Ковачи
____________________________________________________________
Септември 1991 година
„Народен Глас“
Тодор Тошески – Ковачот
ЗАНАЕТОТ ТРЕБА-ПОЛИТИКАТА НЕ ЧИНИ
Меѓу добитниците на третосептемвриските награди е и Тодор Тошески. Во образложението се вели дека наградата му се доделува за придонес за развојот за на овој занает и продолжување на традицијата.
Дуќанот кај Старата бања полн со железа како што му доликува на занаетот, но и луѓе: појди-дојди, стани-седни. Меѓу сите работата си ја брка и на сите им дава одвет.
Чичко Тоде, како што рече да го викаме, на нашиот поздрав: Добар ден, одговара „Арен ден“.
Витален седумдесетгодишен човек, како што може инаку да биде ковач подготвен е и на дијалог и на монолог.
„Јас не сум само ковач, ковачи има повеќемина.
Почнав, од козарче во Дреновци, потоа послужив на Трескавец, бидејќи сум бил ветен, станав каменар, а секако цело време покрај татко ми, кој беше самоук и покрај тоа што овие работи си ги вршеше за себе, им правеше услуги и на селаните.
Занаетот го усовршив и по затворите, каде што бев политички осуденик.
На поширокиот регион сум единствен колар, а да не се фалам и единствен кантарџија во Македонија.
Ме прашуваш дали занаетот е интересен и дали има иднина. Има-апсолутно. Не од тоа што ние што го работиме сме ретки и возрасни па и стари, туку од вистинските потреби на земјоделството.
Плугот може ковач да го направи а не чиновникот. Велиме земјоделството е перспектива – земјата не се ора со молив.
Дали младите се интересираат за занаетов? Тврдам дека се интересираат и можат не само да работат и да заработуваат, туку и порез на државата да и плаќаат.
Но каде да научат? Јас на пример пред повеќе години имав десет калфи, меѓутоа биде јќи немав фирма, не можев ниту да му плаќам, ниту да им потпишам, па сите се распрснаа – ниту еден не стана ковач.
Инаку, јас сум единствен колар, не само во градов, а замисли си и затоа има работа. А за ова што прашуваш за кантариве, за жал сум последниот и единствениот во Македонија.
Да ти одговорам што треба да се стори, не само да не изумри занаетот, туку да се задоволат потребите на луѓето, а и млади луѓе да најдат работа не треба многу.
Општината да обезбеди дуќани или места и да им даде некои олеснувања за почетокот. Тие како што ти реков, не само што ќе го вадат лебот, туку ќе даваат и за државата“
Честитајќи му ја уште еднаш наградата го оставивме чичко Тодета со неговите чекани, со гостите и со муштериите кои ги враќаше и им велеше: „Ова што го бараш од мене ќе ти сврши тој мајсторот дома за истите пари, оти ако се смешам и јас, ќе ти дојде двапати плаќање…“
Таков е Тоде кон луѓето, и по таа основа ја заслужува наградата, оти како што вели: „Занаетчијата не чини да лаже и со лага не се спечалува.“
Д.Т
Коментирај