Кошино

Кошино

Кошино е старо христијанско село, сочувано меѓу муслиманските населби: Дебреште, Лажани и Саждево. Селото е ридско, на надморска височина од 690 метри. Од Прилеп е оддалечено околу 30 км. Кошино е составено од Долно и Горно маало. Маалата едно од друго малку се оддалечени. Топографските имиња за нивите, пасиштата и шумите се: Вис, Млака, Стежје, Лозје, Каменик, Бело камење, Кутлиште, Горна црква, Шумјак, Градиште, Чешма, Крст, Петрова нива, Честак, Караџова нива, Атанаско нива, Грозданова нива, Преслап, Ќулева нива, Межник и Каља. Имињата на изворите се: Марков кладенец, Чешма и Грозданов кладенец.

Југозападно од селото Кошино се наоѓа местото Градиште. Порано, селаните таму ископувале ќерамиди и земјени ќупови. Стојчевци од својата нива извадиле еден голем земјен ќуп. Градиште се наоѓа во подножјето на возвишението Кале. Северно од селото, на падината на Бушава планина, исто така постои место со име Кале. И тука, на порамнето место, се познаваат слаби остатоци од заштитен бедем. Во близина се наоѓа изворот Марков кладенец, така наречен, според јунакот Крал Марко. Остатоци од старини има и на местото Млака, во близина на потезот Соколовец. На просторна површина од околу 500 м2, постојано низ нивите, за време на орањата, се вадат парчиња ќерамиди, стари бакарни пари, земјени лопатки, темели од градби. Се претпоставува дека тоа се остатоци од стар град.

Во атарот на Кошино регистрирани се следниве археолошки локалитети:

„Градиште“ – неопределено од непознат период; „Каља“ – неопределено од непознат период; „Млаки“ – неопределено од непознат период; „Горна Црква“ – црква од непознат период.

Во 1467/68 година, во Кошино имало 24 семејства и 2 неженети; во 1481/82 – 30 семејства и 3 вдовици; во 1544/45 – 49 семејства и 13 неженети; во 1568/69 – 49 семејства и 22 неженети.

Според Турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Кошино е запишано дека припаѓа на Прилеп. Меѓу останатите жители на селото, во пописната листа се наведуваат и имиња на тројца свештеници, кои живееле во селото: поп Рале, поп Бошко и поп Јове.

Вкупниот приход од Кошино изнесувал 4500 акчиња и истиот најмногу бил остваруван од пченица, испенџе, мешано жито, шира, данок за свињи, ушур од трева, данок за градинарски култури…

Во Кошино живеат стари македонски родови. Тоа е доказ дека селото се вбројува во стари населба. За време на турското ропство, селаните имале свои куќи и малку ниви на планините. Плодната земја во понискиот дел од селото им припаѓала на некои чифлик-сајбии. Тие живееле во соседното Лажани, а нивните имиња биле: Аџи Џемо, Бајрам Туре и Мите Османов. Свој чифлик имал и Зек-ман од кичевско. Нивната земја ја обработувале Македонците како исполџии. Нивите од чифлик-сајбиите се купени по 1912 година.

Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и според пребројувањето на машкото население од 1873 година, Кошино (Cochino) е посочено како село со 27 домаќинства и 117 жители христијани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македониja: Етнографиja и статистика“) од 1900 година, Кошино имало 266 жители христијани.
Во почетокот на XX век, Кошино било егзархиско село. Според податоците на секретарот на Егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Кошино имало 120 христијани егзархисти, а во селото работело и бугарско училиште.

Животот на христијаните во Кошино бил особено тежок до 1912 година, зашто од сите страни биле опколени со муслимански жители. Муслиманите често ги убивале кога оделе во шума, на нивите, или по патиштата за Крушево и Прилеп. Така, претрпеле многу зло и од торбешите од соседното Лажани. Во Кошино има две гробишта. На едните се погребуваат жителите од Горно маало (покрај старата црква „Свети Димитриј“), а на другите гробишта, жителите од Долно маало (крај селската црква).

На планината над Кошино се наоѓаат местата: Караџова, Петрева, Атанаскова и Грозданова нива. Тоа биле ниви на некои од селаните. Тие ниви денес се обраснати со шума. Не е познато кога се напуштени. До 1912 година, Македонците во Кошино за полјаци плаќале Арбанаси. Нивна должност била да го чуваат селото од зулумите на другите муслимани. Во спомен останало сеќавањето на Алија и Елмаз Туре. Тие го чувале селото повеќе од 30 години. Потоа присвоиле земја, создале чифлик и со своите семејства се населиле во Лажани. Нивното потекло било од Мата, во северна Албанија.

