Илија Миноски - Мината

Илија Миноски – Мината

Илија Миноски – Мината, сликар/акварелист

Илија Миноски е роден во Прилеп, во 1936 година. Неговиот татко Кирил Миноски е еден од основоположниците на современата ликовна уметност во Прилеп.

Матурирал во Училиштето за применета уметност во Скопје во 1960 година, а во 1978 година дипломирал на Педагошката академија во Скопје, отсек за сликарство, во класата на професорите Борко Лазески, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски и Димитар Аврамовски-Пандилов. Од 1962 година работел како наставник по ликовно образование во ОУ „Климент Охридски”.
Реализирал бројни самостојни изложби и учествувал на повеќе групни изложби во различни градови низ Македонија, Србија и Грција. Добитник е на повеќе значајни награди и признанија: наградата на ДЛУП за најдобро ликовно остварување од 1981 година, признание од Културно-просветната заедница на Прилеп за ликовно уметничко творештво во 1985 година, четирикратен добитник на награда за најдобар педагог и специјална награда во Битола и еднаш во Нови Сад, трикратно признание за најдобар акварелист во Бугарија и еднаш во Грција, како и награда за животно дело од градот Прилеп во 2013 година. На меѓународните изложби со своите ученици освоил впечатливи признанија — во Индија три златни, два сребрени и еден бронзен медал, а во Јапонија две златни, еден сребрен и два бронзени медали.

Миноски изградил сопствен автентичен ликовен израз преку експериментирање со многубројните технички можности што ги нуди акварелот. Со брзи и експресивни потези на сликарската четка уметникот создавал вибрантни и енформелни содржини. Неговите студиозни експресивни и колористички интервенции евоцираат некогашни заборавени сеќавања.
Преку слободната игра со колоритот врз сликарската подлога, уметникот неуморно во континуитет творел динамични и впечатливи антропоморфни облици. Со современ уметнички сензибилитет, Миноски ги апстрахирал човековото тело и портртет. Неговиот ликовен и симболичен јазик е создаден од живописни асоцијативно-апстрактни претстави, збогатени со многубројни минуциозни линиски акценти.
Лиричните графицизми спонтано ги обвиткуваат деловите од човечката форма и лик, истовремено облагородувајќи го визуелниот и семиотички израз на уметникот. Длабоката посветеност кон акварелната техника му овозможила на уметникот постојано да го развива и усовршува до највозвишените естетски идеали сопствениот препознатлив ликовен израз. Во текот на долгогодишната кариера, преку акварелната техника, ликовно истражувал разновидни мотиви — од староградската прилепска архитектура и пејзаж до разни апстрахирани и симплифицирани актови и портрети.

Почина на 10 декември 2020 година.

1 коментар

  • Звонко March 29, 2013

    Мината е еден од најценетите и најквалитетните сликари не само во Прилеп туку и во цела Македонија. Признат е преку негови уметнички дела на кои се гледа неговиот навистина редок талент. Кога би бил роден и би живеел во некоја западна земја би бил познат и скап уметник. Да ги цениме нашите блага, да бидеме свесни за тоа што поседуваме тука на нашето тло. Би било многу добро ако се организира една негова изложба.

    Respond

Коментирај