Милан Башески – Баше е роден на 6 октомври 1953 година во Прилеп.
Основно училиште завршил во родниот град. Во 1968 година се запишал во Електромашинскиот училишен центар „Никола Тесла“ во Скопје, кога и започнал да тренира карате во карате клубот „Сениќ“.
Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје. Во 1981 година се вратил во Прилеп и во 1972 година го активирал КК „Прилеп“, кој беше прв регистриран карате клуб во градот. Под негово раководство и патронатство на „Енергоинвест-11 Октомври“, клубот го менувал името и како карате клуб „Енергоинвест-11 Октомври“ во 1986 година, сениорската екипа влегла во Втората сојузна лига, а во 1988 година во Првата сојузна лига на тогашната СФРЈ и го задржале прволигашкиот статус до распадот на СФРЈ.
Во 1992 година клубот повторно го регистрирале под името КК „Прилеп“. Во својата богата историја клубот постојано заземал едно од водечките места во нашата држава и од своите редови дал многу репрезентативци на Македонија.
Милан Башески – Баше е носител на црн појас Шести дан. Бил и меѓународен карате судија. Во 2001 година бил претседател на судиската комисија на МКФ. Судел на повеќе меѓународни турнири и на 28-то Европско кадетско и јуниорско првенство во 2001 година, кое се одржа во Кипар.
Во 1989 и 1993 година бил избран за најдобар спортски работник на град Прилеп, а во 1993 година Собранието на Општина Прилеп му ја доделува наградата „Деветти Септември“, за посебни постигнати резултати во развојот на Општината Прилеп.
Милан Башески – Баше е основач и претседател на здружението на граѓани со дијабетес на Општина Прилеп, кое е најуспешно во државата, а во 2001 година ја добил наградата „Деветти Ноември“, која ја доделува Собранието на Општина Прилеп по повод ослободувањето на Прилеп.
Баше е организатор на Сојузот на здруженијата со дијабетес на Македонија и бил негов потпретседател.
Во 2005 година бил избран за советник во советот на Општина Прилеп.
Почина на 28 јуни 2005 година.
По неговата прерана смрт, клубот во негова чест го доби името КК „Прилеп-Баше“. Во негова чест и спомен секоја година во Прилеп се одржува Меморијалниот карате турнир „Милан Башески-Баше“.
Коментирај