Грбот на ВМОРО.

Илија Балтов

Илија Димитров Балтов , со псевдоними Абрицки и Урин, е македонски просветен деец и револуционер, деец на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.

Балтов е роден во 1877 година во Прилеп. Во 1895 година ја завршил Солунската машка гимназија и станал учител во Прилеп, а подоцна во Битола. Се присоединил кон ВМОРО уште како ученик. Во 1902 година бил испратен од ВМОРО во Неврокоп, за да ја зацврсти организацијата во реонот. По решение на Серскиот окружен комитет на ВМОРО, Балтов две години бил учител во Мелничкото класно училиште (1904-1906).

За време на Илинденско-преображенското востание участвува во четничките акции. На Првиот конгрес на Серскиот револуционерен округ во 1905 година бил избран за член на окружниот комитет. Во септември 1905 година бил пратеник на Рилскиот конгрес на организацијата.

По Младотурската револуција во 1908 година участвувал во четата на Јане Сандански при походот кон Цариград како поткрепа на младотурците. Истата година заминал за Швајцарија и завршил историја во Женевскиот универзитет. Во 1912 година се вратил во Неврокоп и се вработил како учител.

Во 1914 година завршил историја во Софискиот универзитет и повторно учителствувал во Неврокоп, Златна Панега и Бургас. По војните Балтов бил прв директор на Неврокопската гимназија, која била отворена во 1920 година. Во 1922 година се преселил во Софија, каде што починал во 1928 година.

Балтов е сопруг на револуционерката и просветна работничка Анастасија Балтова.

Нема Коментари

Коментирај