пак некое растение, или пак некоја грмушка за да се фатиме за неа, доколку нашите коњи направеа погрешен чекор; во исто време, сонцето над нас жестоко нè печеше, а тоа или се рефлектираше и од оголените карпи, што беше доволно да истопиме како саламандер, а како врв на нашите страдања, особено што се однесува до нашите сиромашки коњи, моравме да водиме борба на живот и смрт со безбројната армија стршлени. Но, бидејќи сè си има свој крај, се изборивме искачувајќи се на врвот, каде што едно освежително ветре нè ослободи од нашите непријатели; а, како компензација на нашата победа, уживавме во еден од најраспространетите и најпрекрасни пејсажи во овој дел од Македонија…“
Коментирај