Мал Радобил на сателитска снимка...

Мало Радобил

Мало Радобил (Мало Село) се наоѓа во североисточниот дел на територијата на општина Прилеп, во горното, изворишно сливно подрачје на реката Раец, веднаш по преминот на превојот Плетвар. Селото е расположено на надморска височина од 620 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 27 км.

Мало Радобил лежи на повисоката егејска тераса, на левата страна од кањонскиот засек на Голема Река. Селото со вода се снабдува од изворите. Ова село отсекогаш било христијанско, од збиен тип, со разредени краеви. Во почетокот на ХХ век имало 19 куќи, и тоа Поповски (16) и Ципаровски (3).

Сточарството отсекогаш било главна карактеристика за Мало Радобил. Трговски гледано, селото „отсекогаш било слободно“. Нивите се „по ритчињата“ околу селото, на површината на Лука и на падините на Сенокос. На Сенокос е и мерата, бујните пасишта и добрата шума. Селаните од Мало Радобил на печалба оделе во Влашко и во Америка, каде што некои и се задржале. Многумина работеле и во рудниците на Рожден. Во лето аргатувале по Тиквешијата.

Најстар пишан податок за Мало Радобил е дека во 1519 година, селото имало 38 семејства, 13 неженети и 9 неженети. Во 1573 – 21 семејство, 19 неженети и 1 вдовица.

Во XIX век Мало Радобил било село во Тиквешката каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Мало Радобил (Radobil-malo) е посочено како село во Прилепската каза со 25 домаќинства и 123 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Мало Радобил има 168 жители, сите христијани.

Во почетокот на ХХ век населението на селото било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Мало Радобил имало 160 егзархисти.
Најстарите семејства од Мало Радобил, поради Турците, се „бегалци“ од планините, кои слегле од Кобиларник и Сенокос „уште од време“. Така, во Поповско маало живееле: Поповци, Дамјановци, Димитриовци, Попадиќевци – Спасевци (слават Свети Никола), а во Ципаровско маало живееле Чамлиовци (слават Петковден).

Понови доселеници во Мало Радобил се: Миовци (некој Димитрија од Мрамор дошол домазет кај Попадиќевци во 1901 година, слават Свети Никола): Нацевци (некој Јованче од Топлица дошол домазет кај Попадиќевци во 1907 година, слават Свети Никола); Трајковци (некој Тасе од Големо Радобил дошол домазет кај Димитриовци во 1914 година, слават Свети Никола).

При крајот на XIX век од Мало Радобил се иселиле околу 10 куќи во Влашко.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1948 = 152; 1953 = 123; 1961 = 115; 1971 = 63. Според пописот од 1981 година, во Мало Радобил имало 31 жител, во 1991 = 20, во 1994 година бројот изнесувал 23 жители, а според пописот од 2002 година, селото има само 10 жители, сите Македонци.

Во Мало Радобил се наоѓа црквата во чест на „Раѓањето на Пресвета Богородица“. Црквата претставува трикорабна базилика, која на источната страна завршува со полукружна апсида, а на западната страна има галерија на кат. Подигната и живописана е во 1913 година, Фрескоживопис има само во олтарот.

Панаѓурот во Мало Радобил се одржувал на селската слава – Мала Богородица, кога се служи и Света Литургија во селската црква.
На чешмата „Извор“, под црковната корија, постоел запис дека ја обновиле Илиовци од Прилеп во 1862 година. За оваа чешма постои предание дека ја подигнал нивниот предок Илија уште во 1662 година. Кај Стојчева Круша има селиште „Грамадија“ со гробишта. Во долината на Врешка Река има „Илимско Селиште“, од каде што селаните ископале и во црквата ја вградиле една античка надгробна плоча.

Нема Коментари

Коментирај