Куќата на Блаже Конески во Небрегово.

Небрегово

Небрегово се наоѓа во источниот дел на територијата на општина Долнени, чиј атар се издига до сртот на планината Бабуна. Селото е ридско, на надморска височина од 700 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 20 км.

Во XIX век Небрегово било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнография на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Небрегово (Nebregovo) е посочено како село со 40 домаќинства и 166 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Небрегово е населено со 522 жители христијани.

Во почетокот на ХХ век население на селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Небрягово имало 280 егзархисти и функционирало егзархистичко училиште.

Небрегово во 1961 година броело 303 жители, во 1994 – 155, додека според пописните податоци од 2002 година, во Небрегово живеат 156 Македонци.

Во Небрегово се родени србоманскиот војвода Глигор Соколов, македоно-одринскиот ополченец Ѓорѓи Нешков и втемелувачот и едниот од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик – Блаже Конески.

______________________________________________________________

Политика
21 ноември 1934 година

ЗАГРАД И ЗАГРАДЧАНИ

Прилеп, јули 1934 година

„ …  Го оставаме од нашата лева страна Мажучиште и пробивајќи се низ интересниот пресек на Преслап, фрливме поглед кон Забрчани и Дупјачани. Така движејќи се по питомата и живописна долина полека се приближивме до Глигоровото Небрегово.

Сите овие села, збиени и жолто-сиви личат едно на друго бидејќи биле чифчиски и исполичарски населби на чии жители не им било дојдено до изградба на поубави куќи бидејќи само би ги предизвикале турците.
Старите куќи во овие села се изградени од плитари и се со земјени подови, а додека оние изградени во поново време се убави и светли градби со што може да се зклучи дека народот е сега сопственик на својата земја.
Овие села биле агински чифлици или чифлици на манастирите Трескавец и Свети Јован Бигорски.
Сите турски чифлици селаните ги платиле и преплатиле со суво злато, не чекајќи ја аграрната реформа, додека манастирските имоти се останата и како и порано: Селаните ги обработуваат како исполичари (Договор за наем според кој половина од приходот добива сопственикот на нивата, а половина тој што ја зема да ја обработува) и за ништо на светот не би ги оспориле манастирските права врз земјата која ја обработуваат.

И Небрегово е манастирско, главно исполичарско село, но е нешто поголемо село со куќи ѕидани од камен, со поплочени подови и дворови оградени со камени ѕидови.
Насекаде питомост, плодност и рај селски…
Насекаде ниви и ливади, присој (Место што е изложено на сонце, обично на јужна страна) што душа дава за градини, лозја и овоштарници.
Исцедни ридчиња за тутун што убаво е огреан од сонцето иако е на поголема висина.

Во полукруг надвиснале Златоврв, Сурун, Мукос, Лута, Леска и падините од каде што од другата страна извира реката Бабуна. Каков видик и слики…
И навистина на сонцето како позлатен сјае и се издвојува остриот врв на Златоврв кој се истакнува од лево и десно од сивите грамади на Маркови Кули и Мукос кој е намуртен и назбен на највисокиот гребен како ровките варовничка спили од Катунската нахија. (Црна Гора)

Гр. Божовиќ

Нема Коментари

Коментирај