Лажани се наоѓа во северозападниот дел на Прилепското поле, а на западната страна на територијата на општина Долнени, чиј атар се допира со територијата на општина Крушево. Селото е ридско, на надморска височина од 780 метри. Од градот Прилеп селото е оддалечено 27 км. Ова полско село, со својата положба зафаќа голем простор меѓу околните села: Житоше, Кошино, Дебреште и Ропотово. Името на селото потекнува од прасловенскиот збор „лаг“, што значи долина, место покрај река, обраснато со дрвја.
Првите бунари во Лажани се ископани во 1909 година, кога почнало да се употребува и поквалитетна вода за пиење. Бунарите се длабоки 9-18 метри. Пред тоа, Лажани со вода се снабдувало од изворот Преод, кој извира западно од Лажани. Селото е од збиен тип. Некои делови имаат називи: Сулејмановско, Јајоско, Зенговско, Браовско маало… Селските маала се нарекуваат според презимињата. Ораниците, пасиштата и ливадите се на потезите: Дебрешки чаир, Емроица, Кошинско, Поројница, Ќерамидница, Бојароско, Мртвица, Сеферица, Јасен, Игралиште, Средоречки пат, Кокица, Бариште, Оризишта, Лозишта, Ширина, Чаир, Шембеља, Арапица, Трска, Ливаѓе, Мера, Слатина, Богданова бара.
Во атарот на Лажани регистрирани се следниве археолошки локалитети: „Чука“ – населба од неолитско време; „Богданова бара“ – населба од непознат период.
Северозападно од Лажани, кон соседното Кошино, селаните своевремено низ нивите пронајдувале остатоци од старини. Најчесто наоѓале „ќерамиди дебели до три прсти и долги половина метро“. На местото Богданова бара, североисточно од селото, исто така има остатоци од стара населба. И на селската утрина има остатоци од слогови (стари ниви), кои му припаѓале на некое постаро село.
Во 1467/68 година, во Лажани имало 42 семејства, 2 неженети и 1 вдовица; во 1481/82 – 46 семејства и 2 вдовици; во 1544/45 – 78 семејства и 8 неженети, но и 5 муслимански семејства. До 1568/69 година дошло до значително опаѓање на христијанското население – 48 семејства и 37 неженети, како и до зголемување на муслиманското население – 15 семејства и 9 неженети.
Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Лажани е запишано дека е село од хасовите на мирливата (санџакбегот) на Солун, а припаѓа на Прилеп. Меѓу имињата на селаните, не се спомнува ниту еден свештеник. Вкупниот приход од Лажани изнесувал 8000 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, мешано жито, испенџе, земјарина, ушур од трева…
Во XIX век Лажани било дел од Прилепската каза на Отоманската империја. Според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Лажани имало 113 домаќинства со 175 муслимани Македонци, 149 христијани Македонци и 107 Роми. Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, во 1900 година селото имало население од 120 христијани Македонци, 320 муслимани Македонци и 200 Роми. Според бугарскиот публицист Димитар Мишев, во 1905 година селото имало 120 христијани.
Во ХХ век се зголемил бројот на имиграцијата, кога се доселени Бошњаците. Бошњаците се релативно доцна доселени на територијата на Република Македонија. Првите населувања на Бошњаци од Босна и Херцеговина се забележуваат после Големата источна криза и анексијата на Босна од страна на Австро-Унгарија во 1875-1878 година. Во овој период огромен број на муслимански бегалци (Бошњаци, Турци, Черкези) биле населени во Македонија. По Балканските војни речиси сите доселени муслимани се иселиле во Турција.
Денешните Бошњаци во Република Македонија се населени во 50-тите и 60-тите години на XX век од областа Санџак во Србија и Црна Гора, претежно од местата Тутин, Рожаје, Плав, Гусиње и Нови Пазар, поради што овие луѓе се познати и под името „Санџаклии“.
Тргнувајќи на пат за иселување во Турција, според договорот меѓу Турција и Југославија од 50-тите години на ХХ век, со кој муслиманите од Југославија единствено можеле да се иселуваат во Турција преку Македонија, голем број на Бошњаци од Санџак (заедно со Албанци од Косово) остануваат и се населуваат во испразнетите турски и торбешки села во Македонија, најчесто купувајќи ги имотите на Турците и Торбешите, кои се иселувале за евтини пари. Така, во Македонија се доселени во селата Лажани, Житоше, Десово, Локвени, Борино, Јакреново, Канатларци, Оризари, Батинци, Скопско Коњари, Љубин, Петровец, Студеничани и други села, како и во Тетовскиот дел.