Од Кошино потекнуваат овие стари македонски родови: Ќуљевци, Милевци и Стојчевци (слават Митровден). Порано сочинувале еден род. За нив се говори дека се најстари родови во Кошино. Нивните куќи се во Долно маало. Стар род се и Костевци, слават Митровден. И нивните куќи се во Долно маало. И Ѓоревци се стар род, а и тие слават Митровден. Нивните куќи се во Горно маало. Во Долно маало живеат и Веселиновци, и тие слават Митровден, а исто така се стар род.

Доселени македонски родови во Кошино се: Долгачевци, кои пред околу 200 години тука се населиле од опустошеното село Барбарас, слават Свети Никола. Нивните куќи се во Горно маало. Малковци се дојденци од Дебреште. За време на турското ропство од Дебреште се иселиле две нивни семејства, едното дошло во Кошино, а другото заминало за Крушево. По нив, еден бунар во Дебреште се вика Малковски бунар. Нивните куќи се во Горно маало. Наумчевци потекнуваат од некој измеќар, кој тука се населил од соседното Селце, најверојатно крушевско. Таму припаѓал на родот на Секуловци. Далечното потекло им е од Корчанско, Албанија.

Родот на Блажевци од Кошино се иселиле во Средорек. Од родот на Милевци има иселени семејства во Крушево, Софија и Романија. Од родот на Долгачевци едно семејство се иселило во Белград. Целосно е иселен родот на Ѓизаровци. Тие тука биле доселени од Барбарас, а потоа се иселиле во демирхисарското село Прибилци. Изумрен род се Филиповци, кои живееле во Горно маало, а биле стар род. Изумрен е и родот на Саздановци, од кои потекнува денешниот род на Веселиновци.

Според пописните листи, бројот на населението низ годините е следниов: 1921 = 30 домаќинства, 1948 = 389 (48 домаќинства); 1953 = 439; 1961 = 471 (39 домаќинства); 1971 = 402 (76 домаќинства); 1981 = 248; 1991 = 141; додека во 1994 година бројот е 135 жители.
Според пописот во 2002 година Кошино има 92 жители, сите Македонци.

Во Долното маало се наоѓа старата црква во чест на „Свети Никола“, која е ѕидана од камен и првобитно била покриена со плочи. Ѕидовите се фрескоживописани. Најверојатно, црквата е изградена во првата половина од турското владеење, околу XVII век, а во XIX век е обновена. Таа претставува мала, еднокорабна и полукружно засведена градба. На источната страна завршува со петтострана апсида. Селскиот панаѓур се одржувал на летен Свети Атанас. Овој ден некогаш бил слава на манастирот, кој се наоѓал околу 200 метри источно од селото. На местото, каде што некогаш бил манастирот, има стара дабова шума, која селаните не ја сечат. Над селото се наоѓа местото Горна црква. Таму постоела црква во чест на „Свети Димитриј“. Од таа црква сочувани се „грамади“ од ѕидови.

Во Кошино се родени: Ѓорѓи Кошинчето – четник во четата на Веле Марков, загинал во Ракитница во 1902 година; Змејко Долгач – војвода на ВМОРО.

3 коментари

  • Българин March 27, 2014

    Когато вече се позовавате на “Етнография на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника” и статистиката на Васил Кънчов, защо не напишете че населението е българско? Само онова което ви харесва го пишете, а онова другото защо го скривате?

    Respond
  • CrnorizecHrabar March 28, 2014

    Прочитај ја „Прилеп и његова околина“ од др. Јован Хаџи Васиљевиќ. Таму ќе видиш дека во Кошино сите биле Срби, па ни тоа не го пишуваме. Колку што биле Бугари, биле и Срби, ама не биле ни едно ни друго, туку биле чисти МАКЕДОНЦИ. Како што им одговарало на бугарскиот и на српскиот окупатор, така си пишувале!

    Respond
    • Peperutka April 11, 2014

      Многу народи тука поминале ама никој не останал, тука живееле и сеуште живеат чистокрвни Македонци кои никогаш не дозволиле да се насели ниту еден жител кој не е чистокрвен Македонец-христијанин.
      Најхрабрите војводи се родени тука иако ги пишуваат како Бугари, Срби итн. како што е примерот со Јован Цветков Долгач кој потекнува од оваа село и сеуште има поколение од негова крв и тие сеуште се познати по името Долгачовци!

      Respond

Коментирај