Иван Каранџулов , правник и општествен работник од Македонија, истакнат по својата работа во Бугарија. Бил главен обвинител на Врховниот суд во Софија, долгогодишен претседател на Националниот комитет на Сојузот на македонските братства, претседател на „Алијанс Франсез“ во Бугарија.
Иван Каранџулов е роден 1856 година во Прилеп. Основното образование го завршил во Прилеп и откако татко му, Коне Чонин, се иселил во Битола, Каранџулов таму започнал со работа како учител. Од таму заминал за Цариград, каде што дипломирал на Роберт Колеџ, по што се вратил во Битола и продолжил со работата како учител. Соработувал со двата најпознати весници во тоа време: во Цариград кусо време го уредувал весникот „Новости“, а подоцна бил редовен дописник на весникот „Зорница“.
Во македонското револуционерно движење му се приближил на Врховниот македонски комитет, а преку неколку статии во весниците пишувал за Македонија и македонското прашање. Подоцна во Франција дипломирал право. Поради овие негови достигнувања, во Бугарија работел на различни позиции во судството: бил судија во окружните судови, претседател на апелациониот суд, главен обвинител на Врховниот суд. Активно учествувал во јавниот живот на Бугарија и извршувал повеќе должности: бил делегат на Втортата Хашка конференција за мир во 1907 година, учесник на движењето што го поддржува Врховниот Македонско-одриснки комитет, претседател на Исполнителниот комитет на македонската емиграција во Бугарија, бил член во Сојузот на македонските братства и др.
Пописник е на декларацијата од Извршниот комитет на македонските друштва во Бугарија до претседателот на Советот на Друштвото на народите во Женева за создавање автономна Македонија напишана на 22 декември 1920 година во Софија. Исто така, потписник на оваа декларација е уште еден прилепчанец – Никола Дишов (Nicolas Dichcoff).
Бил приврзаник на Тодор Александров и Ванчо Михајлов.
Бил женет со Донка Крајчова, ќерка на Тоне Крајчов од селото Жељава, основач и претседател на жељавскиот револуционерен комитет, подоцна затворен во Дијар Бекир. Ги владеел францускиот и англискиот јаизк, а од англиски на бугарски ги преведувал делата на Шекспир.
Починал на 5 мај 1930 година во Софија.
Коментирај