Графичките листови или народски кажано книжните икони се пронајдени при конзерваторските работи на таванот на црквата “Св. Димитрија” а дел при интервенција на кровната конструкција на црквата “Св. Благовештение” во Прилеп.
Графичките листови потекнуваат главно од светогорските манастири „Зограф“, „Хиландар“, „Ватопед“ и „Иврион“ и на нив се претставени чудотворни ликови на светители, религиозни композиции и самите манастирски комплекси. На самите листови се наоѓаат имињата на авторите и нарачателите, меѓу кои имало и видни луѓе од Македонија, а понекогаш на нив се наоѓа и опис и легенда поврзана со графиката.
Во 18 и 19 век православното население од Балканскиот Полуостров најмногу податоци за Света Гора, светогорските манастири, култовите на светителите и чудотворните икони добивало токму преку графичките листови.
Овие „Книжни икони“, како што биле нарекувани во овој период, ги носеле монасите од Света Гора, кои преку Халкидик, Тракија и Бугарија доаѓале во Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и фрушкогорските манастири.
Иконите биле изработени од монасите Кирил Захарој, Партени од Закинтос, Орфеин и Антим од Пелопонез. Книжните икони биле печатени во Света Гора, Рилскиот манастир и во печатницата на Антонио Бартоли во Венеција, Виена и Ерусалим…
Основоположник на балканската графика е македонскиот зограф и графичар Христифор Жефаровиќ, кој потекнувал од свештеничко семејство од Дојран. Бил искусен зограф, а техниката на бакрорез ја изучил во Виена. Неговите бакрорези биле присутни во сите светогорски манастири.
Во 1748 година ја изгравирал иконата Богородица, а од овој период е и графиката со претстава на Свети Наум Охридски, изработена во соработка со виенскиот гравер Тома Месмер.
За ова културно богатство досега имаа можност да дознаат и жителите на Њујорк, Риека и Нови Сад.
Коментирај