Отец Кузман Ангелески

Отец Кузман Ангелески

Отец Кузман Ангелески е роден на 17 февруари 1866 година во селото Слепче – Прилепско, во патријахално земјоделско семејство, чии претци со генерации наназад биле свештеници. Неговото семејство е познато како Поп-Перевци, според неговиот брат Пере, кој бил постар од братот Кузман околу 30 години. Свештеникот Пере исто така имал син свештеник по име Јован, кој, пак, бил врсник со протоерејот Кузман. И таткото на браќата свештеници Кузман и Пере бил свештеник и се викал Ангеле, а бил роден во 1800 година.

Отец Кузман Ангелески основното образование го завршил во своето родно село, а старословенското писмо го изучил во манастирот слепченскиот манастир „Свети Никола“, кај тамошниот игумен, еромонахот Атанасиј. До својата 21 година се занимавал со земјоделство и сточарство, а во 1887 година, по препорака на својот постар брат Пере, заминал во Света Гора во манастирот Хиландар. Таму престојувал пет години и тука, во 1896 година, од Велешкиот грчки епископ бил ракоположен во свешетнички чин. Во своето родно село Слепче се вратил во 1896 година и бил назначен за парохиски свештеник на Секиречката парохија со селата Слепче и Костинци. На оваа парохија, со извесни прекини, бил во периодот од 1896-1923 година.

Во 1900 година бил избран и поставен за старешина на манастирот „Свети Никола“ во Слепче. Како старешина се грижел за развојот на манастирот и за неговото напредување. Во време на окупацијата од Бугарите во Првата светска војна, протоерејот Кузман, заедно со целото свое семејство, ја напуштил својата татковина Македонија и избегал во Егејскиот дел. На овој чекор се одлучил зашто јавно кажал дека не се чувствува Бугарин, туку Македонец, а тој како свештеник бил прв што бил подложен на тортура, зашто јавно откажал да спроведува бугарска асимилаторска политика. Во Солун живеел се до протерувањето на Бугарите од неговото родно место. Отец Кузман и во Солун ја извршувал својата свештеничка активност. Тука починала и неговата верна и намачена сопруга – презвитерата Велика, а нејзиниот гроб и денес се наоѓа на солунските гробишта.

По враќањето во Слепче, во 1920 година ги обновил манастирските конаци според неговите можности, а ја реновирал и манастирската црква, при што ќе остане запаметен од селаните како нејзин ктитор. Во 1923 година, заради потреба, а и заради немање доволен број на квалитетен свештенички кадар, преместен бил во Прилеп и поставен за парохиски свештеник на првата парохија при црквата „Свето Благовештение“. Со одлука ЕБр. 394 од 11 мај 1925 година, од епископот Јосиф, потврден е за времен парохиски свештеник на И парохија при храмот „Свето Благовештение“. По извесно време бил произведен во протоерејски чин. Како активен свештеник останал се до 1945 година, кога бил и пензиониран.

Иако пензионер, љубовта кон родната Црква и кон соборниот храм „Свето Благовештение“ никогаш не го напуштила. Се до својата смрт бил присутен во храмот на сите богослужби.

Протоерејот Кузман Ангелески починал на 5 март 1951 година.

(Преземено од профилот „Свето Благовештение Прилеп“)

Нема Коментари

Коментирај