Орудија од камен и модели на куќи (жртвеници) од разни локалитети од околината на Прилеп, среден неолит.

Неолит

Неолит

Најраните траги од животот на луѓето во Македонија потекнуваат уште од далечното ново камено време (неолитот). Според археолошките наоди, во овој период луѓето веќе имале постојани живеалишта и се занимавале со примитивно земјоделство проширено од анадолското подрачје кон Балканот, а се среќава и почетно сточарство. Изработувале примитивни домашни ракотворби и се занимавале со грнчарство. Тоа било време кога овие пражители на Македонија го напуштале дивјаштвото и навлегле во поразвиениот период на варварството.

Најпознато наоѓалиште од овој период е Вршник кај селото Таринци, (Штипско). Тие луѓе главно се занимавале со земјоделство, а користеле мазнети камени секири и праќа, од која исфрлале јајчести камени топки од глина. Користеле и глинени садови со повеќе ногалки.

Неолитот во Пелагонија е познат по повеќе наоѓалишта од Велушко-породинската група, која се одликува со камени, коскени орудија и глинени предмети, од груба до орнаментирана керамика и садови жртвеници сврзани за култот и религиозните верувања. Слични наоѓалишта откриени се и во Охридско.

Кога Македонија ја зафатиле миграциите од среднојадранските области, тоа довело до формирањето на таканаречената Трнска група во Пелагонија, според наодите во Трн, каде е пронајдена разновидна орнаментирана керамика.

А од преодниот период меѓу неолитот (ново камено време) и бронзеното време (од метално време) во Пелагонија се наодите во Шуплевац – Бакарно Гумно. Во тој период започнале продирањата на индоевропските племиња од руските степи (Карпатските области) преку Поморавјето до Македонија. Во повеќе бранови тие продреле и во Пелагонија, од кое време се наодите во Карамани, Црнобуки, Висок Рид (кај Букри) и Висои (кај Ново Змирнево).

Нема Коментари

Коментирај