Кутлешево

Кутлешево

Кутлешево се наоѓа во средишниот дел на Прилепско Поле. Селото е рамничарско, на надморска височина од 660 метри. Висините околу селото се користат како пасишта, додека низините околу селото се користат како ниви, на кои се одгледува жито, тутун и пченица. Во селото има три чешми: Средочница, Неделна вода и Петочница. Селото е од збиен тип и не е поделено на маала. Сепак, роднинските куќи се блиску едни до други и така се групирани. Така групираните куќи носат родовски имиња.

Деловите од селскиот атар ги носат овие имиња: Чаир, Абејца, Присој, Крст, Барутница, Сивец, Смрдливче (извор), Орлов даб, Голема нива, Корија, Мито кориче, Бел камен, Грашиште, Сува ливада, Врба, Камен, Гробишта, Црква, Меризиште, Капиње, Самоков, Чадлов камен, Попов камен (на границата со Бело Поле).

Потезот Грашиште лежи пониско од Кутлешево. Таму, низ нивите, селаните во орањето наоѓале остатоци од ѕидови и ќерамиди, кои биле „три прсти дебели“. Над селото, на еден рид со каменита подлога, на три места се ископани вински корита. Крст и Барутница се места северно од Кутлешево. Таму се гледале дупки, ископани во земјата. За тоа место селаните говореле дека „тука некогаш се правел барут“.

На околу 200 метри североисточно од Кутлешево се наоѓаат селските гробишта. Црквата претставува археолошки локалитет, која се најдува во средината на гробиштата. Видливи се остатоците од црквата: остатоци од ѕидови, долги осум, а широки четири метри. Околу црквата се „старинските гробови“, во правец исток-запад. Преку нив има плочи. Постои предание дека тие припаѓале на „некој стар народ“. Селаните во минатиот век откопале неколку гробови и нашле крупни черепи и долги бутни коски. Околу коските имало камени плочи.

Во атарот на Кутлешево регистрирани се следниве археолошки локалитети: „Петочна Вода“ – населба од римско време; „Присој“ – населба од неолитско време; „Грашиште“ – неопределено од непознат период; „Крс“ – неопределено од непознат период; „Барутница“ – неопределено од непознат период; „Гробишта“ – црква и некропола од непознат период.

Во 1467/68 година во Кутлешево имало 14 христијански семејства, 2 неженети и 1 вдовица; во 1481/82 – 17 семејства и 3 вдовици; во 1544/45 – 15 семејства, 2 неженети и 2 вдовици, како и 1 муслиманско семејство; во 1568/69 – 15 семејства и 5 неженети.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Кутлешево е запишано дека припаѓа на Прилеп и дека е тимар на Мустафа. Вкупниот приход од Кутлешево изнесувал 3400 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, испенџе, нијабет и свадбарина, ушур од коноп и др.

Во XIX век Кутлешево било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Куплеше (Kouplèche) е посочено како село со 8 домаќинства и 31 жител.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, Кутлешево било населено од 40 жители христијани. Во почетокот на ХХ век жителите од селото биле под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Кутнешово (Koutnechovo) имало 48 егзархисти.

По Меѓусојузничката војна во 1913 година, селото потпаднало под српска окупација.

Во традицијата се наведува дека денешното Кутлешево е основано по пропаѓањето на соседното село Милошево. Најверојатно, тоа се случило пред 200 години. Во XIX век Кутлешево било чифлик населба. Газда на чифликот во 1912 година бил Али-бег од Дебар. Во текот на Балканските и Првата светска војна, старите газди на чифлиците биле растурени. Некои се преселиле во Вранче. Од 1918 година државната власт ја поделила земјата на новите доселеници.

Селската слава е на Вториот и Третиот ден на Велигден.

Македонски родови во Кутлешево се: Димбаровци (слават Петковден и Митровден), и тие се единствено домаќинство кое тука останало дури од турското ропство. Потекнуваат од некој домазет Мирче, кој тука се доселил од Секирци пред крајот на турското ропство. Старите Димбаровци се изумрени. Јошевци (слават Митровден) се доселиле во 1918 година од Долнени, а пред тоа „скитале по сите села“. Еден период живееле и во Лажани, а подалечниот род им е од Кокре во Мариово. Оттаму се иселиле пред околу 200 години. Бурчевци (слават Петковден), дошле во 1922 година од Дабјани, а пред тоа живееле во Коњари и Кривогаштани. Дајковци (слават Петковден), дошле во 1923 година од Дабјани. Пред тоа и тие „скитале по други села“. Таневци (слават Свети Никола), дошле во 1933 година од поречкото село Косово; Петревци, Черговци и Микај(овци) (слават Свети Никола), дошле во 1945 година од поречкото село Љупште.

Српски родови во Кутлешево се: Дабиќ (слават Свети Никола), дошле во 1924 година од златиборското село Алин Поток; Деспиновиќ (слават Свети Јован), дошле во 1936 година од селото Врлика, Далмација. Пред тоа, неколку години живееле во соседното колонистичко село Александрово. Јовановиќ (слават Ѓурѓовден), дошле во 1935 година од околината на Гњилане, Косово. При нив дошол домазет (Мартиноски) од соседното Бело Поле.

Познати се и некои родови, кои се иселиле од Кутлешево: Црвениковци, се ислеиле во Заполжани; Тошевци, се иселиле во Горно Село; Филиповци, се иселиле во Средорек, Кокаревци и Баловци, се иселиле во Новоселани.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 6 домаќинства; 1948 = 99 (12 домаќинства); 1953 = 134; 1961 = 194 (29 домаќинства); 1971 = 145 (28 домаќинства); 1981 = 82; 1991 = 48; 1994 = 34.

Според пописот од 2002 година, во Кутлешево живеат 26 Македонци и 1 Србин.

Во Кутлешево, за жал, нема парохиска црква.

Нема Коментари

Коментирај