Љубен Димкароски

Љубен Димкароски

Љубен Димкароски е роден во Прилеп, во сончевата Македонија, како четврти син на татко Борис и мајка Цветанка, во традиционално градско семејство, кое, пред сè, живее за уметност.

Уште во раната младост се одлучува да го совлада звукот на трубата, кој гали и руши.

Првите знаења ги стекнува во родниот Прилеп, а средно музичко образование го продолжува во Скопје. Музичка академија завршува во Љубљана – Словенија, во класата на професор Грчар. Дипломира со јавен целовечерен концерт.

Подоцна своето знаење го усовршува кај познати европски мајстори и солисти: Александар Коралевен, Хелмут Рајнхард и Тимофеј Докшицер, кој има најголемо влијание врз неговиот музички растеж.

Три децении е солист трубач во СНГ – Опера и Балет во Љубљана.

Вo оперското студио, во класата на Доротеја Спасиќ – Цестник успешно ги завршува студиите по соло пеење.

Во 1979 година, на меѓународниот натпревар во Анкона, во Италија освојува втора светска награда како трубач солист. Во истата година, во Загреб ја освојува и втората југословенска награда на млади музичари. По нив следуват и други награди и признанија.

Кај современите композитори неговото свирење предизвика раѓање нови композиции, посветени на него: концерт за соло труба и камерен оркестар на Љубомир Бранџолица, композиција за соло труба, глас и клавир на Тома Прошев инспирирана од неговата песна Три сестри и композицијата за соло труба и клавир на Милан Мирчев: Песна на тополите.

Снима повеќе ЛП плочи за труба и клавир и ЦД – „Пела“ (Скопје, Љубљана, 1996) со современа и класична музика.
Љубител е на македонската етно музика. Основач е на вокално-инструменталниот состав СТРУНИ, за кој има напишано преку двесте авторски аранжмани. Имаат снимено две ЦД – иња: „Ритмови и звуци на Македонија“ (Љубљана, 1998) и „Јасно сонце“ (Љубљана, 2001). Во 2002 година издаваат ЦД: „Етно Македонија“, кое во издание на ARC Music од Лондон, ја презентира македонската етно музика во Европа и пошироко.

Љубен Димкароски го среќаваме и како успешен хорски диригент со различни по род хорови.
Од 2004 година го води вокалниот квартет Пела, кој претставува музички мост помеѓу Македонија и Словенија. Авторските аранжмани за „Пела“ се вокални и се напојуваат во етносот на македонската песна, и истите се ставени на ЦД „Пела пее“ (Љубљана, 2005). Дека и

Веќе втора деценија е водечка фигура на македонската култура и иницијатор за формирање македонски културни друштва во Словенија. Посебни заслуги има и за раѓањето на МКД “Македониja” во Љубљана. Во 2005, во Љубљана го формира друштвото КМД “Пела”, со кое, со авторска музика, проза, поезија и ликовни дела, во светот ја промовираат културата на Македониjа. Со друштвото организираат и меѓународни средби на уметници. Последнава година во соработка со македонската Амбасада во Љубљана работи на реализација на културни настани во Словенија.

Од својот татко ја наследува љубовта кон собирање стари македонски песни, кои ги издава во песнарка: Македонски бисери (Љубљана, 1993).
Како поет, со збирките „Македониум“ (Нoвo Мeстo,1992), „Чекор поблиску“ (Љубљана, 2001) и книгата „Пела и Македонија“ (Брежице, 2006) на словенечки и македонски јазик, се претставува пред публиката во Словенија, Хрватска и Македонија. Збирките ја изразуваат љубовта кон Македонија и восхитот кон македонските уметници, кои како расsелени птици живеат по светот.
Љубен е весел човек, кој со душа на поет ги запишува мистериите на видливото и невидливото.

Последните години разговара со душата на каменот. Во камените минијатури можат да се видат маглите на љубљанските бари и зраците на Македонија. Бројните самостојни изложби гo надминаа бројот четириесет и очекувањата на публиката затоа што неговата поетика вознемирува со досега непозната техника на обликување на камен. Позначајни достигнувања на ова креативно поле се изложбите во скопскиот и љубљанскиот Природонаучен музеј кадешто во збирката на скапоцени камења на видно место се лоцирани и неговите камени бисери: Природонаучен музеј на Словенија: Скапоцени камења (Љубљана, 2005).

За своето уметничко дело има добиено многу републички и општински признанија. Една од последните, нему мошне мила е и наградата на град Прилеп – „3-ти Октомври“ во 2006 година, добиена за животен допринос кон културата, затоа што веќе триесет години секое лето, интензивно, уметнички мошне разновидно, работи во својот роден град и пошироко во Македонија. Оваа година во соработка со локалната самоуправа и библиотеката „Борка Талески“ од Прилеп (Прилеп – град на културата), ја организираше првата меѓународна средба на поетите.

Со целото негово битие е предвесник на разновидна уметничка убавина, која ја величи и за која живее, за себе и за своите сакани земји Македонија и Словенија.

Летка Димовска Полизова

Нема Коментари

Коментирај