1913: Парабродот SS Volturno

„На еден пламнат брод“ – „Нова Македонија“, 10 јуни 1956 година

„НА ЕДЕН ПЛАМНАТ БРОД“

10 јуни 1956 година
„Нова Македонија“

Интервју со Стојан Кузманоски еден од неколкуте печалбари од прилепско кои доживеале бродолом на 9 октомври 1913 година, со бродот „Волтурно“ (погрешно именуван од сведокот како брод „Аргентина“) во водите на Атлантикот, на пат од Ротердам кон Њу Јорк. Во несреќата животот го изгубиле 134 патници – повеќето жени и деца – емигранти од Источна Европа, додека 520 патници биле спасени.

„Во септември 1913 година, дваесет и три годишниотниот Стојан Кузмановски и 26 годишниот Спирко Савески од Прилепското село Стровија, заедно со уште четири селани од Долгаец, од кој сега е жив само Илија Кука, морале, натерани од немаштијата, да одат на гурбет.

Тргнале за Америка од пристаништето во Ротердам во едно септемвриско утро 1913 година. Се качиле на бродот „Аргентина” со кој патувале 4.000 лица. Бродот патувал седум дена под поволен ветер. Седмиот ден се случило нешто неочекувано. Се случило тоа, што старците од овие прилепски села сеуште го паметуваат и нема никогаш да го заборават. Борбата на среде морето била очајна, натприродна. Се водела со морето што се разбеснело, со огнот што се појавил на бродот, со луѓето што загубиле присебност во тие ужасни моменти.

ПОЖАР НА БРОДОТ

Со нас, на долните постројки на бродот патуваа и петнаесеттина Бугари, кои одеа на гурбет во Америка ни раскажуваше земјоделецот Стојан Кузмановски.

- Први тие ни рекоа за пожарот што настанал од едно експлодирано буре со бензин во резервоарите. Гасеа со вода, но таа го засилуваше пламенот. Без успех беше целиот напор. Огнот беснееше.

Еден од Македонците од овие случајно се приближил до капетанот на бродот. Чул само како овој му рекол на еден од своите офицери: „Што сторивте, четири илјади луѓе упропастивте”. Силен пламен ce разбеснел на предниот дел од бродот. Патниците ја изгубиле присебноста. Почнале да скокаат во морето. Попусто се мачела посадата, празни останале сите опити да се задржат луѓето да не скокаат во морето.

Тоа беше неиздржливо. Грозни слики: жена го зела детето, се прекрстила, го стегнала на градите и скока во водата. Бугарите направиле обид да се извадат со чамецот за спасување, меѓутоа во брзината, тој не паднал како што треба и сите се удавиле во брановите на разулавеното море.

БРОД НА ВИДИКОТ

Телеграми биле испратени на сите страни што соопштувале за несреќата и викале за помош. Некаде кај зајдисонце, на видикот е забележен брод што брзал да им помогне.

- Меѓутоа – Расправа Стојан – народот се уште се фрлаше во морето. А кога бродот се приближи, тешки воздишки проследени со солзи се откинуваа од сите што биле останати во задниот дел на бродот, каде огнот бил послаб. Тие што не се издавиле и што не изгореле, радосно мафтале на бродот спасител, кој исто така бил патнички.

ПАК ПИСКОТНИЦИ…

Бродот спасител направил обид за да и помогне на „Аргентина”. Но, никако не можел да се приближи да ги спаси луѓето од бродот што тонел и пламтел. Втор обид е направен, но и тој без успех. И третиот пат ништо. Брановите од една страна го одбивале бродот спасител, од друга страна требало бродовите така да се приближат, здравиот да не го фати пламенот.

„Икен”! Извикал некој на другиот брод, тоа било знак дека не е можно да се пријде, дека не е можно да се спаси „Аргентина”. И пак пискотници ce разнесле

ОБРАЧ ОД 12 БРОДОВИ

До полноќ се собирале од сите страни бродови околу „Аргентина”. Имало 12. На крајот, уште една акција за спасување. Направиле обрач околу „Аргентина” и брановите се смириле. Тогаш почнало спасувањето. Од секој брод се упатил по еден чамец кон „Аргентина”.

Спирко Савевски, некако во спуштањето во чамецот, паднал в море. Почнал да се дави. Свикал само: „Помош! Како што расправа Стојан Кузмановски, тој не знаел дека неговиот другар е во водата. Се обидел сам да го извади, но без успех. Со помош на некои Хрвати конечно успеал да му помогне на давеникот. Дури тогаш Стојан видел дека тоа неговиот другар.

Далеку, далеку отпатувавме и го гледавме бродот наш како гори рече на крајот Стојан.

Старците што имаат повеќе од 70 години, cera живеат блиску еден до друг и често се потсетуваат на ноќта што ја поминале на пламнатата „Apгентина”.

Петар Поповски

Нема Коментари

Коментирај