Кирил Димитров Јанчулев бил офицер (генерал-мајор), началник на Штаб на бугарската војска (6 септември 1944 – 13 септември 1944).
Кирил Јанчулев е роден во Варош во 1896 година. Негов татко бил Димитар Јанчулев, прочуениот просветен и црковен деец, а мајка му била Евгенија Јанчулева, учителка од Прилеп. Кирил учел во Солунската машка гимназија. На 12 март 1916 година го завршил Военото училиште во Софија, бил унапреден во чин потпоручик и зел учество во Првата светска војна како офицер во Шестиот македонски полк на Единадесеттата пешадиска македонска дивизија. На 14 октомври 1917 година бил унапреден во чин поручик.
По војната завршил специјализација во Француската воена академија во Сен Сир. На 30 јануари 1923 година бил унапреден во чин капетан. Подоцна, во текот на 1928/29 година, капетанот Јанчулев држел настава по воена историја во Военото училиште во Софија, по што бил назначен за командир на чета во Пешадиската школа во Трново. На 15 мај 1930 година бил унапреден во чин мајор, а на 26 август 1934 година во чин потполковник. Во 1931 година излегла неговата книга „Руско-турската војна: 1877-1878 година“. Меѓу 1934 и 1939 година бил воен аташе во Париз (1934) и Лондон. Во 1936 година бил началник-штаб на Третата воено-инспекциска област. На 3 октомври 1938 година бил унапреден во чин полковник, а истата година бил назначен за началник на Воената академија.
Во 1940 година, полковникот Јанчулев командувал со 22-от пешадиски полк, а на 26 октомври истата година бил назначен за началник на 3-тата пешадиска балканска дивизија. Една година подоцна, на 11 август, бил назначен за началник на оддел во Штабот на војската. На 16 март 1942 година бил поставен за помошник-началник на Штабот на војската, а на 6 мај 1943 година бил унапреден во чин генерал-мајор. На 11 мај 1944 година бил назначен за началник на кабинетот на министерот на војната, на која позиција бил до 6 септември 1944 година, кога кусо време бил началник штаб на Бугарската армија, но оваа позиција ја напуштил поради влошено здравје. Се пензионирал на 13 септември 1944 година. Во 50-тите години од минатиот век бил репресиран од комунистичката власт и бил затворен во концентрациониот логор Белене.
Генерал-мајор Кирил Јанчулев починал во месец април 1961 година.
Воени чинови:
Потпоручик (12 март 1916)
Поручик (14 октомври 1917)
Капетан (30 јануари 1923)
Мајор (15 мај 1930)
Потполковник (26 август 1934)
Полковник (3 октомври 1938)
Генерал-мајор (6 мај 1943)
Награди:
Воен орден „За храброст“ IV степен, 2-ри клас;
Орден на почесен легион (25 септември 1936).
aleksandar January 13, 2016
sto ovoj napravil za makedonija vojuval protiv makedonija