Круме Ицков Волнароски (Коле, Коља) е роден 1909 година во Прилеп како едно од петте деца на Арсена и Ицко Волнароски.
Основното образование го завршил во локалното училиште со одличен успех и се запишал во гимназија.
Средното образование исто така го завршил со солиден успех, а особен интерес покажал за математика. Уште од мали нозе Круме помагал во дуќанот заедно со неговиот вујко Цветан, особено кога неговиот татко имал работа подалеку. Иако сакал да го продолжи своето образование, неговите не му го допуштиле тоа. Наместо тоа, тие го пратиле да работи како трговец кај трговското семејство Попевци.
Како младо момче покажал особен интерес кон физичката активност и често посветувал време за физички активности.
Воениот рок го отслужувал во Вршац, Србија, во периодот кога кралот Александар Караѓорѓевиќ на 6 јануари 1929 година извршил државен удар во Кралството Југославија. Во тој период започнал да размислува на политички план.
Така, Круме Волнароски зел активно учество во изборната кампања во 1935 година. Во меѓувреме, во Битола, каде бил испраќам како трговец, се запознал со неговата идна сопруга Даница и се венчале во 1937 година.
Поради своите активности во политиката како активист на Здружената опозиција, тој во 1938 година бил прогласен за најакивен пропагандист на идејата. Волнароски бил и еден од потписниците Методија Андонов Ченто да биде на листата на Здружената опозиција.
Во 1940 година Круме Волнароски зел активно учество на воените вежби во Кичево.
На професионален план, Круме имал одлична соработка со Ченто и тие ги здружиле трговиите. Ченто имал ан, а Круме бакалница. Тогашните локални власти се посомневале дека во анот и бакалницата се собираат антифашисти.
По нападот на Нацистичка Германија врз СССР, Круме и Ченто пуштиле проглас на ПК на КПЈ за Македонија низ Прилеп. Тоа било проследено со апсење и тортура. Тие биле ослободени откако не признале ништо за нивниот политички активизам.
Како симпатизер на КПЈ, активно учествувал во собирањето Црвена помош. Станал член на КПЈ во 1941 година и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп, а како илегалец во 1942 и 1943 година во прилепските села собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО.
Во неговата куќа имал изградено солидна скривница. Во скривницата се формирала помошна техника. Круме имал задача да слуша радио-вести, да ги пишува со рака бидејќи имал убав ракопис и да ги испраќа истите на печатење. Сите вести на билтенот „Народен глас“ од 1942 година биле од Круме.
Кон крајот на февруари 1942 година по претходна провала на Трајко Пајмакот на еден пододбор на Народна помош се уапсени Димче Конески – Дограмаџијата, Блаже Секулоски, Киро Мерипушка, Васе Крстеска и др.
Бугарската полиција, немајќи комплетни податоци за идентификација, наместо да го уапси Трајко Јусуфо исто така шнајдер, по грешка го апси Трајко Конески.
Додека се во притвор другите притворени му посочуваат на Трајко дека е уапсен по грешка но за тоа не смее да им каже на бугарските власти.
Трајко Конески за време на притворот е подложен на сослушување и тепање со цел да извлечат признание од него, но Трајко не открил ништо.
Поради апсењето на групата од Димче Конески – Дограмаџијата, за да избегне апсење, Круме Волнароски станува илегален.
Во 1943 година имал задача да оди по прилепските села и да формира народноослободителни одбори. Оваа задача ја завршил со особен голем успех во рок од 3 месеци. Во тој период формирал мрежа на одбори во Коњаријата и Тополчанско. Тој се стекнал со големи симпатии меѓу луѓето.
Поради овој успех, тој станал секретар на ОК на КПМ, во периодот на 1943/1944 година. Како негова помош му пристигнал Кире Гаврилоски.
Со голем успех и активност Круме зел учество во Богомилскиот поход, а особено при дејствата во февруари 1944 година на Првата македонско-косовска ударна бригада. Најголем дел од своето делување го поминал на терен.
Како секретар на ОК на КПМ, во периодот на 1943/1944 година, учествувал во активностите за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ.
Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година Круме и Кире Гаврилоски биле во куќата на Милан Милисавлевски. Во куќата се собрале сите кандидати за првите народни пратеници на Македонија. Таму останале цела ноќ.
По средбата Гаврилоски и Волнароски останале во куќата, каде што бил состанокот.
Во 11 часот на 9 мај им стигнала порака од МК со наредба веднаш да ја напуштат куќата зашто биле предадени, но веќе било доцна.
Бугарската полиција дознала за средбата и ја опколила куќата.
По неколкучасовна борба, од полицијата бил подметнат пожар во куќата.
Волнароски бил погоден на куќниот праг, но Гаврилоски не се предавал и извикувал антифашистички пароли и низ пламените пукал кон полицијата.
Откако ја потрошил муницијата, Кире Гаврилоски се самоубил, а Круме Волнароски бил заробен и на 9 мај 1944 година, по долгото мачење им подлегнал на повредите.
За нивната смрт е обвинета и осудена на смрт Вера Ѕвездова, која ги предала Кире Гаврилоски и Круме Волнароски на бугарските власти. Смртната пресуда на Воениот суд на Битолската воена област над неа е извршена во пролетта 1945 година.
Круме Волнароски е прогласен за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година.
Коментирај