Милан Христов Ѓурлуков

Милан Христов Ѓурлуков

Милан Христов Ѓурлуков – Стамболов е роден во 1884 година во Кривогаштани.
Како момче се стекнал со прогимназиско образование во Прилеп а по завршувањето на гимназијата учителствувал една година во своето родно село.
За време на Илинденското востание, Милан Ѓурлуков бил пунктовен началник во родниот крај. Со четата од 80 лица бил под директна команда на Питу Гули, со која учествувал во борбата за „Црн врв“.
По задушувањето на востанието, останал во четата на Толе Паша, но набрзо бил уапсен и осуден на четири месеци затвор во Битола.

Во Прилеп, во 1904 година по претходна смртна пресуда на ВМРО е извршител на убиството на свештеникот Спасе Игуменов.
Набрзо Ѓурлуков станува секретар и помошник-војвода на Ванчо Србаков, а по неговата смрт во 1905 година ја презема командата над четата.
Даме Груев го испраќа за војвода во Светиниколскиот регион, во кој до 1907 година бил реонски војвода со чета од 4 луѓе, но набрзо при судир со турскиот аскер е ранет во раката.
Истата година српски четници како одмазда кон Ѓурлуков убиваат неколку негови роднини од Сарандиново.
Во март 1908 година Милан Ѓурлуков бил делегат на Ќустендилскиот конгрес, а подоцна бил избран за велешки војвода, но по наредба на Тодор Александров останува да четникува во Свети Николе. Поради својата активност неколку пати е апсен и затворен по затворите во Куманово и Скопје а во 1910 година по разоружувачката акција во Битолскиот вилает спроведена од Младотурците под раководство на Шевкет Тургут паша повторно е уапсен во Битола.
По ослободувањето заминува во Бугарија но уште во декември истата година по наредба на ЦК на ВМОРО се враќа со чета во Македонија, за да организира атентат врз турскиот султан Мехмед Решад во близина на Скопје, но набрзо планот пропаѓа.
На 20 јуни 1912 година по наредба на Тодор Александров го организира убиството на револуционерот Добри Даскалов. За таа цел бил ангажиран неговиот поранешен четник Крсто Ристов, кој го убил на подмолен начин во моментот кога пред портата на својата куќа ја земал во раце својата деветмесечната ќерка Невенка.

Во септември 1912 година учествувал во Првата балканска војна, на чело на партизанската чета бр. 51 на Македонско-одринското ополчение. Четата била составена од 1000 четници и локална милиција во чиј состав биле и четите на војводите Мирче и Аргир. Задачата на оваа чета била да води борби со турските сили напред пред позициите на српската армија. Четниците со напад во тилот, ги принудуваат турските сили да се повлечат кан Селечка планина и Студеница, што значително го олеснило преминувањето на српските сили кај превојот на Бабуна.
Како благодарност за тоа српскиот принц Александар лично му поклонил на Милан Ѓурлуков убав коњ. Ѓурлуков го посетил штабот на српската армија и преку Комитетот на ВМОРО во Прилеп, го помагал снабдувањето на српската армија. Меѓутоа набрзо тој и целата негова чета биле уапсени и разоружани во Битола, но по заслуга на претседателот на Битолскиот окружен комитет Милан Матов и на рускиот конзул од Битола биле ослободени.
По ослободувањето Ѓурлуков се приклучува кон Зборната партизанска чета при Македонско-одринското ополчение.

Ден пред започнувањето на Втората балканска војна, Ѓурлуков заедно со Тодор Шикалев учествувал во организирањето на Тиквешкото востание. За време на Втората балканска војна, неговата чета, заедно со четите на Милан Матов, Марко Иванов и Петар Чаулев, влегла во состав на обединетата партизанска чета во рамките на Четвртата бугарска армија на генерал Стилијан Ковачев. Така групирани ја поминале реката Вардар и ја завзеле железничката станицата во Демир Капија при што заробиле 417 српски војници и 100 коњи. Четата на Ѓурлуков продолжила да води борби во централниот дел на Македонија, но во доцната есен 1913 година била разбиена и при што Милан Ѓурлуков со дел од четниците преминал во Албанија, од каде што заминал во Бугарија.

За време на Првата светска војна, Ѓурлуков бил во состав на партизански одред на Бугарската армија и дејствува во Прилепско пред Бугарската армија која напредувала кон Прилеп.
Во тоа време убиваат многу жители од Небрегово и околните села кои се обележани како србомани. По заземањето на Прилеп од страна на Бугарската војска е преместен во штабот на доброволните единици на генерал Александар Протогеров и учествувал во организирањето на локалната администрација во Прилеп.
Во тој период Ѓурлуков заедно со Стефан Алабаков и други четници се оддава на зулуми врз местното население не водејќи повеќе сметка ни за националната припадност и убедувања на жртвите туку главната цел на овие злосторства биле парите кои ги добивале преку откупи.
Поради суровоста и многуте убиства кои се извршени Ѓурлуков е уапсен од бугарските власти, но набрзо под притисок на Тодор Александров воените власти го ослободиваат.
По овие инциденти Ѓурлуков е испратен во Ополченичкиот полк при гарнизонот во Скопје под команда на полковникот Крстев од Охрид.
Со наредба е испратен со чета во Косово, во реоните на Приштина, Призрен, Качаник и Феризово за прибирање на разузнавачки информации но и за дисциплинирање на бунтовните албанци во регионот.
Според Милан Матов, Ѓурлуков заедно со четниците Дано Мрзенчето од Мрзен и Петре од Ваташа продолжува со зулумите, т.е собирањето на пари преку откуп и вршење на убиства во регионот. Правејќи го сето тоа со знаење на Јордан Тренков, окружниот управник во Призрен и полковникот Крстев.
По војната, учествувал во формирањето на организацијата на македонските војводи и четници „Илинден“, формирана на 16 декември 1920 година во Софија.

Во Втората светска војна за време Бугарската окупација на Македонија, Ѓурлуков се враќа во Македонија и активно ја помага ново – воспоставената администрација.
Во Прилеп, Милан Ѓурлуков бил близок соработник на бугарските власти и раководител на контрачета во прилепско.
За големите заслуги кон Бугарија бил награден со три ордени „За храброст“ и неколку „За заслуга“.
Бил член во месниот прилепски одбор на Илинденската организација.

На 12 октомври ден по вооружениот напад на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, бугарската полиција панично врши апсења на граѓани од Прилеп при што се уапсени повеќе од 900 лица, од кои околу 200 лица кои се спроведени во Полициското командантство и без да им бидат земани искази биле тепани и малтретирани.
Во општата хистерија од апсење не биле поштедени ни доушниците на бугарската полиција. Така меѓу уапсените случајно се нашол и Милан Ѓурлукот кој и покрај изјавите за верност кон царот и бугарската власт, исто како и другите уапсени бил подложен на тепање и малтретирање.
Откако полицајците ја увиделе грешката, Ѓурлуков го напуштил Полициското командантство целиот со модрици и со скршен нос.

Убиен е без судење на 9 септември 1944 во Скопје од Народната власт, а 5 години подоцна неговата сопруга и ќерката лишени од државјанството и од имотот се принудени да се иселат во Бугарија.

Нема Коментари

Коментирај