1974: Марин Бабиќ

Марин Бабиќ

Марин Бабиќ е роден на 24 октомври 1947 година во Белград.
Во 1971 година дипломирал на Театарската Академија во Софија и истата година се вработил во Драмски Театар Скопје, каде го поминува целиот свој работен век. Учествувал во бројни и значајни улоги во бројни претстави не само во Драмскиот театар, туку и во други театри и проекти.

Запаметен е по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти.
Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, “Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сказна за времето“, „Сили во воздухот“, „Самоубиец“, „Балконот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Ферхад и Ширин“, „Демонот од Дебар Маало“.

Неговата актерска кариера ја одбележуваат и бројни филмски и ТВ улоги: „Бушава азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20. век“ и многу други.
Во културната колективна меморија засекогаш останал запаметен како Јашар бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду!“, од претставата „Викенд на мртовци“.

Повозрасните генерации сé уште со носталгија се сеќаваат на неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје. Радио кариерата ја заокружи со популарната радио-емисија за готвење во некогашниот радио Равел.
Бабиќ бил идеен творец на култната манифестација „Глумците пеат“ и на поетскиот серијал „Бебули“, каде ги имаше неговите маестрални интерпретации на современата македонска и странска поезија.
Внук е на познатиот македонски револуционер, војводата Крсто Гермов – Шаќир
По кратко боледување, почина во Скопје на 16 октомври 2022 година.
Погребан е на Градските гробишта во Прилеп.

Нема Коментари

Коментирај