За формирањето на денешното село Лажани има малку податоци. Во традицијата се наведува дека тоа најпрво било христијанска населба. Потоа, во XVIII и XIX век, дебарските муслимани тука почнале да формираат чифлизи. За чувари на своите чифлизи населувале Торбеши од околинита на Кичево и Дебар. Така, муслиманското население се размножило во селото. Во текот на XIX век христијаните почнале да се иселуваат. Најпрво заминувале во Крушево, Прилеп, Бело Поле (Мачоровци), Заполжани (Лајковци), Кутлешево (Јошевци), Локвени (Ежпетковци), Турско (Дробачовци)…
Од старите христијани, во Лажани останале гробиштата. Старите гробишта речиси и да не се знае каде се наоѓаат. Северно од селото, на еден рид, оддалечен околу 2 км, се наоѓаат првите муслимански гробишта. Заради оддалеченоста, овие гробишта селаните ги запоставиле. Сегашните муслимански гробишта се покрај селото, на северозапад. Во селото има неколку џамии. Најстарата џамија е во Јајоско маало. Поновата џамија, која е изградена во XIX век, се наоѓа во Сулејман-оџинското маало.
Пред крајот на турското ропство, во Лажани имало три чифлици. Најголемиот чифлик му припаѓал на дебарскиот род Аголи. Помалиот чифлик му припаѓал на Мула-мемедовци. Најмалиот чифлик го поседувале Хутковци. Земјата на чифлиците ја обработувале христијани, Роми и некои Торбеши. Кус период пред 1912 година, поголем дел од чифлиците ги откупиле селските Торбеши.
Во Лажани денес живеат македонски, албански, турски и бошњачки родови. Денешните албански и турски родви само така се декларираат, зашто тие се Торбеши, но поради религиско-политички причини одлучиле да ја сменат својата националност.
Торбешки родови во Лажани се: Зенговци, Мемедовци, Реџеповци, Шаќировци и Ибишовци, кои се и најстари доселеници. Нивното место на потекло не е познато. Потоа Туревци, Тунтевци, Мифтаровци, Бејковци, Абдуловци и Јаја-оџовци, кои се дојденци од дебарско. Чучуковци, Саитовци, Абдиовци, Џаферовци, Муслиовци и Татаровци, дојденци од Пласница. Изаировци, дојденци од селото Лисичани. Браовци, потеклото им е арбанашко. Потекнуваат од тројца браќа, кои живееле во селото Блаце, во близина на Пешкопеја. Потоа се преселиле во Демир Хисар: двајца браќа се населиле во Света, а еден во Прибилци. Потоа, еден од браќата (Исмаил), се преселил во Лажани. Браовци го заборавиле арбанашкиот јазик, па од Торбешите го прифатиле македонскиот.
Камберовци се дојденци од Житоше. Таму припаѓале на родот Дерала. Постариот род им е од Северна Албанија. Бајрамовци, дојденци од Црнилиште; Биљаловци, чиј род го основал некој Мамут, дојденци од Албанија. Тука се населил по отслужувањето на воениот рок, а тука дошол како домазет. Цуковци, дојденци од околината на Кичево. Подалечното потекло им е од околината на Пешкопеја. Мула-амедовци порано живееле во Прилеп
Ромски родови во Лажани се: Ќазимовци, Амедовци и Шемовци, кои се стари селски родови. Тука живеат од „дедо и прадедо“. Отсекогаш зборувале македонски. До 1940 година во Лажани имало околу 30 ромски куќи, но речиси сите се иселиле во Прилеп.
Од 1920 година, на земја добиена од државните власти, или, пак, на купена земја, во Лажани живеат овие христијански родови: Ниневци, дојдени во 1920 година од Вир, поречко; Ламбевци, дојдени во 1922 година од Лазарополе; Талевци, дојдени во 1927 година од поречка Грешница; Дабевци, дојдени во 1928 година од Вир, поречко; Златевци, дојдени во 1928 година од поречки Манастирец; Крагуевци и Павловци, дојдени во 1937 година од Порече; Папучковци, дојдени во 1954 година од поречки Манастирец.
Во 1954 година, од Лажани три торбешки родови се иселени во Турција. По 1955 година, забележани се повеќе иселувања во истата земја.
Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 73 домаќинства; 1948 = 1170 (197 домаќинства); 1953 = 1239; 1961 = 1397 (218 домаќинства); 1971 = 1709 (167 домаќинства); 1981 = 1954; 1991 = 1958; 1994 = 1827. Според пописот од 2002 година, во Лажани живеат 1864 жители, од кои: 278 Македонци, 108 Албанци; 402 Турци, 1054 Бошњаци и 22 други.
Во Лажани се наоѓа црквата во чест на „Свети Никола“. Таа е изградена во периодот од 1987-1989 година. Црквата е изградена благодарение на даренијата на жителите од Дебреште, Пешталево, Средорек, Секирци, Маргари, Ропотово, Кошино, Кривогаштани, Селце, Белица, Костенци, Долгаец… Посебен придонес и заслуга во градбата на црквата имаат Ж. Талески од селото Саждево и Р. Димоски од селото Црнилиште. Иконостасот е изработен од охридските мајстори-копаничари Никола Пљаковски и Цветан Николовски.
Црквата е осветена на 7 мај 1989 година од надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот Петар.
Коментирај