1949: Женскиот КК „Гоце Делчев“, сликани на Калемегдан, на игралиштето на Црвена Звезда

Кошарка

Кошарка

Почетокот на прилепската кошарка треба да се бара веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Првиот кош бил поставен на работ од терасата на Соколаната, непосредно по ослободувањето. Кошот бил поставен по иницијатива на воено лице од касарната. Токму воените лица биле првите играчи на кошарка во Прилеп.

Први Прилепчани, кои пројавиле интерес за овој нов спорт биле гимназијалците: Димитар Петрески-Таче, Богољуб Ристески-Дасата, Сашо Иваноски, Кирил Каракашоски, Тодор Крстески, Христо Плашески, Петар Муличкоски, Здравко Здравески, Трајко Димески-Трајло…

Првите посериозни кошаркарски чекори се направени во дворот на Гимназијата „Мирче Ацев“, сегашното Основно училиште „Кочо Рацин“. Од најдобрите кошаркари, беше составена Гимназиската екипа, која ја претставуваче Гимназијата на кошаркарските натпревари со други гимназиски екипи во Македонија. Подоцна, истите играчи настапувале како секција на спортското друштво „Гоце Делчев“.

Напоредно со машката екипа, кошарка тренирале и гимназијалките. За гимназиската кошаркарска екипа настапувале: Драгица Антоска, Бонка Чечоска, Иванка Томеска, Ирина Топличанец, Загорка Расолкоска, Благица Зојческа, Магда Стеваноска, Добрила Спасеска, Роза Стамболџиоска, Иванка Ковилоска, Пандора Михајлоска, Ратка Буштреска…

Првото кошаркарско игралиште било импровизирано, а се наоѓало во дворното место на Гимназијата, сегашното Основно училиште „Кочо Рацин“. Второто игралиште се наоѓало на фудбалскиот стадион, на празниот простор зад долниот гол, каде што денес е изградена трибина.

Првиот официјален кошаркарски натпревар, прилепските кошаркари го одиграле на 8 февруари 1947 година на Републичкото првенство за градски екипи, кое се одржало во Куманово. На првиот натпревар, екипата на Штип ја победи екипата на Прилеп со резултат 16:8.

Првиот меѓурепублички натпревар во Прилеп бил одигран на 14 октомври 1947 година, меѓу репрезентациите на Македонија и БиХ, во кој победата им припаднала на Македонија со резултат 37:22.

Првиот кошаркарски клуб во Прилеп бил формиран на 7 март 1948 година. Со фузија на двете фискултурни друштва „Гоце Делчев“ и „Прилеп“, бил формиран КК „Гоце Делчев“. За прв почесен претседател бил избран Лазо Чучуроски, а за претседатели биле избрани: Блаже Николоски, Ратка Петреска и Благоја Талески. За секретар бил избран Дарче Биџоски, а за организациски секретар Целе Стеваноски. За прв пат, КК „Гоце Делчев“ во машка конкуренција ќе настапи на Кошаркарското првенство на Македонија, на 7 и 8 август 1948 година во Битола.

Женската екипа на „Гоце Делчев“ во 1949 година биле најуспешни во Македонија, со што се пласирале да се натпреваруваат на Сојзуното првенство во Белград, како претставници на Македонија. На кошаркарското игралиште на Калемегдан се пласирале на претпоследното место. За КК „Гоце Делчев“ настапиле: Драгица Антоска, Роза Стамболџиоска, Иванка Томеска, Ирина Топличанец, Добрила Спасеска, Магда Стеваноска и Бонка Чечоска.

Во 1951 година, формирана е Првата стандардна кошаркарска постава. Истата година, на Градскиот стадион бил одигран кошаркарски натпревар меѓу „А“ и „Б“ екипите. Судија на натпреварот бил Боро Вртаноски, а играле: Кирил Каракашоски, Петар Чесноски, Тошко Крстески, Илија Андоноски, Димитар Петрески, Кирил Пепељугоски, Здравко Здравески, Стеван Илиески – Бакалот, Тодор Жешкоски, Александар Иваноски и Трајко Димоски – Трајло.

