Нада Гешоска...

Нада Гешоска

Нада Гешоска е родена на 24 мај 1930 година во Прилеп. Завршила Гимназија во 1948 година.
Работела во Народниот театар Прилеп од 1951-1958 година, потоа во Македонски народен театар до 1964 година, во Драмски театар Скопје до 1985 година.

Селективна театрографија: Фјокла Ивановна (Женидба, 1951); Магда (Вејка на ветрот, 1957); Раиса Павлова Гурмишска (Шума, 1959); Мајката (Крвави свадби, 1962); Ана Марија (Смртта на губернаторот, 1962); Хекуба (Тројанки, 1966); Мадлена Бежар (Сојуз на лажните светци, 1970); Ливија (Јас, Клаудиј, 1973); Љубов Андреевна (Вишновата градина, 1973); Старицата мајка (Џинот, 1976); Ана (Ослободување на Скопје, 1978); Васа Железнова (Васа Железнова, 1980);Султана (Лет во место, 1982); Учителката (Учителката – монодрама, 1985); Телма (Добра ноќ мајко, 1987); Неда (Сердарот, 1998).

Награди:
Награда на град Скопје 13 Ноември за улогата на Хекуба во претставата Тројанки (1966) Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МТФ)
Награда „Војдан Чернодрински“ за улогата на Султана во претставата „Лет во место“ (Прилеп, 1982)
Награда „11 Октомври“ за животно дело (1984)
Награда „Златна колајна“ на Фестивалот на монодрама и пантомима за монодрамата „Учителката“ (Земун, 1985)
9-то септемвриска награда на град Прилеп (1991)
Награда за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ (Прилеп, 1996).

Почина во Скопје на 6 јануари 2003 година. ______________________________________________________________

„Очи во очи“ со Нада Гешоска
1972 година „Екран“

МИСЛАМ ДЕКА СУМ ДОБАР РАБОТНИК

Седнавме да разговараме отворено – Очи во очи, и рековме дека улогите ќе ги заборавиме. Театарот не ни можеме, но да заборавиме дека на последниве Филмски средби била претседател на жирито и тоа била најдобрите – и жири и претседател. Така велат… Нада Гешоска се согласи.

Но – да почнеме од нејзината најнова улога во „Вишневата градина“ од Чехов, чија премиера треба да биде наскоро во нејзината куќа – Драмскиот театар во Скопје.

  • Само да ви кажам дека оваа улога ми лежи – вели. Играм една вдовица која како  да не живее во она време. Многу чувствителна. Таа знае дека заедно со чувствата тоне на дното, дека тие како камен ја влечат на дното, но таа е таква. Улогата ја сакам, иако велат дека таа е надвор од мене, дека јас можам во душата да плачам, а мојата вдовица плаче за дребулии.

СОМНЕВАЊЕ

Да продолжиме со „деликатно“ прашање: за што сте најмногу сврзани?

  • За животот, за овој момент. Не ме интересира ни вчера, ни утре. Вчера било што било – тоа не може да се исправи. А утре… Вистинското живеење на денот е многу важно – бидејќи тоа е автоматски минато. Ете тоа е чудно, но јас не умеам да бидам сама. Не, не се плашам да бидам сама. Јас и барам да бидам сама, но така ќе направам што, пач, не ќе бидам сама. Постојано има пријатели околу мене. Сакам луѓе, сакам нови познанства што прераснуваат во пријателства. Ете во Ниш… Но рековме дека нема да зборуваме за Ниш

А постои ли некаков професионален страв?

  • На професионален план. Се сомневам сама во себе. Не знам што е тоа. Затоа многу често одам на претстави и правам споредби меѓу мене и другите. И пак се сомневам. Во себе. Сомнението постојано ме тера да барам од улогата и од себе, но и штети. Јас ги знам последиците. Дали ти не доминираш преку песната, а не авторот – е тоа е , на пример, моето сомнение, кога рецитирам.

Да ги допреме и проблемите на професионален план?

  • Мој проблем отсекогаш било тоа што јас не можам да играм без партнер. Ако на сцената партнерот не е на иста „бранова должина“, ако не ме повлече, не можам ни јас да бидам добра. Ако е се во ред, ќе бидам и јас. А би било добро да се апстрахираш од партнерот.

А, ако партнерот е лош, односно ако лошо игра?

  • Тогаш да се надеваме дека јас ќе бидам добра и ќе го „повлечам“. Но има вистина во она – во лоша претстава нема добри артисти, односно добри остварувања.

