Крал Марко (околу 1335 – 17 мај 1395) бил последниот крал што владеел во големиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на турските султани и станал најпознат јунак на епското народно творештво, не само на Македонците, туку и пошироко. Државата на Марко и Волкашин во некои извори се нарекува Бугарија. Дел од историчарите сметаат дека станува збор за географска и културолошка одредница, а не за етничка. Сепак, кралството на Волкашин е со средиште во Македонија, и затоа се смета за македонски крал.
Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри: Оливера, Милица, а во усните преданија се спомнуваат и Марија, Угра, Кита, Ѕвезда, Дева, Вида, Угра, Шаина и Беда. Имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.
За потеклото на семејството Мрњавчевиќ нема сигурни сознанија, бидејќи современите пишани извори не даваат податоци. Најстари податоци за ова семејство дава дубровничкиот писател Мавро Орбини од XVII век. Според него, тие потекнувале од Ливно во Херцеговина, од сиромашниот властелин Мрњава, кого Душан (цар, 1346-1355) го повикал на својот двор и многу го издигнал. Врз основа на ваквото пишување на Орбини, прифатено е презимето Мрњавчевиќ за ова семејство и како такво одамна е востановено во литературата.
За време на владеењето на неговиот татко, Марко ја имал титулата „млад крал“, односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 година, Марко не учествувал во бојот, туку останал да управува со територијата на земјите на татка си и чичко си. По неа и по смртта на браќата Мрњавчеви, тој станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош. Според некои научници, тој е и единствениот легитимен крал на Царство, по смртта на Урош и замирањето на династијата Немањиќи.
Но, владеењето на кралот Марко се соочувало со постојани притисоци, како од српските големци, така и од Турците, кои сe посигурно завладувале со Балканот. Набргу некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да служи на турската војска во нејзините воени походи.
Постојат различни претпоставки за годината кога кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371 година, веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турски опсади на Прилеп и Битола во 1385 година, што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава. Интересно е да се напомене дека и покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Музафер Туфан во „Кралот Марко во некои турски извори“ објаснува дека тоа се должи на „фактот дека, тој успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија и фактот дека, тој тоа го постигнал врз основа на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност на осојузување, дури и по цена на саможртва, со цел подолго да се опстане и да се сочува внатрешната автономија и соработка на Балканот“.
На 17 мај 1395 година во битката кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Јован Мирче, кралот Марко загинал, провоцирајќи низа шпекулации како точно се случило тоа и каде било погребано неговото мртво тело. Според Мавро Орбини, Крал Марко ја загубил битката против Мирчеа крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав, кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Булачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории сеуште не е потврдена од науката. Преданието вели дека непосредно пред битката, на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов, кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.
Micko December 4, 2013
„Државата на Марко и Волкашин во некои извори се нарекува Бугарија.”
Тоа беше нејзиното име само во бугарска имагинација во некаков паралелен свет. Од вашата презентација е јасно дека грбот на Мрњавчевци содржи српски хералдички симболи. Видете натписите во манастирот Трескавец. Јасно е дека Марко беше властела на средновековна Србија, чиј главен град беше Скопје. Тоа никаде не напишавте. Не постои оправдување да се скрие и искривува заедничка историја.