1919: Далматински доселеници во Прилепско...

Српската колонизација во прилепско

AГРАРНА РЕФОРМА

Во времето на потпаѓањето на Вардарска Македонија под кралството Србија (Подоцна СХС), 84% од населението било селско, од кои 2/3 биле сиромашни селани, кои од обработката на земјата често не заработувале ни за основна прехрана. Бедните селани најчесто биле исполџии и чифлигари кај големите земјопоседници, на кои им давале 1/2, 1/3 или во најповолен случај 1/4 од приносите на нивите кои ги обработувале.

Во 1919 година кралството СХС донесло одредби за аграрна реформа, со кои се предвидувало да се постигне:
- Произвоство на неискористените комплекси;
- Со колонизација на одземената земја да се донесат напредни земјоделци од северните краишта на земјата;
- Решавање на социјалното прашање на селаните без земја;
- Државата да ја плати одземената земја, која подоцна селаните требало да ја откупат преку разни даноци и давачки.

На овие аграрни реформи противници биле големите земјопоседници и чифлиг-сајбиите, кои твределе дека се најоштетени во војната од 1915 до 1918 година, бидејќи голем дел од приносите им биле одземени, додека на чифлигарите не давале ништо. Најголем противник за овие аграрни реформи бил Јордан Бомбол, кој за решение на новонастанатата состојба предложил да се имаат следните причини:

1. Правни: Според кои спрема законските прописи и тапиите не може да се одземе земјата;
2. Социјални: Според кои чифчиите со реформите ќе изгубат, бидејќи во чифлиците и големите поседи се згрижени и имаат поголема материјална корист;
3. Економски: Дека со раситнувањето на земјата истата помалку се обработува, а додека во големите поседи се добиваат поголеми приноси;
4. Финансиски: Дел од државната земја (околу 300 хектари) не треба да се откупува, туку да се подели бесплатно, додека остатокот треба да се даде:
- За готови пари;
- Продажба преку краткорочни и долгорочни кредити;
- Давање под закуп со право на купување;
- Давање под постојан закуп;
- Давање на заеми за купување на земја.

СРПСКАТА КОЛОНИЗАЦИЈА ВО ПРИЛЕПСКО

Во периодот на српското владеење, колонизацијата во прилепско ја спроведувале: Аграрното одделение при Министерството за аграрна реформа на Кралството на СХС, аграрните заедници и задруги, Врховното поверенство на аграрната задруга во Скопје, аграрното поверенство во Прилеп и Вишиот аграрен суд во Скопје.

Со уредбата за населување на новоослободените територии од 20 февруари 1914 и нацртот за аграрна реформа од 9 мај 1919 година, во Прилеп и прилепско државата населила 304 домаќинства, на кои им е доделена земја. Исто така, доделена им е земја и на 203 тукашни домаќинства. По 10 хектари земја им е доделена на поголем број воени инвалиди и доброволци од Првата светска војна, а на заслужните србомански четници од прилепско, велешко и Порече им се дододелени површини до 20 хектари.

Поранешниот четнички војвода Василије Трбиќ, откако бил назначен за чиновник на аграрната реформа, се зафатил со разделување на претходно одземената земја од Арнаутите и Турците. Со земја во околината на Прилеп се здобиле повеќе негови четници и селани од србоманските села од Порече и велешко. Само во Браилово, каде што поседувал голема површина на земја, се доселиле 12 семејства од Богомила. Исто така, земја добиле или купиле за евтини пари голем број на локални политичари, чиновници, занаетчии, трговци и учители, односно луѓе кои никогаш не обработувале земја. Ваквите земјопоседници ја обработувале земјата со наемни работници или ја издавале под наем на сиромашните селани. Кога бил исцрпен фондот за слободна земја за колонизирање, државата од истите овие шпекуланти, со посредсво на влијателни политичари, ја откупувала земјата по двојно и тројно повисоки цени.

Во прилепско се создадени 24 колонии со доселени колонисти и автоколонисти. Поголеми колонии имало во селата: Заполжани, Големо Коњари, Беровци, Боротино и Лагово. Исто така се формирани неколку колонистички села: Александрово (Славеј), Петрово (Мирче Ацев), Караѓорѓево – кај Мажучиште, Милошево – меѓу Бучин и Светомитрани и Ново Лагово.

Спротивно од аграрната реформа, повеќето т.н „напредни земјоделци“ биле доселени од Далмација и Лика, краеви кои немаат врска со напредното земјоделие. Интересно е да се спомне дека во Александрово (Славеј) биле доселени 50 семејства од далматинското село Отишиќи, кои според нивни преданија сметале дека потекнуваат од Прилеп.

Колонистите и автоколонистите се здобиле со бројни привилегии:
- Бесплатен градежен материјал од државните шуми;
- Право на бесплатен превоз;
- Бесплатно користење на државни и селски утрини и пасишта;
- Ослободување од царина на колонистите доселени од странство;
- Ослободување од плаќање на данок до 10 години;
- Ослободување од плаќање на општински и бановински порези до 5 години.

Во прилепско, поради недостигот на земја, забележан е отпор кон колонистите од страна на староседелците. Во селото Александрово (Славеј) колонистите имале поплаки дека месното население преку ноќ им ги уништува насадите, им ги сече овошките и им ги урива оградите.Но, забележано е и ородување меѓу месните жители и далматинците во прилепско. Василије Трбиќ забележал дека локалните жители не само што се женеле со девојки од своите нови сограѓани, туку со посредство на доселениците се женеле и со Србинки од Далмација.

Со почетокот на Втората светска војна, секретарот на Покраинскиот комитет на КПЈ, Методија Шаторов-Шарло, ја издигнал паролата за создавање на национален фронт со сите противници на големосрпскиот режим и го застапувал ставот за иселување на сите колонисти од Македонија, без разлика дали тие биле продолжена рака на големосрпскиот режим или сиромашни селани. За време на бугарската окупација на Македонија, браќата Јордан и Димитар Чкатров и новосоздадените акциони комитети, потпомогнати од бугарската власт започнале кампања за протерување на српските колонисти од регионот.

По ослободувањето, Методија Андонов-Ченто заедно со Емануел Чучков се спротивставиле на одлуката за враќањето на српските колонисти во Македонија, сметајќи ги за реакционерни елементи и орудие на великосрпскиот шовинизам. Со законот за ревизија на доделената земја на колонистите и аграрните интересенти во НРМ, донесен на 3 август 1945 година од претседништвото на АВНОЈ, колонистите и месните корисници на аграрната реформа го губат правото на сопственост над земјата доделена по овие услови:

- Ако земјата била приватна сопственост на друг земјоделец;
- Ако до доделувањето земјата била обработувана од трето лице, чифчија или закупец;
- Ако не била обработувана или била давана под закуп;
- Ако земјата била сопственост на политички емигрант;
- Ако земјата била добиена како награда за услуги на ненародни режими.

По извршената ревизија, врз основа на законот, доделената земја можеле да ја задржат 1/3 од колонистите. 1.285 колонисти и нивните семејства ја изгубиле земјата во Македонија без право на замена, а 56 семејства добиле замена во Војводина. Народната власт, на сметка на колонистите кои останале во Македонија, населила 1.678 македонски семејства со вкупно 10.325 членови во Војводина.

Нема Коментари

Коментирај