Експлоатација на мермер
Наоѓалиштата од мермер се многубројни и разновидни, како по квалитет, така и по квантитет. Важно наоѓалиште претставува рудникот „Сивец“, кој е десетина километри оддалечен од Прилеп. Само во рудникот Сивец утврдени се резерви од 4.000.000 м3 квалитетен мермер.
Сахароидните мермери во локалитетот „Сивец“ биле користени за изработка на уметнички дела уште од античко време, почнувајќи од првиот, па се до V и VI век од нашата ера. За тоа сведочат многубројни скулптури, бисти и столбови пронајдени во античките локалитети: Стибера, Хераклеа, Стоби и др.
Први геолошки информации за мермерите, како составен дел на Пелагонискиот масив, потекнуваат од Фкосмат (1924 година), кој прв го издвоил Пелагонот како самостоен масив. Подетални податоци за мермерите се дадени во периодот од 1959 до 1961 година, кога во мермерната серија се издвојуваат повеќе хоризонти на мермер со различен состав. Прилепските мермери се опфатени во рамките на проучувањата на магматските и метаморфните стени од пошироката околина на Прилеп извршени во 1974 година.
После локалните истражувања во 50-те години од овој век, отворени се и првите површински копови на локалитетот „Сивец” за експлоатација на мермер. За потребното проширување на експлоатацијата се вршени повеќекратни геолошки,геофизички и рударско–истражни работи, но дури во 1969 година мермерната маса од локалитетот „Сивец” систематски и покомплетно е истражувана од „Индустро Проект” – Загреб. Мошне детални структурни истражувања на Сивечките мермери се вршени во периодот од 1986-1988 како и во 1990 година од страна на Н. Думурѓанов и Ѓ. Петров.
Поширокото подрачје припаѓа во најголем дел на Пелагонискиот масив, а со мал дел на Вардарската зона и на него се развиени: комплекс на предкамбриски карпи, комплекс на ридејф-камбриски карпи, кредни плиоценско-квартерни седименти. Комплексот на предкамбриските карпи претставени во Пелагонискиот масив претставуваат централен дел во форма на хорст-анкиклинорум и претставува реликт од Гренвилската-протерозојска кора. Комплексот е издолжен во правец ССЗ-ЈЈИ и составен е од високо метаморфни и гранитоидни стени. Генерално, високометаморфниот комплекс на Пелагонскиот масив има зонарна градба и составен е од два различни по состав нивоа, т.е. долен матаморфен комплекс и горен метаморфен комплекс.
Во долниот матаморфен комплекс, исто така се издвојуваат два литостратиграфски нивоа, т.е. зона на гнејсеви изградена доминантно од мусковит-биотитски гнајсеви со алмандин и со ретки појави на амфиболитски шкрилци, и горна зона, во која вертикално се сместуваат една по друга траки на мусковитски, мусковит-биотски, порфиробластични и други гнајсеви со траги од микашисти, амфиболити, амфиболитски шкрилци и кварцити.
Горниот метаморфен комплекс е составен од мешана серија изградена од албитски гнејсеви, микашисти, циполини и мермерна серија изградена од повеќе хоризонти на доломитски, доломиткалциски и калцитски мермери. Покрај белиот сахароиден мермер – тип „Сивец” во околината на Прилеп, се сретнуваат и други видови на мермери, кој се разликуваат не само по структурата, туку и по колоритот:
- Тип „Чашка” – сиво бел мермер, се наоѓа на Плетвар, покрај самиот регионален пат Прилеп-Градско;
- Ониксот, кој по хемиски состав е сроден со мермерите, но генетски се разликува, зашто ониксот настанува во топли и слатководни средини, каде микроорганизмите го користеле „CaCO3“ во својата исхрана и така го таложеле ониксот во слоевити наслаги. Наоѓалиштата на Оникс се наоѓаат во Мариовската област, каде денес и се врши редовна експлоатација;
- Црниот мермер од „Дебреште“;
- Црвениот мермер од „Миокази“;
Во самиот мермер во рудникот „Сивец“ се сретнува еден од многу ретките драги камења, а тоа е корундот (Al2O3), кој по својата боја спаѓа во групата на најценетите и најбараните рубини. Се појавува во кристални облици и најчесто тие се сраснати и образуваат кристални друзи. Обработениот корунд добива голема комерцијална вредност и комерцијално име „Македонски рубин“ што се користи во бижутеријата за изработка на накити и други украси.
Коментирај