2010: Лазар Димитријевиќ

Лазар Димитријевиќ

Лазар Димитријевиќ е роден на 16 ноември 1935 година во Прилеп.
За време на окупацијата, во 1941 година неговото семејство се преселуваат во Белград.
Гимназиското образование го завршил во 5та белградска гимназија.
Во 1964 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. По завршувањето на специјалистичките студии на Академијата за ликовни уметности, во 1965 година постдипломските студии ги продолжил на Кралската академија за убави уметности во Стокхолм каде што дипломирал во 1968 година.
Во Стокхолм работел како професор на Академијата за уметност и музика се до 1996 година, кога се преселува во Лондон каде што живее до 2004 година.
Од 2004 година живеее и создава нови дела во Белград.

Лазар Димитријевиќ е уметник со богата животна и професионална биографија како сликар, поет, романсиер, музичар и артист.
Неговиот стил на сликање му припаѓа на апстрактниот експресионизам со кој комбинира традиционални елементи од византиското сликарство на овие простори.
Од 1966 година до денес има остварено дваесет и седум самостојни изложби во истакнатите галерии во Стокхолм, Лондон, Њујорк, Белград, како и голем број на заеднички изложби во реномирани галерии и музеи.

Тој е автор на збирките песни: „Грлати самотии“ и „Сенка на чудовиштето (1982), „Две песни“ (2007), „Вермерова светлина“ (2010), романите “Стокхолмскиот празник на летото” (1994) и “Стокхолмски кантати” (2008 година ).
Лазар Димитријевиќ компонирал и изведувал музика на класична гитара за документарни филмови и настапувал со рецитали на гитара на Шведското радио и телевизија.
Шведската телевизија за него има направено два документарци: „Мојата слика за Шведска“ (1979) и „Арлекин на Хеторгет“ (1983).

Лазар Димитријевиќ е член на Друштвото на ликовни уметници на Србија од 1964 година, Здружението на ликовни уметници од Шведска од 1965 година, Здружението на ликовни уметници на Велика Британија од 1998 година, и Здружението на шведските писатели од 1982 година.
Почесен член е на Италијанската академија за уметност, литература и наука од 1978 година.

Добитник е на Прва награда за слика од Академијата за ликовни уметности во Белград во 1964 година, Шведската Национална награда за уметност во 1978 година, награди на Советот за култура од Стокхолм во 1979 година, Златен медал „за посебна активност во областа на уметноста“ на италијанската академија на науките во 1979 година и голем број на други награди.

Нема Коментари

Коментирај