Во 1950 година, КК „Гоце Делчев“ го промени името во КК „Победа“. За претседател на новоименуваниот клуб бил Гога Крстески-Ѓуре, а секретар-благајник бил Дарче Биџоски. За кошаркарската екипа на „Победа“ во 1953 година настапувале: Трајко Димоски-Трајло, Никола Гешоски, Гице Караџоски, Илија Сапунџиоски, Петар Арсоски, Коста Савоски, Благоја Глигороски, Пеце Тодороски, Христо Спасески, Оклески и Ѓорѓи Башески.

Во 1952 година во Прилеп бил формиран уште еден кошаркарски клуб – „Ударник“.

За жал, во периодот од 1967-1973 година, Прилеп останал без кошарка, заради целосно стагнирање на овој спорт. Во 1973 година, по иницијатива на Сојузот на организациите за физичка култура, повторно се формирал КК „Гоце Делчев“.Во сезоната 1976/77 година, клубот настапувал во Првата македонска кошаркарска лига. Во 1979 година формиран е Општинскиот кошаркарски сојуз, а во 1980 година за прв пат стартувала и Општинската кошаркарска лига, во која учествувале екипите: Тризла, Крали Марко, Корзо, Бончејца, Ѓогдере, Центар, Вишне, Рид, Млекар и Младост.

За КК „Гоце Делчев“ во 1973 година настапувале: Б. Тодороски – тренер, Николоски, Цакиќ, Крстески, Конески, Варошаноски, Боцески – тренер, Кекелески, Самакоски, Ангелески, Атанасоски, Когој.

За КК „Гоце Делчев“ во 1976 година настапувале: Јакимоски, Ангелески, Колески, Димески, Николоски, Когој, Крстески, Зуљамоски, Јанчески, Кекелески, Чатлески, Ангелески, Алексоски, Чатлески, Атанасоски, Алексоски.

За сезоната 1985/86 година, КК „Гоце Делчев“ повторно го променил името на клубот, овојпат благодарение на спознзорот во КК „Тутунски Комбинат“. На 22 јули 1988 година, на основачкото собрание направена е фузија меѓу двата клубови – „Енергоинвест 11 октомври“ и „Тутунски Комбинат“, па формиран е еден клуб со името „11 октомври“, со што започнува создавањето на квалитетна кошаркарска екипа.

КК „11 Октомври“ во 1991 година: Томо Вујасиновиќ, Перо Блажевски, Љупчо Апцев, Ѓорѓе Војновиќ, Тони Стеваноски, Пеце Ангелески, Ванчо Ковачки, Гоце Николоски, Сашо Костоски, Сашо Јошески.

По годините на успешни кошаркарски резултати, по осамостојувањето на Македонија, кошарката во Прилеп повторно е во агонија. По згаснувањето на „11 октомври“, во Прилеп постоел само КК „Бончејца“, предводен од Благоја Брсакоски.

Денес во Прилеп постои само машката екипа на „Ултимејт Баскет“, додека женската кошарка е згасната.

Позначајни имиња во прилепската кошарка:

Кирил Каракашоски-Каракаш, успешен кошаркар, одбојкар и фудбалер. Извесен период бил и тренер на женската кошаркарска екипа на „Гоце Делчев“. Тој е еден од првите кошаркарски судии во Прилеп.

Стеван Стевананџија-Цицо (роден 1930), кошаркар на „Гоце Делчев“, „Ударник“ и на „Гимнастичко друштво Прилеп“. Во Скопје играл за „Работнички“ и „Студент“, а во 1953 настапувал за Ветеринарскиот факултет и Универзитетската репрезентација на Белград. Бил тренер и на машкото и женското Гимнастичко друштво во Прилеп.

Кирил Гешоски (роден 1931), долгогодишен стандарден кошаркар на „Гоце Делчев“, „Победа“ и „Ударник“.

Ирина Топличанец, стандардна кошаркарка на првата постава на КК „Гоце Делчев“ од Прилеп.

Драгица Антоска (родена 1931 година), натпреварувачка во кошарка, хазена и одбојка. Долгогодишен член на КК „Гоце Делчев“ и врвен и докажан спортист.

Иванка Томеска (родена 1932), стандарден првотимец во кошарка за Гимназиската екипа, Градската екипа и за КК „Гоце Делчев“. Покрај кошарка, своевремено играла и хазена и одбојка.

1 коментар

  • branko January 19, 2017

    na 24 fotografija e Dragan Brsakoski Brsako, a Ne cicko mu Blagoja

    Respond

Коментирај