Народната носија во Прилепското Поле по бројноста на облеките и нивното украсување е позната по тоа што во минатото била една од најдекоративните, но во исто време и најтешките носии што ги носеле жените во Македонија.
ЖЕНСКАТА НОСИЈА
Долгите платнени туниковидни кошули биле украсени со густо извезени мотиви во разни бои, меѓу кои доминира црвената во сите нијанси. Богатството и разновидноста на извезените мотиви, нивната складност и прецизност, ги карактеризираат везбените украси како едни од најубавите и најдекоративните во Македонија.
Платнената летна саја и зимскиот волнен бел клашеник, украсени со извезени мотиви, срма и монистра, ткаената волнена, ситно орнаментирана скутина – опрегач, усогласени по боја, начин на украсување и орнаментика, чинат една целина со останатите делови на носијата.
Зимска облека е валанка, изработена е од дебела црна клашна, украсена со карактеристични украси од гајтани, ширити и монистра. Волнени, плетени, вкусно шарени чорапи и калци (волнени чорапи без стапало), со опинци, го оформуваат обувањето на нозете. Најдекоративна и највпечатлива е невестинската носија, со посебно украсената невестинска скутина чултар, украсот коцле од волнени црни рески, извезената покривка за глава обрус, чии ткаени краишта се со декоративна геометриска орнаментика и рески, и специјалната богато извезена покривка за глава сокај. Во обликувањето на облеките импресионира богатиот народен вез во карактеристична гобленска техника, со изобилно богатство на форми и доминантна црвена боја. И народниот накит, масивен, разновиден и многуброен, ја дополнува целокупната носија, придавајќи и посебна декоративност.
МАШКА НОСИЈА
Машката носија во Прилепско Поле ја сочинуваат бројни облеки: аба – од бела тенка волнена ткаенина, кошула од платно со везени украси, џамадан од црна клашна, појас ткаен од темно црвена волна, како и ресачка – горна облека од црна клашна, долга до колена. Специфичност на носијата од овој регион е употребата на скутина – унечка, како составен дел на машката носија.
За употребата на скутината постои интересна легенда за тоа дека како составен дел на машката носија почнала да се носи уште од времето на Крале Марко бидејќи тој налутен од нивната неактивност во војувањата на сите им дал по една скутина зотоа што се бореле како жени.
Зимската машка носија е сета од волнена валана ткаенина шаек, порано во бела, потоа во црна, а како моден тренд, особено за помладите, во темноцрвена боја. Бројните облеки што влегуваат во составот на оваа носија – минтан, елек, џамадан, бечви – украсени со црни оптоки, се дополнуваат со разнобојниот пругасто – шарен волнен појас. На нозете се носат волнени, плетени чорапи и кожни чевли, а на главата шубара од јагнешка кожа.
Коментирај