Клепач се наоѓа на крајниот јужен дел на Прилепско поле. Селото е рамничарско, на надморска височина од 590 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 22 км.
Во народот се говори дека селото Клепач е формирано во исто време кога Турците се доселиле во селата Канатларци и Ерековци. Основачи на Клепач биле македонски доселеници од Преспа. Тоа биле родовите: Чукалевци, Крамаровци, Мирчевци, Палашовци, Матевци, Милевци, Гроздановци, Тосковци, Тодиновци, Дераковци и др. За време на турското ропство Клепач било рајатско село. Меѓутоа, жителите го повикале турчинот Сулејман од Битола да ги брани, кој тука основал мал чифлик.
Во XIX век Клепач било село во Прилепската каза на Османлиската империја. Во „Етнографија на вилаетите Адрианопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година и во која е дадена статистиката на машкото население од 1873 година, Клепач (Klépatch) е посочено како село со 37 домаќинства и 167 жители.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија: Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 204 жители, од кои 196 христијани и 8 Роми.
Во почетокот на ХХ век населението било под управа на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Клепач имало 200 егзархисти.
Во 1961 година во Клепач имало 412 Македонци и 20 Турци; во 1994 година 156 Македонци, додека со пописот од 2002 година во Клепач живееле 160 Македонци.
zoki April 8, 2014
Jas imam Klepacka semka po majka familija Stojceski