ПРИМЕР

Тоа е проблем в театар. Какви се филмските или теливизиските проблеми?

  • Мислам дека на филм не сум заиграла онака како в театар. Свесна сум дека тоа не зависи од мене, туку од режисерите. дека тие треба да ми понудат улога. Но, се сомневам во она што сум го направила досега во филмот. Би сакала и на филм и на телевизија да се чувствувам како в театар, да бидам во свој елемент. Можеби не сум добила улога во која би дала максимум…

Познато дека вашата професија е „ефтина“ – според тоа колкави се личните доходи. Сепак, артистите се прилично ангажирани.

  • Материјалниот проблем е заеднички. Не само мој. И навистина треба еднаш засекогаш да се реши. Тоа е исто како и проблемот со просветните работници. И ние сме просветни работници. Мене ми е страм од еден учител да барам да доаѓа в театар кога тој има 1.200 динари личен доход. Замислете една млада артистка која игра во шест претстави во седмицата. Таа мора секоја вечер да помине во еден час во шминкање, потоа на сцената да игра добро, да ги пренесе пораките што ги носи делото. Нејзе треба да и се обезбеди мир за да работи добро. А не да мисли што ќе јаде утре. Ете, некои мои колеги дури по 30 години работа в театар имаат 3.000 динари личен доход. А во други професии уште по 10 години работен стаж имаат по половина милион плата. Затоа кога зборуваат дека во ова време, во ова XX столетие нема ентузијасти – јас велам дека ние сме жив пример.

НАГРАДА

Зборувајќи не прави премногу гестикулации. уморна е. Пред проба е, па разговоров го користи и да се одмори. Но пред последната реплика, да се изразиме театарски, гласот и зазвучува како оној од сцената – полн со некаква мешавина на лутина и енергичност. Тој би можел да ги реши сите роблеми. Уверлив е. Како кога доаѓа од сцената. Кога не е на Нада Гешоска, туку којзнае чиј.

Којзнае чиј! Сакате ли да бидете некоја? Или, која улога ви е амбиција? Или какви се вашите амбиции?

  • Моја амбиција е да имам работа. Да добивам улоги. А што ќе направам од тоа… Мислам дека сум добар работник. Ете тоа ми е амбиција – да имам работа. Под ова небо има место за работникот. Не сакам набрзина ништо да правам. Имам амбиции да остварам некоја улога, но животот ме научил амбициите на театарот да бидат и мои. Во овие 23 години имало улоги за мене, па се надевам дека ќе има и понатаму.

Ќе славите ли јубилеј? Тоа веќе стана обичај.

  • Не. Сега – засега така мислам. Можеби ќе го сменам мислењето – но сега велам не. Сега, ни прославите ни наградите не ми претставуваат ништо. За мене улогата е награда. Чувствувам задоволство кога работам. Кога се обидувам да се вовлечам во кожата на ликот што го толкувам, или кога тој лик ќе го сместам во мене самата. Тоа е задоволство. А наградите – ги примам, онака. А знаете што е за мене најголема награда? Кога сама себе ќе се наградам. Јас многу ретко си признавам сама на себе дека сум направила добра улога. Ви кажав – јас се сомневам во себе. Но кога тоа ќе се случи,  кога сама себе ќе си признаам – тогаш сум најзадоволна. Тоа е најголемата награда за мене. Мислам дека тоа е оној максимум што човек секогаш треба да го бара. Но треба да знае: треба да се бара она што не може да се добие, па човек, незадоволен сам од себе, да „труе“ околу себе.

КАВГИ

Рековте дека имате пријатели. Мислите ли овде, в театар?

  • Да. И в театар имам пријатели. Многу. Такви какви се. Имам. Се разбира има и кавги. Кавгите, ако се предизвикани од творечки проблеми, тогаш се добри. Но, ако се онакви кавги што сега ги имаме, кога статусот на уметникот не е решен, и кога се зборува кој ќе добие 50 динари помалку или повеќе, и кога проработуваат суети – тогаш се лоши. Тогаш сме во ситуација динарот да го вреднува уметникот заради висината. Заради силината што не смее да се дозволи…

Ја викнаа на проба.
Кога се исправи, се сетивме на нејзината Хекуба од „Тројанки“. Не заради висината, а заради силината што избива од неа. Но рековме дека за улогите нема да зборуваме…

Н. Пејовска

Нема Коментари

Коментирај