Кире Гаврилоски – Јане е роден во 1918 година во Прилеп како трето дете во семејтвото на Сава и Алекса Гаврилоски, кои, покрај Кире, ги имаа и постарите деца, Весела и Борка, и подоцна родените, Љубица, Ружа и Загорка.
По завршувањето на четвртата година во Гимназијата во Прилеп, станал трговски помошник и во тој период се вклучил во работничкото движење во Прилеп.
Произведувал јаболка во овоштарникот што го наследил од татко му, а ги продавал дури и во Загреб. Тој празните сандаци кога ги враќал за Прилеп, редовно ги полнел со брошури и книги со револуционерна содржина. Таму се поврзал со прогресивна младина, претежно македонски студенти.
Учествувал активно во демонстрации и протести против тогашниот режим, поради што честопати е прогонуван и апсен. Бил член во одборот на „Црвена помош“ и активно учествувал во прибирање на помош за сиромашните.
Во март 1939 година заминал да служи воен рок од 2 години во Скопје, кој поради почетокот на Втората светска војна не го дослужил.
Во 1941 година станал член на КПЈ, поради што неколку пати бил апсен од бугарските власти во Прилеп.
Гаврилоски како член на КПЈ од таа година активно работел во подготовките на НОВ. На 13 јули 1941 година бил меѓу првите прилепчани кои биле уапсени од страна на бугарската окупациона полиција. Таму бил притворен две недели.
Кога на 11 октомври 1941 година започнало вооруженото востание против окупаторот, во Прилеп следниот ден имало апсења од страна на полицијата при што и Гаврилоски бил уапсен.
Еден месец по излегувањето од затвор, поради атентатот на Коце Ќурчија, Гаврилоски повторно бил уапсен, но овој пат одлежал во Битола.
По пуштањето од затвор, од Месниот комитет добил препорака да дејствува на село. Тогаш го добил прекарот Јане и дејствувал во Поречието. Одвреме навреме одел во Прилеп да реферира, да добива директиви и да испраќа извештаи. Откако во поречките села била воспоставена добра организација, Гаврилоски бил испратен во селата југозападно од Прилеп, во пелагониските села до крушевско и битолско. Одржувал врски со одредот „Димитар Влахов“ и учествувал во борби околу селата Дреновци, Горно Село и Дабница.
Од 16 септември 1942 година преминува комплетно во илегала и дејствува во партизанските одреди.
Во 1943 година станал обласен член на комитетот во Битола. За време на првото ослободување на Кичево, во септември 1943 година, станал секретар на Срескиот комитет во Кичево.
Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година Кире Гаврилоски бил во куќата на Милан Милисавлевски во Прилеп каде остварил средба со Круме Волнароски и со други делегати, со цел да се создаде фронт за ослободување на Македонија. По средбата Гаврилоски и Волнароски останале во куќата, каде што бил состанокот.
Бугарската полиција дознала за средбата и ја опколила куќата. По повиците да се предадат или куќата ќе биде запалена, Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај.
По неколкучасовна борба, од полицијата бил подметнат пожар во куќата.
Волнароски бил погоден на куќниот праг, но Гаврилоски не се предавал и извикувал антифашистички пароли и низ пламените пукал кон полицијата.
Откако ја потрошил муницијата, Кире Гаврилоски се самоубил, а Круме Волнароски бил заробен и на 9 мај 1944 година, по долгото мачење им подлегнал на повредите.
За нивната смрт е обвинета и осудена на смрт Вера Ѕвездова, која ги предала Кире Гаврилоски и Круме Волнароски на бугарските власти. Смртната пресуда на Воениот суд на Битолската воена област над неа е извршена во пролетта 1945 година.
Кире Гаврилоски-Јане е прогласен за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953 година.
Коментирај