Некрополата Грамада кај Три камна

Некропола Грамада под три Камна (Старо Бонче)

Локалитетот Грамада под три Камна се наоѓа на околу 500 метри североисточно од монументалната гробница на локалитетот Павла Чука. Се работи за некропола од неколку издолжени тумби, на чија површина се забележуваат групи од поголем и помал камен. Систематски истражувања на овој локалитет се извршени во годините 2010 и 2011 и со нив се истражени 12 гробови.

Работено е по принцип на сондажно ископување, при што се пронајдени гробни конструкции со квадратна форма, добиена со вертикално поставување на камени плочи. Квадратниот простор оформен со камените плочи бил исполнет со мали аморфни камења, слој под кој се евидентирани правоаголни гробни корита, вдлабени во карпа–плазика, основа на конструкциите. Поради неприсуството на остеолошки остатоци, а присуството на поголеми керамички садови, изведен е заклучокот дека покојниците од оваа некропола биле погребувани со кремација. Според останатите движни наоди пронајдени во гробовите, повеќето гробови (од 1 до 9) се датирани од VI до IV век п.н.е.

Како гробен инвентар во нив се пронајдени орудија од железо, пар чунести сребрени обетки со гранули, профилирана глава од бронзена игла, глава од бронзена игла од „пелопонески тип”, лентеста белезица од ребрест бронзен лим и фрагментирана бронзена фибула од „малоазиски тип“.

Овој простор бил користен за погребувања и по IV век п.н.е, односно во римскиот период. Гробовите од римскиот период се со различна конструкција. Се работи за гробни јами вкопани во карпа–плазика и покриени со масивни камени плочи. Од сите 12 гробови, најбогат со гробни дарови е гробот 10, кој се датира во 4 век п.н.е. Гробот 10 од некрополата на локалитетот Грамада под три камна има трапезоидна форма и е ориентиран од југоисток кон северозапад. Димензиите на овој гроб се: 1,75 метри должина и 2,75 метри ширина надворешно и 0,25 метри 0,35 метри ширина и 1,60 метри должина внатрешно. Длабочината на гробот не е рамномерна и варира од 40 сантиметри до 65 сантиметри. Гробот 10 е најбогат со гробен инвентар од досега истражените на некрополата.

Бронзената фијала пронајдена во гробот 10 од локалитетот Грамада под трикамна има дијаметар од околу 14 сантиметри со претстава на палмета од внатрешната страна. Ова е единствениот наод од ваков тип до сега пронајден на територија на Македонија. Ова е мал куриозитет, знаејќи дека овие садови се користеле на големо и биле неопходен елемент при извршување на либација, ритуал на сипање течна жртва кај народите од егејскиот културен свет, а подоцна и кај Римјаните. Само за илустрација ќе наведеме дека во т.н трезор од Рогозен, Бугарија,пронајдени се дури 108 фијали.

Течната жртва, најчесто вино или вино помешано со вода, се истурала во фијалата од сад–оинохое, најголемиот дел од жртвата се истурал на земја додека остатокот го допивал оној кој ја принесувал. Овој ритуал во античка грција се практикувал секојдневно, пред оброк, борба или прослава. Накитот не е невообичаена појава помеѓу гробниот инвентар на археолошките локалитети. Во овој случај станува збор за бронзен прстен на кој е престставен маж кој крева (најверојатно) дете. Повозрасната личност на главата носи капа која наликува на „петасос“, шешир за заштита од сонце, за кој се смета дека потекнува од Тесалија. Појасот околу неговата половина би можел да има двојна улога, освен како вообичаен појас, се чини дека овде служи и за прицврстување на детето кон грбот на повозрасниот човек, како вториов би можел слободно да се движи со малото дете на грб.

Фибулата пронајдена во гробот 10, изработена е од сребро и припаѓа на фибулите од „малоазискиот тип“, додека пронајденото копје, односно неговиот врв е изработен од железо. Според бројот и карактерот на наодите од гробот 10, споредено со другите гробови, може да се претпостави дека во него е погребана личност со повисок општествен статус од останатите покојници погребани на некрополата.

Некрополите Грамада под три Камна и Грамаѓе, кои се во склоп на археолошкиот комплекс Висока–Старо Бонче, не се изолирана појава на нашата територија, како во однос на хронолошката рамка во која се користени, така и во однос на гробните конструкции кои на нив се пронајдени. Од она што нам ни е познато, географски најблиска некропола им е Црквиште, на два километри од истоименото село, а на 16 километри северно од Битола. На оваа некропола музејот на град Битола има истражено 70 гроба, со хронолошки распон од крајот на VI до средината на на III век п.н.е. Не сите гробови биле исто ориентирани, а се разликувале и според димензиите и самите гробни конструкции. Забележано едека покојниците од архајскиот и класичниот период биле кремирани.

Некропола од истиот период е истражувана и во Демир Капија. Кај гробовите од V и IV век п.н.е на демиркаписката некропола, се разликуваат два типа на гробни конструкции. Првиот тип е опишан како рудиментирана форма на архајските цисти, изведени од големи камени плочи, делумно обработени. Кај некои дното било поплочено а кај други пак, била оставена само една камена плоча на која се оставале гробните прилози. Кај вториот тип, гробовите биле изведени во вид на венец од камења. Најчесто покојникот, или неговите останки биле положувани директно на земја, но некогаш дното било покриено со слој од речен камен. По положувањето на покојникот, гробовите биле засипувани со земја, врз која се оставале по неколку камења. Интересно е тоа што во овие два типа на гробни конструкции, погребувањето било извршувано и со кремација и со инхумација, односно начинот на погребување не влијаел при изборот на гробната конструкција.

Нема Коментари

Коментирај