Ицко Патоски од Прилеп сам изработи виолина

Ицко Патоски од Прилеп сам изработи виолина

Ицко Патоски од Прилеп сам изработи виолина

(„Нова Македонија“, 1957 година)

Ицко Патоски од Прилеп музиката ја има засакано уште како дете. Бил уште мал кога почнал да свири на виолина. Почнал прво да свири „обично“, а кога отишил при некој учител по пеење, почнал да свири на ноти.
- Јас не сакам чалгаџија дома – говрел татко му.

Но желбата на Ицко да свири била јака и тој сепак продолжил скришно да свири. Кога станал повозрасен, татко му увидел дека неговите настојувања се напразни.

И денеска Ицко Патоски свири. Тој учествува во оркестарот при локалната радио станица во Прилеп. Малкумина знаат дека тој свири на своја виолина, што самиот ја има направено. А таа не се разликува од другите – фабрички виолини.

Веќе десетина години овој љубител на инструменталната музика се бави и со поправка на музички инструменти. Им го запознал срцето на инструментите и сите од градот кај него ги носат расипаните инструменти на поправка.

Старата виолина веќе дотраја и неа Ицко ја стави во расход. За тоа тој намисли да направи нова, бидејќи немаше пари да купи фабричка.

Тоа беше во 1950 година, кога почна да го делка дрвото. Немаше никаков алат. Но, некако се снајде и под скелето за сушење тутун во дворот на својата кѕќа, делкајќи цела година направи калап, а потоа – виолина. Никој не веруваше дека Ицко ќе успее сам да направи таков деликатен инструмент, како што е виолината. Но, сепак, тој успеа. И денеска тој успешно свири на својот сопствен инструмент, што сам, со примитивни средства го изработи. Во утробата на виолината не стои името на фабриката, туку „Рачна изработка од Ицко Патоски, број 1, 1950 година, Прилеп“.

Тоа му е прва виолина што ја има сам направено, а како што изјави, ќе направи уште. Покрај ова, Ицко има направено и гитара, а наскоро ќе отпочне со изработувањето на две нови виолини, за кои веќе има добиено материјал од Белград. Исто така се припрема да направи и контрабас.

Ицко Патоски на прилепчани веќе не им е познат само како добар мајстор на својот музички инструмент, туку и како мајстор за изработка на музички инструменти.

П. Поповски

Нема Коментари

Коментирај