13 февруари 1998: Јован Рупкоски и професорот Петар Башески

„Јас сум човек од гума“ – Животот на овчарот Јован Рупкоски

„Јас сум човек од гума“ – Животот на овчарот Јован Рупкоски

13 февруари 1998 година
М-Експрес

Јован Рупкоски живее во своето бачило во Мариово. Таму заедно со неговата жена Каља се борат со волците за да ги зачуваат овците и добитокот. Меѓутоа годините веќе го прават своето, тие имаат се помалку сила за да се соочат со суровите услови за живот

Неодамна бев во срцето на нашето славно Мариово, а таму освен камен, суша и некоја скриена убавина, можеше да се пронајде и некој самотен овчар.
Луѓето од овој крај можат да се избројат на прсти, а повеќето се во поодминати години. Другите-нивните деца одамна заминале во Прилеп, Битола или странство на печалба. Сега навраќаат во својата родна грутка за да ги посетат своите стари родители и да земат по некоја канта сирење. Но што ако се случи старите мариовци да се разболат и да не можат да се движат?

Дали некој ќе им помогне?

СЕ ОЖЕНИВ НА 16 ГОДИНИ

Овчарот Јован Рупкоски го запознав во неговото бачило. Беше утро и ги молзеше овците.
Потоа како и секој домаќин донесе дрвена клупа за да седнам, а на малата масичка постави ракија од диви круши и „солено кисело млеко“ – локален специјалитет.
Од неговата душа најпрвин излетаа следните зборови: „Ќе ми бидеш стројник. Сакам да ја запознаам бабата за која си пишувал“. Јас претџодно го забавував со приказната за една пристара жена од Кратово, која живее сама и исто така чува овци.

Што ќе правиш со Каља?
- Ништо, јас сум решен да одам домазет а Каља (жена му) никако не си ја оставам. со неа живеам 50 години.

На која возраст се зедовте?
- Се оженив на 16 години, а невестата ми ја натурија. Јас на 2 години останав сираче и живеев кај мајката на татко ми. Тогаш живеев во Бешиште, а невестата ми беше сосетка. Таа е постара 7 години од мене.
Се сеќавам кога бев малечок имавме една скала на која јас се искачував, но во еден момент изгубив рамнотежа и почувствував дека паѓам. (Во тој момент неговата жена се впушти во нашиот разговор со хумористичен Итар-Пејовски одговор).
- Беше малечко и го кренав за нога за да го спасам од паѓање.
повторно се огласи Јован…
- Мене ништо не ми е… Ете, ме виде вчера. Паднав од јасика. Јас сум човек од гума.

12-ГОДИШЕН МАЖ

Колку овци и добиток имаш?
- Имам околу 300 овци и 70 грла добиток. Но, не можам да го однесам млекото и сирењето во Прилеп.

Дали имаш деца?
- На ова не можам да ти одговорам.
(Тој духовит човек со голема срдечна душа се расплака како дете. Ронеше солзи, па затоа ја свртев темата на нашиот разговор).

Зошто Мариовците рано се женеле?
- Жената секогаш морала да биде постара и морала да знае многу домашни работи. Ете на пример ќе ти раскажам за женидбата на Џајко.
Тој беше детенце и имаше 12 и пол години. Невестата имаше 24 години и кога му ја носеа на коњ преку соседниот рид тој си играше со децата и беше без гаќи. Но, тој сеуште беше дете и не можеше да си ја заврши „работата“.

Подоцна дознав дека Јован има 68 години, жена му 75 години. Имале 5 деца, од кои само еден син им е жив и живее во Прилеп. Пред две години Каља му била многу болна, а стоката таа година за малку не умрела. Но благодарение на неговиот сосед и голем пријател, професор Петар Башески, кој му донел зоб и друга храна за стоката, таа не умрела преку зимата.
Јован ќе ми остане во долго сеќавање.
Беше многу пријатен, весел и духовит, но никако не сакаше да дозволи да влеземе во неговото царство.
Се срамеше од неговата сиромаштија и од условите во коишто живееше, во камените колипки кои не се променети веќе триста години.

Пишува: Кокан Стојчев

Нема Коментари

Коментирај